!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анкета: СДСМ води со 3,4 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ, Заев со 6,5 отсто пред Груевски


Скопје, 14 септември, 2017 - 20:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев и лидер на СДСМ е со поголема доверба кај граѓаните од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, покажува вториот дел од анкетата спроведена од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и од телевизијата „Телма“, која беше презентирана вечерва.

На прашањето, во кој политичар имате најголема доверба, за Зоран Заев се изјасниле 26,2 отсто од испитаниците, а за Никола Груевски 19,7 отсто.

Довербата на Македонците во Заев е 30,8 отсто, а 25 отсто му веруваат на Никола Груевски. Кај Албанците пак, во убедливо водство е лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 27,1 отсто доверба од страна на испитаниците, лидерот на Движењето за реформи во ДПА (ДР-ДПА) Зијадин Села со 15,1 отсто и лидерот на ДПА, Мендух Тачи со 2,1 отсто.

За првпат после десет години, СДСМ е и со поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето за која партија ќе гласате на следните избори, за СДСМ се изјасниле 24,3 отсто од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ, 20,9 отсто. Кај албанските партии за ДУИ би гласале 8,9 отсто, за Беса, 3,1 отсто.

Во однос на локалните изборите, на прашањето, дали ќе излезете да гласате на локалните избори, 79,8 отсто од испитаниците одговориле потврдно, 9,2 отсто одговориле негативно и 11 отсто одбиле да одговорат.

На прашањето, дали ќе гласате за кандидат за градоначалник на друга политичка партија на која не сте симпатизер, 43,1 отсто одговориле „да“, а 40,3 отсто „не“.

Првиот дел од анкетата, кој беше презентиран синоќа покажа дека 58,9 од испитаниците се изјасниле дека се задволни од Владата во првите 100 дена, 34,9 отсто рекле дека се незадоволни, а 6,2 отсто не знаат или одбиле да одговорат.

Анкетата е направена од 4 до 11 септември на репрезентативен примерок од 1005 испитаници.


ВМРО-ДПМНЕ: Ајде да ги расчистиме дилемите на предвремени парламентарни избори


Скопје, 13 септември, 2017 - 21:40 (META) 

Во врска со анкетата што „Телма“ ја објави во соработка со „М-Проспект“ и со МЦМС, ВМРО-ДПМНЕ сака да ги повика СДСМ и Зоран Заев да се охрабрат и да излезат и на предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе кажат што мислат за расипничкото и неодговорно владеење на СДСМ, се вели во реакцијата на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека само на тој начин ќе се расчистат дилемите, бидејќи, според партијата, денеска била објавена истата анкета која пред „само еден месец покажала сосема други резултати“.

„Според анкетата од крајот на јули, резултатите од МЦМС покажале дека ВМРО-ДПМНЕ e со стабилна предност пред СДСМ. Имено, на прашањето доколку утре се одржат избори за која партија би гласале, 27,1 отсто од испитаниците се одлучиле за ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ биле 22,7 отсто. Народот најдобро ќе каже дали се случило нешто во последните 30 дена за така драстично да се смени мислењето, односно дали Законот за двојазичност, Договорот со Бугарија, укинувањето на планираното зголемување на пензиите или тендерите кои Кочо Анѓушев си ги доделува себеси придонеле за зголемување на рејтингот на Зоран Заев“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Анкета: 58,9 отсто од граѓаните задоволни од Владата, СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 13 септември, 2017 - 20:15 (META) 

Речиси 60 отсто од граѓаните на Македонија се задоволни од работата на новата влада во првите 100 дена, покажува анкетата спроведена од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и од телевизијата „Телма“.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 58,9 од испитаниците се изјасниле дека се задволни од Владата во првите 100 дена, 34,9 отсто рекле дека се незадоволни, а 6,2 отсто не знаат или одбиле да одговорат.

Според етничката припадност, 54,35 отсто од Македонците се задоволни од првите 100 дена на Владата, 40,22 отсто се незадоволни, додека кај Албанците 71,36 се задоволни, а незадоволни се 21,11 отсто.

На прашањето во која област најмногу сработила Владата во првите 100 дена, 38,5 отсто рекле дека тоа била надворешната политика, 7,4 отсто се изјасниле за социјалната заштита, за 3,2 отсто тоа бил економскиот развој, 20 отсто се определиле за некоја друга област (здравство, правосудство, странски и домашни инвестиции и земјоделство), а 19 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

За тоа на која област треба најмногу да посвети внимание Владата, 34,2 отсто одговориле дека тоа треба да биде зголемувањето на работните места, 18,4 отсто сметат дека предност треба да му се даде на економскиот развој, за 8,6 осто најважна е интеграцијата во ЕУ и во НАТО, за 10,4 приоритетно е здравството, за 7,4 отсто – социјалната заштита, за 17,1 отсто – други области и 3, 9 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

Инаку, во вечерашното издание на емисијата „Топ-тема“, на која беа презентирани овие резултати, беше соопштено дека анкетата на МЦМС и на „Телма“ покажува дека СДСМ има за три отсто повисок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, првпат по 10 години.

Конкретните бројки и проценти од овој дел од анеката ќе бидат соопштени во утрешното издание на емисијата.


АЕК префрлала пари за аква-паркот, панорамското тркало, мајмуните и за „Сокол“


Скопје, 8 февруари, 2016 - 16:25 (META) 

Презентација на студии на случаи со ризици од корупција се одржа денеска во хотелот „Холидеј ин“. Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) со поддршка од „Македонски центар за меѓународна соработка“ и од „Транспарентност Македонија“, презентираше четири студии чија цел е да се подобрат политиките за антикорупција преку анализи на состојбите и укажување на конкретни случаи.

