Лукаревска се закани на компаниите што нема да го платат солидарниот данок

Инаку, како што соопшти Лукаревска на прес-конференцијата, највисокиот бруто доход остварен од физичко лице во минатата година изнесува 446 милиони денари, односно над 7.252.000 евра

Сања Лукаревска, фотографија од службениот Фејсбук профил

На 24 ноември, Управата за јавни приходи (УЈП) ќе ги блокира сметките на компаниите што дотогаш не го платиле данокот на солидарност, што беше воведен помалку од месец. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, објасни дека на 6 ноември ќе бидат испратени опомени, а сметките на неплаќачите ќе бидат блокирани на 24 ноември.

Како што објасни Лукаревска, компанија ќе може да го одложи плаќањето на данокот на солидарност до крајот на годината, но само ако достави банкарска гаранција или направи залог на движен или недвижен имот.

Од данокот на солидарност досега се собрани околу 36 милиони евра.

Бројката на компании и јавни претпријатија што не го платиле данокот за солидарност изнесува околу 50.

Инаку, како што соопшти Лукаревска на прес-конференцијата, највисокиот бруто доход остварен од физичко лице во минатата година изнесува 446 милиони денари, односно над 7.252.000 евра. Приходот го пријавил неименуван скопјанец и на него платил данок.

Највисоката годишна бруто плата во 2022 година заработена во земјава била исплатена, исто така, на граѓанин на Скопје. Тој во дејноста трговија на големо со производи од тутун добил 144 милиони денари бруто плата, односно 2.341.463 евра и изнесува 144 милиони денари, покажуваат податоците што ги објави денеска на прес-конференција Управата за јавни приходи.

На списокот на првите 10 лица со највисоки примања има адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на амбалажа од хартија.