сања лукаревска
Фото: Влада на РСМ

Не е вистина дека има каква било важна вест за оние што скенираат сметки, како што се тврди во овој пост на Фејсбук. Наведеното за „важната вест за оние кои скенираат сметки“ претставува претерување и е неточно, зашто во постот и во написот не се соопштува никаква важна вест, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој невистинито се тврди дека е објавена наводна важна информација за сите граѓани кои скенираат фискални сметки во склоп на апликацијата Мој ДДВ.

Во постот е претставена и фотографија од директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Оваа фотографија треба да сигнализира дека, всушност, директорката на УЈП има да соопшти важни информации за даночните обврзници кои скенираат фискални сметки во склоп на апликацијата Мој ДДВ. Сепак, кога ќе се пристапи до споделениот напис во постот што го рецензираме, евидентно е дека внатре нема никаква важна информација и дека станува збор за клик- бејт наслов кој гласи:

(ВИДЕО) Важна вест за сите што скенираат фискални сметки, се подготвуваат големи новитети

Но, кога ќе се пристапи до информацијата во рамките на текстот, се гледа дека во неа се најавува видео материјал со Лукаревска кој трае 35 секунди. Во овие 35 секунди најавено е дека Лукаревска во емисијата „Клик Плус„ на ТВ 21 ги открила „промените кои ќе се направат по повод роденденот на Мој ДДВ”. Меѓутоа, кога ќе се преслуша видеото, во него нема никаква важна вест за оние кои скенираат фискални сметки. Барем не во прикажаната изјава на Лукаревска. Во неа директорката на УЈП вели:

Завршивме со целата исплата за тромесечието. Со јуни месец завршуваме со второто тромесечие. На први јули ќе објавиме некои посебни податоци, интересни за граѓаните во пресрет на роденденот.

Никаква важна информација не се открива за оние кои скенираат фискални сметки. Од одговорот на Лукаревска по поставеното прашање во интервјуто, дали граѓаните ќе добијат повисок надомест од скенирањето сметки во иднина, се добива впечаток дека таа дава ветување за некоја идна таква заложба, но без конкретни податоци, туку повеќе тоа го прави протоколарно поради поставеното прашање.

Во споделениот напис има елементи на клик-бејт наслов. Клик- бејт е текст или линк којшто е дизајниран да привлече внимание или да ги намами корисниците на социјалните мрежи да кликнат на некој линк и да го прочитаат, да изгледаат некоја видео содржина, притоа бивајќи измамени преку сензационализам, или преку содржина која погрешно ги води кон наводно важна вест или информација. Клик-бејтот цели кон љубопитноста на корисниците на социјалните мрежи и на интернетот, кога во насловот се споделуваат само доволно информации за да ја предизвикаат оваа љубопитност, но кога ќе се пристапи во текстот, нема доволно одговори на она што е ветено во насловот. Во клик бејт насловите има доза неискреност, зашто она што е презентирано во насловот не е испорачано во текстот. Делот од терминот наречен „бејт“, потекнува од терминологијата со риболовот, кога се поставува јадица која на рибата ѝ изгледа како привлечна мета која што мисли дека може да ја проголта.

Поради сите горенаведени информации оценуваме дека не е вистина дека има каква било важна вест за оние што скенираат сметки во текстот и постот што ги рецензираме. Наведеното за „важната вест за оние кои скенираат сметки“ претставува претерување и е технички неточно, зашто во постот и во написот нема никаква важна вест.