УЈП: Граѓаните електронски да се регистрираат на системот за е-персонален данок


Скопје, 12 септември, 2018 - 13:30 (META) 

Сите физички лица кои во текот на 2018 година имаат остварено приход, вклучувајќи и оние што примиле само плата и пензија, треба електронски да се регистрираат во Управата за јавни приходи на системот Е-персонален данок, велат од таму.

УЈП ги повикува граѓаните тоа да го направат поскоро и да не се чека крајниот рок 31 декември 2018 година.

Обврска за регистрација во системот имаат сите физички лица кои оствариле приходи по кој било основ – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход заради прием на пополнетата годишна даночна пријава што од 1 јануари 2019 година ќе ја доставува УЈП.

Физичките лица ќе треба електронски да се пријават на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Откако електронски ќе се пријават на системот потоа си ги потврдуваат податоците во УЈП.

Пополнетата годишна даночна пријава преку електронскиот систем УЈП треба да ја достави до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година, а граѓаните ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците од пополнетата даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година. Во електронскиот систем досега се регистрирани 13 илјади граѓани.


УЈП ќе ги гледа само приходите, странските дознаки нема да се оданочуваат


Скопје, 15 август, 2018 - 16:28 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) и сега, со писмено барање, добива увид во приливите на сметките на граѓаните, а со измените на законот за банките тоа ќе го има автоматски на располагање. Но, нема да може да ги следи автоматски исплатите од сметките на граѓаните, а ако сака такво нешто, ќе мора да поднесе писмено барање.

Со такво образложение за новиот Закон за банките излезе денеска Министерството за финансии (МФ), појаснувајќи дека со законските измени повторно исто како досега ќе се третираат приливите од странство, односно странските дознаки, како подароците и помошта во пари, но и личните трансфери – од една на друга сметка на граѓанинот, нема да се оданочуваат и во иднина, исто како што е случај сега.

МФ и УЈП денеска одржале состанок со Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките, при што се договориле да се прецизираат овие одредби во новиот текст на Законот. УЈП ќе биде известувана за секоја уплата, оти тоа е потребно за изготвување на даночните пријави на граѓаните, велат од МФ.

„Управата и со постоечкиот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање. Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не и се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава“, стои во соопштението.

Податоците кои ќе ги добива УЈП ќе бидат „енкриптирани“ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните.

Промените ќе стапат на сила од почетокот на 2019 година, бидејќи се неопходни за да стартува процесот на претпополнета годишна даночна пријава, односно УЈП да прави пресметки и даночна пријава, а потоа да ја даде на увид на граѓанинот и тој да изврши корекција, ако има потреба од тоа.


Дирекцијата за заштита на личните податоци е против увидот на УЈП во сметките на граѓаните


Скопје, 14 август, 2018 - 11:11 (META) 

Дирекцијата за заштита на личните податоци е против увидот на Управата за јавни приходи (УЈП) во сметките на граѓаните, информираат тие преку соопштение.

Во него велат дека уште на крајот на мај годинава тие дале негативно мислење, дека предложените измени на Законот за банки не се усогласени со Законот за заштита на личните податоци.

„Предложените законски решенија не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци (особено начелото на пропорционалност и неопходност), утврдени во член 5 став 1 од Законот за заштита на личните податоци. Предложените нови законски решенија, кои се однесуваат на УЈП, создаваат таканаречен „bulk pull” систем со кој не се обезбедува пропорционално и неопходно собирање и обработување на личните податоци. Односно, се овозможува преобемно и неограничено обработување на лични податоци, а кои лични податоци по својот обем не се неопходни во однос на исполнување на целите заради кои се обработуваат според начелата за заштита на личните податоци утврдени во член 5 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Законот за заштита на личните податоци“, се додава меѓудругото во соопштението.

Од таму велат дека во февруари годинава одржале состанок со Македонската банкарска асоцијација и со УЈП, и уште тогаш кажале дека претходно ќе бидат неопходни измени и на Законот за УЈП, со кои ќе се утврдат заштитни мерки за правата и слободите на физичките лица.


