Премиерот Зоран Заев и лидер на СДСМ е со поголема доверба кај граѓаните од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, покажува вториот дел од анкетата спроведена од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и од телевизијата „Телма“, која беше презентирана вечерва.
На прашањето, во кој политичар имате најголема доверба, за Зоран Заев се изјасниле 26,2 отсто од испитаниците, а за Никола Груевски 19,7 отсто.
Довербата на Македонците во Заев е 30,8 отсто, а 25 отсто му веруваат на Никола Груевски. Кај Албанците пак, во убедливо водство е лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 27,1 отсто доверба од страна на испитаниците, лидерот на Движењето за реформи во ДПА (ДР-ДПА) Зијадин Села со 15,1 отсто и лидерот на ДПА, Мендух Тачи со 2,1 отсто.
За првпат после десет години, СДСМ е и со поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето за која партија ќе гласате на следните избори, за СДСМ се изјасниле 24,3 отсто од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ, 20,9 отсто. Кај албанските партии за ДУИ би гласале 8,9 отсто, за Беса, 3,1 отсто.
Во однос на локалните изборите, на прашањето, дали ќе излезете да гласате на локалните избори, 79,8 отсто од испитаниците одговориле потврдно, 9,2 отсто одговориле негативно и 11 отсто одбиле да одговорат.
На прашањето, дали ќе гласате за кандидат за градоначалник на друга политичка партија на која не сте симпатизер, 43,1 отсто одговориле „да“, а 40,3 отсто „не“.
Првиот дел од анкетата, кој беше презентиран синоќа покажа дека 58,9 од испитаниците се изјасниле дека се задволни од Владата во првите 100 дена, 34,9 отсто рекле дека се незадоволни, а 6,2 отсто не знаат или одбиле да одговорат.
Анкетата е направена од 4 до 11 септември на репрезентативен примерок од 1005 испитаници.