Управата за финансиска полиција, заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи спроведуваат засилени и сеопфатни контроли за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето со храна и горива, информираат од Владата на РСМ.
„Инспекциски контроли на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти и на правните субјекти кои вршат трговија на мало и големо со нафтени деривати на територија на целата држава се спроведуваат со цел да нема застој во снабдувањето со прехранбени производи, овошје, зеленчук, енергенси и да не се создава паника кај потрошувачите“, се наведува во владиното соопштение.
Од владата велат дека контролите се сеопфатни и се делува пред сé кај дистрибутивните центри, односно трговците на големо и оние маркети кои имаат сопствени магацини и дистрибутивни центри од каде што се преземаат производите.
„На овој начин ќе се надминат сомнежите дека не се дополнуваат рафтовите со производи, иако ги има на залиха и токму затоа се прават контроли во дистрибутивните центри на големо. Владата апелира дека во овие услови никој не смее да профитира на грбот на граѓаните“, информираат од Владата на РСМ.
Тие додаваат дека со излегувањето на терен и засилените контроли веќе се нормализира состојбата. Храна, гориво и енергенси има доволно.
„Граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Државата е подготвена да одговори на сите предизвици поврзани со кризата“, информираат од Владата на РСМ.