fbpx

Контраспин: Не дај боже да задоцни платата на Бујар, како ли ќе ни преживее министерот?!

Кога министерот со примања меѓу 2.000 и 2.500 евра, а заедно со сопругата меѓу 3.000 – 3.500 евра, е загрижен дека ќе треба да се задолжи, што да кажат оние со минимална плата – околу 350 евра, особено ако е една плата во семејството

-

Најмалку кој треба да се жали и да говори за преживување е еден министер, функционер повеќе од 15 години. Изјавата на Османи е несмасна, неумесна, просто човек да се почувствува непријатно поради „туѓиот срам“. Таа прозвучува крајно нефер, посебно кон луѓето на кои постојано им доцни платата, а некои воопшто и не ја добиваат со месеци. Кога министерот со примања меѓу 2.000 и 2.500 евраа заедно со сопругата меѓу 3.000 – 3.500 еврае загрижен дека ќе треба да се задолжи, што да кажат оние со минимална плата – околу 350 евра, особено ако е една плата во семејството. Османи можеби сака да се претстави како „мачна душа напатена и неплатена“, но што треба тогаш да прават огромниот број граѓани кои живеат во умерена сиромаштија со помалку од 200 денари дневно, како и луѓето кои живеат во крајна сиромаштија, со помалку од 60 денари дневно, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост: 

 

Министерот за надовршни работи, Бујар Османи и кандидат за претседател, во подкастот на „Плусинфо“, даде една неумесна изјава спинувајќи ја притоа вистината:

Спин: Пријателите ми се смеат кога им кажувам дека ако еден месец не добијам плата, јас треба да се задолжам. И луѓето велат: нема шанси, толку години функционер… Кој знае какви се очекувањата за функционерите. Но, го кажувам ова најискрено, дека еден месец да не ми стигне плата јас морам да се задолжам за да преживеам.

[Извор: Плусинфо; Тајм.мкТВ 21, Плусинфо; датум: 19.10.2023]

Контраспин: Оваа изјава на шефот на дипломатијата Бујар Османи во која тој кажува дека живее од плата и дека многу му е важно да ја добива навреме, бидејќи во спротивно ќе треба да се задолжи за да преживее, е несмасна, неумесна, просто човек да се почувствува непријатно поради „туѓиот срам“. Изјавата на Османи прозвучува крајно нефер, особено кон луѓето на кои, не по нивна вина, туку поради сплет на околности и финансиски состојби на компаниите во кои работат, постојано им доцни платата, а некои воопшто и не ја добиваат со месеци.

И воопшто не е во пршање некакво морализирање, најмалку кој треба да се жали и да говори за преживување е еден министер, функционер повеќе од 15 години.Тој  од 2008 година кога стана министер за здравство, па досега, речиси без прекин е на значајни политички (во ДУИ) и државни позиции, со исклучок на период 2011-2017 кога работи како хирург на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија во Скопје. Во тоа време е и секретар за комуникација со јавност на претседателството на ДУИ, а од 2017 повторно се враќа во Владата, овојпат како заменик-претседател задолжен за европски прашања, а од 2020 година е министер за надворешни работи.

 

Мачна душа министерска, напатена

Функционерските плати драстично пораснаа лани пролетта, кога со  Одлуката на Уставниот суд се укина фиксната основица од 26.755 денари со која се пресметуваше платата на функционерите. Па, почнувајќи од април 2023 година како основица се зема просечната плата исплатена во претходната година, што ја утврдува Државниот завод за статистика. Така што, пресметките  во тој период се прават на износ од околу 35.000 денари, со што фактички над 1.000 функционери добија покачување од 78 отсто.

Со ваквото зголемување највисоки примања, од над 2.500 евра,  имаат претседателот на државата, на Собранието и на Владата, со оглед на тоа што го имаат и највисокиот коефициент 4,5. За министрите и пратениците тој коефициент е 3,7. Власта неколкупати досега најавуваше дека ќе ги намали функционерските плати, но тоа не се случи. Допрва Собранието треба да расправа за предлогот на СДСМ кој вклучуваа измена на шест закони, со кои ќе се спречи натамошно зголемување.на платите на функционерите, но нема да се чепка во веќе направеното покачување од речиси 80 отсто на сите избрани и именувани лица.