Александар Колекевски заедно со Ана Чупевска се автори на студијата „АЕК – (не)зависно владино тело“. Оваа студија прави анализа на Законот за електронски комуникации кој, според авторите, е хиперрегулирачки и има тенденција да воведе авторитарна процедуралност, која е алатка за легализирање нелегитимни, па дури и илегални активности.

Во студијата се забележува дека АЕК го префрла вишокот пари во области кои се надвор од нејзините надлежности.

На пример, Агенцијата за електронски комуникаци (АЕК) иако непрофитно и независно регулаторно тело, префрлало пари за изградба на аква-паркот кај спортската сала „Борис Трајковски“ и за панорамското тркало. Исто така, дала донации за Агенцијата за катастар и за кошаркарскиот клуб „Сокол“, но и за финансирање на живеалиште за мајмуни во Зоолошката градина, за кое авторите на студијата велат дека Градот Скопје го промовира како свој проект.

„Премногу норми има во законот кои подоцна можат да се искорисат за да се прескокнат или заобиколат некои работи. Потенцијална можснот за перење пари“, сметаат авторите на студијата.

Другите учесници ги промовираа студиите „Откривање и санкционирање на случаите на судир на интереси и неспојливост на функцијата заради превенција од ризиците на корупција“, „Анализа на работењето на Државната комисија за спречување на корупција“ и „Бегалската криза помеѓу економските придобивки и ризикот од појва на мито, корупција и организиран криминал“.


И партиите и Амбасадата на САД забрзано анкетираат


Скопје, 13 март, 2015 - 15:13 (META) 

Агенциите кои прават сондажи на јавното мислење деновиве имаат полни раце работа.

Според извори од агенциите, и партиите, но и Амбасадата на САД во земјава прават анкети за расположението на граѓаните за предвремени избори, за преодна влада и за рејтинг на партиите и на политичарите.

– Сите анкети се „приватни“, односно нарачателите сами одлучуваат дали ќе ги објават резултатите. Никој не нарачува анкети за „јавно објавување“ – велат од агенциите.

Според нив, најчесто сондажите ги прави ВМРО-ДПМНЕ, поретко – СДСМ, но велат дека и ДУИ има нарачано анкета, повторно за свои потреби.

Последната објавена анкета беше на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со телевизија „Телма“, кои во периодот од 19 февруари до 2 март 2015 година спроведоа истражување на јавното мислење за аферата „Прислушување“.

Истражувањето е објавено на 6 март.

Последната, пак, странска анкета е онаа на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон, спроведена во Македонија во периодот од 9 до 15 декември минатата година, врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници, а во медиумите беше презентирана два и пол месеци подоцна – на 26 февруари.


Македонците не веруваат во борбата против корупцијата


Скопје, 30 јануари, 2015 - 15:22 (META) 

Граѓаните на Македонија се најголеми песимисти дека нешто може да се направи во однос на корупцијата, таа да се намали или да се искорени и по ова прашање сме на самото дно меѓу останатите земји од Југоисточна Европа. Ова е еден од главните заклучоци од истражувањето на иницијативата „Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа“ (СЕЛДИ), во рамките на проектот „Процена на корупцијата и на антикорупцијата во Југоисточна Европа“

– Песимизмот во Македонија е еден од највисоките. Луѓето не веруваат дека нешто може да се направи во однос на корупцијата. Од ова можеме да заклучиме дека она што се прави по ова прашање е недоволно – вели Тодор Јаломов од Центарот за истражување на демократија (ЦСД), кој го спровел истражувањето.

Најчеста форма преку која се манифестира корупцијата во Македонија се подароците, додека во Бугарија за поткуп најчесто се нудат пари.

Според перцепцијата на граѓаните, најкорумпирани јавни службеници се судии, министри, пратеници, цариници и полицајци. Сепак, перцепцијата дека јавните службеници се корумпирани преовладува во Југоисточна Европа, се наведува во извештајот.

– Македонија е една од трите земји во која граѓаните се најмногу подложни на корупција, би дале и примиле мито кога би се нашле во таква ситуација или положба. Според мислењето на граѓаните, Македонија, заедно со Албанија, е најмалку успешна од сите земји во регионот во справувањето и во спроведувањето на политиките за борба против корупција – рече Емина Нурединовска, од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој е член на иницијативата СЕЛДИ.


Презентација на проектот „Процена на корупцијата и на антикорупцијата во Југоисточна Европа“


Скопје, 30 јануари, 2015 - 9:36 (META) 

Проектот „Процена на корупцијата и на антикорупцијата во Југоисточна Европа“ денеска ќе биде промовиран во рамки на Регионалниот извештај за антикорупција.

Извештајот е подготвен од иницијативата СЕЛДИ (Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа), чија членка е и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

На промоцијата на проектот, свое обраќање ќе имаат амбасадорот на САД, Барт Патни, и Мартин Клауке, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија.


Кржаловски: Лекарите, професорите и полицајците се најкорумпирани


Скопје, 22 ноември, 2014 - 12:38 (META) 

Kорупција во македонското општество е на загрижувачко ниво. Според методогија која се применува во цела Европска Унија, која ја мери не само перцепцијата, туку и реалното искуство на граѓаните, најкорумпирани професии се лекарите, професорите и полицајците, објаснува во интервју за „Инбокс7“, Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

– Виктимолошката анализа покажува дека само ако корупцијата е помала од 5 проценти може да се сузбие, а резултатите од истражувањето во сите области во државата покажуваат корумпираност поголема од 5проценти – вели Кржаловски за „Инбокс7“.