Заев: Нема ништо недемократски ако државата се подготвува да си ги наплати даноците


Скопје, 13 август, 2018 - 15:07 (META) 

Државата нема аспирации да навлегува во детали на трошењето на парите на граѓаните, но во делот на приходите, многу демократски земји имаат увид во приходот кој што го остваруваат даночните обврзници.

Ова денеска го одговори, премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со можноста УЈП да има увид во банкарските сметки на граѓаните.

„Даночната евазија во Македонија е голема и тоа најчесто е присутна каде што има најмногу приходи, кај побогатиот слој на населението. Конечно создадовме систем, преку поврзувањето со банкарскиот сектор УЈП да има увид во приходите кои што се цел на оданочување од страна на државата. Апсолутно тука нема ништо недемократски, а и до сега државата преку одредени институции можела да направи увид во некои сметки. Апелирам до граѓаните да нема никаква стравови, се работи за подготовка на државата во извршување на државата да ги наплаќа даноците“, вели Заев.

На прашањето дали ќе се оданочуваат приливите кои стигнуваат од иселениците, Заев рече дека мора да биде кристално јасно дека ќе се оданочува само оној приход кој е заработка.

– Она што е помош на семејствата од своите од надвор, тоа не е цел на оданочување согласно законите на Македонија. Ако некој има приход од странство затоа што работел и заработил во странство или направил некоја интелектуална услуга во странство, тоа е приход кој што се оданочува. Дотациите и донациите кои што нашинците ги испраќаат на нашите сограѓани нема да се оданочуваат – вели Заев.

Во врска со измената на предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за банките, пред неколку месеци реагираа и од Македонската банкарска асоцијација дека предложените измени и дополнувања се несоодветни и претставуваат директно навлегување  во приватноста на граѓаните и заштита на нивните лични податоци.

„Со проширување на листата на корисници на податоците кои се банкарска тајна особено на податоци кои не се специфицирани и неопределени, директно се влијае на суштината на банкарската такна која е една од основните фактори на довербата на граѓаните во банкарскиот систем. Имено, увид во трансакциски сметки на клиент претставува директна повреда на неговата приватност, навики, начин на живеење, со што може да се направи непоправлива штета доколку податоците бидат доставени до трети неовластени лица или бидат објавени во јавност. Ова може негативно да влијае на довербата на граѓаните во банките и штедењето која макотрпно се гради последните 20 години“, се вели во дописот на МБА.

Од таму бараа предлог-законот да биде ставен на поширока и подолготрајна јавна расправа со цел целосно разгледување на сите аспекти и ефекти од неговата примена.

За Лилјана Пецова Илиеска, експерт со долгогодишно искуство во заштита на личните податоци, со предложените измени на Законот за банки се постигнува и друга цел, освен онаа која се доставува во текстот поставен на ЕНЕР, бидејќи вклучува и овозможува пристап и до друг орган освен УЈП. Иако тоа е ограничено во рамки на надлежноста на Царинската управа, сепак останува како перцепција дека се проширува опсегот на органи кои ќе имаат малку посеопфатен пристап до банкарските информации.

– Не се работи само за тоа кој сè ќе има пристап до податоците на граѓаните. Прашањата што треба да се постават се всушност прашања и одговори како низа на процеси и процедури кои ќе треба УЈП да ги изготви за да бидат сигурни граѓаните дека нивните лични податоци се сигурни.
При собирање на податоците, односно достава до УЈП, кој е безбедносниот канал за проток на банкарските информации? Kако е обезбедена заштитата на личните податоци и нивна обработка заради спречување на потенцијален директен маркетинг, или пак продажба на трети лица на податоци добиени при анализа? Како ќе се избегне можноста за вкрстување на бази на податоци при ваков опсежен формат и обем на личните податоци – прашува Пецова Илиеска.

Според неа, малку е непрофесионална изјавата на директорката на УЈП дека ако досега немало злоупотреба од страна на државните службеници дека нема потреба од загриженост.

