„Порталб“ анализа: Колкави ќе бидат платите в година во агенции, регулатори, државни комисии?

Фото: Порталб

На некои од агенциите, регулаторните тела, државните комисии в година ќе им се зголемат буџетите за исплата на плати, а на некои, пак, ќе се намалат. „Порталб“ во две продолженија ќе објави споредбена анализа за висината на бруто платата по вработен в година, во однос на годинава.

Во некои институции пад, во други раст на платата

Во Оперативно техничката агенција (ОТА), една од институциите значајна за безбедноста во државата, просечната бруто плата в година ќе се зголеми за 7.400 денари и ќе достигне 119.900 денари. Во оваа институција работат 26 вработени. Раст на бруто просекот ќе има и за 46 вработени во Уставен суд, каде што во 2023 година ќе изнесува 88.768 денари, што е повеќе за 5.300 денари во однос на годинава.

Една од институциите со повисоки плати е Државниот ревизор. В година, просечната бруто плата ќе се зголеми за околу 500 денари и ќе изнесува 81.121 денар. Просечната месечна бруто плата во Државната комисија за спречување на корупцијата догодина ќе изнесува скоро 73.000 денари, а зголемување ќе има и во Државната изборна комисија со просечна бруто плата од 52.900 денари.

Зголемување на месечната бруто плата на ниво од скоро 58.900 денари има и кај Претседателот на државата, каде што догодина бројот на вработени во однос на годинава ќе се намали за тројца и ќе изнесува 62. Догодина повисока бруто плата за 2.600 денари е пресметана за Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Во АНБ, бројот на вработени ќе се намали на 377, а бруто платата е проектирана на 78.381 денар.

Раст на просекот на бруто платата по вработен од околу 4.000 денари ќе има во Агенцијата за заштита на лични податоци и таа ќе достигне 50.000 денари, при што бројот на вработени е предвидено да се намали за двајца. Во Агенцијата за заштита од дискриминација со 17 вработени, просекот ќе се зголеми на 76.570 денари, за 4.700 денари ќе се зголеми бруто просекот на 49.300 во Агенцијата за примена на јазикот со 36 вработени.

Намалување за 1.000 денари има кај просечната бруто плата во Агенцијата за разузнавање со 242 вработени. Догодина просекот таму ќе изнесува 84.252 денари, што е еден од повисоките во рамки на државните институции. Позначајно намалување за 10.000 денари има кај просечната бруто плата на вработените во Регулаторната комисија за домување каде за осуммината вработени, просекот на платата ќе изнесува 73.854 денари.

Раст за 2.600 денари има и на просекот на бруто платите во Дирекцијата за заштита и спасување, каде до година ќе достигнат ниво од 45.150 денари, а за 2.600 денари ќе се зголеми и бруто платата во Центарот за управување со кризи, на ниво од скоро 45.000 денари.

Се зголемува и буџетот за плати за 1.037 вработени во Управата за извршување санкции, која ги опфаќа затворите и воспитно-поправните установи. Догодина просечната бруто плата ќе изнесува 51.143 денари, со зголемување за околу 400 денари во однос на годинава. Платите ќе се зголемат и во Управата за водење матични книги за 4.000 денари и догодина просечната бруто плата ќе изнесува 35.750 денари.

Во Управата за јавни приходи со 1.036 вработени просечната бруто плата догодина ќе се зголеми за 6.300 денари и ќе достигне 57.348 денари. Во Царинската управа со 1.241 вработен просекот на бруто платата ќе се зголеми за нецели 1.000 денари и ќе изнесува 56.480 денари. За 5.500 денари ќе се зголеми просекот на бруто платата во Управата за финансиска полиција со 69 вработени и ќе достигне 66.883 денари.

И во дел од инспекторатите планиран е раст на бруто платата. Така, во Инспекторатот за употреба на јазиците со 18 вработени, платата ќе изнесува 52.040 денари, за 5.720 денари се зголемува просекот во Државниот инспекторат за животна средина каде бруто платата ќе изнесува 71.090 денари. Со растот за 5.000 денари, просекот во Државниот инспекторат за транспорт ќе биде 62.571 денар.

Во Државниот девизен инспекторат со 8 вработени догодина просечната бруто плата ќе се намали за околу 10.500 денари и ќе изнесува 53.354 денари, a намалување има и во Државниот инспекторат за техничка инспекција со бруто плата од 57.440 денари.