На веб-страницата на Владата сѐ уште се прикажани старите износи од времето кога премиер беше Зоран Заев, па не е познато колку точно изнесува платата на Османи. Тој минатата пролет кога гостуваше во емисијата  „Тема на денот“ на телевизијата Сител, кажа дека не знае колку му е зголемена платата:

Не сум ја добил уште, меѓутоа еве како што кажуваат коефициентите, 3,7 е коефициентот треба да се помножи со просечната плата.

Османи и тогаш се пожали дека „неговата плата како лекар на Клиниката за дигестивна хирургија му била многу поголема, отколку сите плати што ги добивал досега и како вицепремиер и како министер за надворешни работи“.

Но, колку и да сака Османи да се претстави како „мачна душа напатена и неплатена“, ако се земе  тогашната просечна плата од околу 35.000 денари, помножено со коефициентот 3,7, излегува дека тој примал 129.500 денари плата без минат труд, што е над 2.100 евра.  Просечната плата за декември 2023 година, пак, според ДЗС изнесува речиси 40.000 денари (39.998 денари) и кога оваа сума ќе се помножи со коефициентот 3,7, основната плата на министерот сега достигнува 148.000 денари – над 2.400 евра.

Османи, според имотниот лист во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), не располага со личен недвижен имот. Пријавил семејна куќа на неговите родители, поседува возило марка ауди А6 (2004/2012), враќа два кредита, неговата сопруга зема плата 55.000 денари, а родителите пензија 15.000 денари.

Извор: ДКСК

И сега, ако Бујар се исплашил како ќе преживее, што  да кажат тогаш другите, оние обичните „смртници“? Како тие да преживеат? Кога министерот со примања меѓу 2.000 и 2.500 евра, а заедно со сопругата меѓу 3.000 – 3.500 евра, е загрижен деќа ќе треба да се задолжи, што да прават оние со минимална плата – околу 350 евра, особено ако е една плата во семејството. Колку треба да се грижат тие луѓе чиј вкупен буџет е 10 пати помал од семејниот буџет на Османи?

Студијата „Влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во Република Северна Македонија“, во авторство на економистот Бранимир Јовановиќ и со Здружението за одржлив и инклузивен развој, презентирана минатата есен  (октомври 2023), покажа дека:

До крајот на 2023 година околу 510 илјади граѓани ќе живеат во умерена сиромаштија, односно со помалку од 200 денари дневно, додека 69 илјади граѓани ќе живеат во крајна сиромаштија, со помалку од 60 денари.

Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), покажуваат дека на едно четиричлено семејство за да го помине февруари потребни му се 57.467 денари. Што значи дека во семејство каде двајцата родители се со минимална плата (20.175 денари) ќе им недостасуваат 17.000 денари

Па гледано од перспективата на овие луѓе, од нивниот агол изјавата на Османи делува нескромно, па дури и безобразно. Затоа и не изненадува тоа што неговиот настап предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

Ова се само дел од коментарите под изјавата на министерот објавена на еден од порталите (Прес 24), споделена на Фејсбук:

Најсиромашниот министер. Може повеќе е беден отколку без пари. 

Не се секирај тука сме ние да помагаме ние можеме и гладни и жедни и смрзнати и неисперени и не избањати и болни можеме ние ќе прежалиме една наша година за твојот еден месец!!! 

Abe da ne puknes me raslace…

Lelee grevce, prasaj gi lugjeto so minimalna kako prezivuvaat 

So 2500 evra da se zafolzel a nie so mizerni plati sto da kazeme….

Da pocnime da donirame ako ne ? Na koj broevi da vrtime i vo koja banka da donirame so naznaka LEB ZA BUJAR !! Dobro be tolku vi izgledame za glupi pa so ni ja vregjate inteligencijata ? Nafatirani ste za 85 generacii nisto da ne rabotat i samo da trosat pa pak nema da dotrosat. 

 

Пишува: Оливера Војновска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...