Фото: Архива на Мета.мк

Испитаниците во анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) се поделени во довербата кон градоначалниците на општините во кои живеат. Малку над половината (50,6 проценти) одговориле дека имаат доверба за разлика од 47,5 проценти кои рекле дека немаат. Етничките Албанци (74,3 проценти) и припадниците на другите заедници (59,1 проценти) посочиле дека имаат поголема доверба во општинските власти. Испитаниците кои се етнички Македонци (41,3 проценти), во помал број се согласиле со тврдењето дека им веруваат на нивните градоначалници. Ова го покажаа резултатите од последното истражување на МЦМС „Доверба во Владата и локални избори“.

„Половина од граѓаните сметаат дека нивниот градоначалник не заслужува да биде реизбран. Вкупно 57 проценти од етничките Албанци сметаат дека нивниот градоначалник заслужува да биде реизбран за разлика од 37,9 проценти од етничките Македонци. Симпатизерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат дијаметрално спротивни ставови за реизборот на градоначалниците. Имено, 81,8 проценти од тие на СДСМ сметаат дека заслужуваат додека 87 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека не заслужуваат да бидат реизбрани,“ информираат од МЦМС.

Тројцата најдобри градоначалници, според одговорите во анкетата, се: Митко Јанчев (Кавадарци), Арбен Таравари (Гостивар) и Максим Димитриевски (Куманово). За нив се изјасниле 10,5 проценти, 7,5 проценти односно 6,8 проценти од испитаниците. Етничката припадност и афинитетите кон одредена политичка партија влијаеле на одговорите. За вкупно 44 градоначалници се изјасниле помалку од еден проценти, додека 14 градоначалници воопшто не се спомнати од испитаниците.

Прашани за која политичка партија ќе гласаат на локалните избори, 22,4 проценти од граѓаните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 проценти за СДСМ. Поддршката за ДУИ и Алијанса за Албанците е 8 проценти односно 6,2 проценти, а за Левица 5,2 проценти. Вкупно една третина од граѓаните или 34 проценти е неизвесно за кого ќе гласаат на седмите локални избори. Од нив, 15,2 проценти рекле дека нема да излезат на гласање, а 15,9 проценти рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Најмладите се најбројни меѓу оние за кои е неизвесно за кого ќе гласаат и изнесуваат 37,3 проценти.

За МЦМС, анкетата ја спровел М-Проспект. Податоците биле прибирани со телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.003 испитаници.