– Тие одговори сепак треба да ги даде судската пракса во државата и секако Дирекцијата за заштита на личните податоци со оценка за степенот на усогласеност на системот за заштита на личните податоци на УЈП, односно Царинска управа со постоечките законски одредби. Исто така, треба да се имаат предвид и обврските кои произлегуваат од Законот за заштитана личните податоци и апелирам да се усвојат и измените на законот за ЗЛП за што поблиско усогласување со ЕУ регулативата – вели Пецова Илиеска.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска уверуваше дека податоците на граѓаните се заштитени.

– Личните податоци на граѓаните се сигурни, загарантирани и заштитени. Користењето на податоците низ една ваква законска и сигурна процедура е императив за да може Управата за јавни приходи да издава однапред пополнети годишни даночни пријави кои граѓаните само ќе ги потврдуваат. Издавањето на пополнетите годишни даночни пријави е дел од реформата за поедноставување на постапките за плаќање на персоналниот данок на доход, која Управата за јавни приходи ја спроведе со користење на средства од ЕУ, ИПА – фондовите – рече Лукаревска.


Бошњаковски: УЈП ќе добие 39, МВР 50 вработени според Рамковниот договор


Скопје, 1 август, 2018 - 11:40 (META) 

Според списоците што се сега изготвени, од групата од 958 вработени според Рамковниот договор што не одеа на работа одреден број веќе се прераспределени на работни места, а според списоците, некои институции наскоро ќе добијат нови вработени од оваа група, објасни портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, известувајќи за детали од вчерашната 82-седница на владиниот кабинет.

Како што објасни тој, во УЈП треба да се прераспределат 39 лица, во Агенцијата за вработување 13, во Агенцијата за катастар на недвижности 18, а во Државниот завод за ревизија 11. Во јавното обвинителство ќе бидат примени 26 лица кои примаа плата според Рамковниот договор, во Клиничка болница Тетово 28, во МВР 50 а во Министерството за правда, односно во Управа за водење матични книги 20 лица.

На новинарско прашање колку вкупно лица кои биле вработени според Рамковниот договор сега редовно одат на работа, Бошњаковски не кажа точна бројка и најави дека наскоро ќе биде соопштенн тој податок.


УЈП ја објави новата листа на должници


Скопје, 12 јули, 2018 - 11:46 (META) 

Управата за јавни приходи ја објави најновата листа на должници брoj седум, за долгови доспеани до 31 март и неплатени до 30 јуни по основ на данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

На листата на должници објавени се 2.069 правни лица и 1.812 физички лица. Вкупно објавениот нето-долг изнесува околу 164 милиони евра, што е повеќе за 1,5 милиони евра од претходната листа.

На листата се најдоа и голем број јавни претрпијатија и државни компании помеѓу кои „Македонија пат“ (383 милиони денари), „Еурокомпозит“ (129 милиони денари), „Македонската радио телевизија“ (101 милион денари), „МЖ-инфраструктура“ (36 милиони денари), Општина Карпош (32 милиони денари).


ССК и УЈП заеднички ќе се борат против нерегистрираните бизниси


Скопје, 11 јули, 2018 - 16:43 (META) 

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) денеска потпишаа Меморандум за соработка за заеднички да се координираат за регистрирање на субјектите кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција

Меморандумот за соработка помеѓу институциите го потпишаа претседателката на ССК, Данела Арсовска и директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Неформалната т.е сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во повластена положба во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција“, изјави Арсовска.

Таа појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.

Анализите на ССК покажаа дека оние кои работат без фирма во старт се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми, поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица, наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени пониски и до 50 проценти, кои, регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки, не може да ги постигне.

Според извештајот на ОЕЦД во Македонија има 25 отсто учество на сивата економија во вкупната економија, а што се потврди и во извештајот на ЕУ во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.


Лукаревска: Неиздавање на фискални сметки, најчеста злоупотреба откриена од УЈП


Скопје, 31 мај, 2018 - 12:43 (META) 

Неиздавањето на фискални сметки и сомнителното сторнирање на сметките се најчестите злоупотреби што ги открила Управата за јавни приходи (УЈП) во последните контроли што ги спровела во периодот од 19 април до 22 мај годинава.

– Најчести неправилности утврдени со контролите се неиздавање фискални сметки, односно користење на компјутерски сметки/маркери како замена на фискални сметки, непоседување на резервен фискален систем на опрема, непоседување и неевидентирање на податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна смедководствена книга, неусогласен промет, односно разлика на готовински промет во каса и евиднетиран промет преку фискален систем на опрема – рече на прес-конференција, директорката Сања Лукаревска.

Таа информираше дека од контролираните 311 објекти мобилните екипи на УЈП  откриле неправилности во работењето кај 108 објекти низ целата државата.

Од почетокот на годината, од контролирани 3.086 објекти констатирани се неправилности во работењето кај 362 објекти, од кои 98 се во Скопје, а само еден во Делчево.

Со контролите биле опфатени хотели, ресторани, сендвичарници, барови, пицерии, автомеханичари, вукланизери, продавници за атоделови, салони за убавина, фризерници, цвеќарници, продавници за облека и манифестации што ги организрираат општините.

Лукаревска најави дека наскоро УЈП ќе спроведе кампања за покревање на свеста на граѓаните да бараат, а фирмите да издаваат фискални сметки, како и дека летово ќе се зголемат контролите во туристичките агенции и летните фестивали.


МЗШВ: Петте нови закони носат придобивки за земјоделците


Скопје, 3 мај, 2018 - 15:54 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска порача дека петте закони од област на земјоделството што вчера беа изгласани од Собранието, ќе донесат бројни придобивки за земјоделците и дополнителна заштита на нивните интереси.

Станува збор за законите за земјоделство и рурален развој, за ловство, за рибарство и аквакултура, за консолидација на земјоделско земјиште и за семенски и саден материјал за растенија.

Според министерството, со измените на Законот за земјоделско земјиште се официјализира мерката за кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација.

„Над 54.000 земјоделски стопанства кои имаат евидентирано земјоделски површини во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, ќе имаат поевтино гориво за механизацијата. Со мерката драстично ќе се намалат производствените трошоци. На овој начин во земјоделството остануваат над пет милиони евра“ стои во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за популарно нареченото ветување „зелена нафта“.

Дополнително, со овој закон се одложува обврската за подмирување на обврските кон УЈП како услов за исплата на субвенциите.

„Оваа измена е важна за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, која ќе започне месецов. Во Платежната агенција веќе се обработуваат поднесените барања за зголемените субвенции за тутун“, соопштија од МЗШВ.

Со измените и дополните на Законот за  консолидација на земјоделско земјиште, ќе се овозможи започнатиот проект за окрупнување на земјоделското земјиште.

Измените и дополнувањата на Законот за семенски и саден материјал за растенија, пак, според министерството, ќе овозможат заштита на националните автохтони сорти на семе и саден материјал за растенија.


„Лов на вештерки“ ја документира војната на ВМРО-ДПМНЕ со граѓанските организации


Скопје, 28 март, 2018 - 20:32 (META) 

Периодот од декември 2016 до мај 2017, кога власта на ВМРО-ДПМНЕ презеде низа акции за притисок кон 23 граѓански организации преку вонредни инспекции од Управата за јавни приходи (УЈП) и истраги од Јавното обвинителство, МВР и Финансиската полиција на Република Македонија, отпочнати од Антикорупциска комисија, е тема на новиот документарец на Телевизијат 24.

„Лов на вештерки“, детално, преку изјави на раководни лица на некои од граѓанските организации ја отсликува голготата на невладините, меѓу кои и на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во офанзивата во која се вклучија и медиумите блиски до тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

– Речиси секоја недела имавме луѓе од УЈП, или тука или кај нашиот сметководител. Се обидоа преку медиумите и институциите да создадат конфузија и слика дека граѓанските организации се непријатели на државата – вели извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Дури во 13 од организациите, влегла и Управата за финансиска полиција, истражувајќи текови на пари од УСАИД.