недела, 16 ноември, 2025
Meta.mk

Владата прогласи тридневна жалост поради трагичната автобуска несреќа во Бугарија

Владата на денешната седница прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава, за трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, во која животите ги загубија 45 македонски државјани.

„За денови на жалост се прогласени 23, 24 и 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјава во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост,“ велат од Владата.

Медиумите за несреќата да известуваат со висок степен на професионална и морална одговорност, апелираат од СЕММ

По сообраќајната несреќа што рано изутрината се случи во Бугарија, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата.

„Препознавајќи го притисокот со којшто се соочуваат уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за вакви трагични настани, укажуваме на потребата да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица.Во исто време, потсетуваме на членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој начинот на информирање за несреќи треба да биде ослободен од сензационализми. Притоа медиумите треба да внимаваат да не објавуваат имиња и фотографии на жртвите, ниту, пак, податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвите, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции,“ соопштуваат од СЕММ.

Имајќи ја предвид тежината и последицата на несреќата, од таму апелираат до сите медиуми соодветно да ги усогласат своите програмски шеми и да известуваат со висок степен на професионална и морална одговорност.

Тим од МВР ќе помага на бугарските колеги во истрагата за причините за автобуската несреќа, информираше Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека тим од МВР веќе се упатиле кон Бугарија, за да помогнат во истрагата за несреќата.

„По телефонскиот разговор со мојот бугарски колега Бојко Рашков, тим на Министерството за внатрешни работи предводен од помошник директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби“, напиша Спасовски на Фејсбук, и изрази сочувство до семејствата на загинатите.

Во автобуската несреќа во Бугарија, загинаа 45 лица, помеѓу кои деца, членови на исто семсјтво, млади двојки.

Еден од преживеаните во автобуската несреќа го информирал премиерот Заев дека се слушнала силна експлозија

Премиерот Зоран Заев, во изјава за МИА вели дека разговарал со еден од преживеаните во автобуската несреќа во Бугарија, кој го информирал дека се слушнала силна експлозија.

„Во контакт сум со премиерот Стефан Јанев, кој веќе ги посети луѓето. Имав прилика да разговарам со еден од преживеаните. Тој објасни дека спиеле во автобусот кога се слушнала силна експлозија. Успеале да скршат еден од прозорците и да се спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеале. Се работи за страшна трагедија заради тоа што најмногу се деца – 12 деца се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија, изјави Заев за МИА.

Веројатно, како што рече, се враќале од екскурзија, но сепак деталите за ова дополнително ќе се утврдат.

„Се уште не ги знаеме сите информации, бидејќи насочени сме кон преживеаните, да видиме дали се добри, дали некој е во животна опасност.Ќе ги дознаеме првичните информации од бугарските служби, а потоа ќе се утврди кои биле дестинациите од кои се враќале, како и сите преостанати детали,“додаде Заев.

На младите треба да им се помогне на здрав начин да се справат со стресот

Ковид-пандемијата која сè уште трае, полека ги истрошува т.н емоционални батерии на младата популација, која е најпогодена и најповеќе ги чувствува последиците од мерките кои во изминативе две години беа наметнати, но и сè уште се на сила, велат психолозите. Секојдневниот живот се врати во одредена нормала, но предизвиците со стресната ситуација останаа.

Психологот и психотерапевт Марија Котевска Димовска, која воедно е и вонреден професор, за Мета објаснува дека стресната ситуација која трае веќе подолго време доведе до исцрпување, непријатни емоции, страв, тага, гнев кај младите. И сето тоа продолжува со секој нареден ковид-бран.

„Ова сето веќе истоштува, и младата популација се наоѓа најпогодена, бидејќи веќе е исцрпена. Како резултата на подолготрајната состојба на стрес се јавува анксиозност, депресивност, агресивност. Но и покрај сè, сметам дека младата популација има една нишка на енергетско духовно здравје. На нас, како стручни лица, ни останува да им помагаме на оние кои покажале анксиозност и агресивност. Но сметам дека она што е важно, што треба да го направиме, е да ги поддржуваме во развојот на капацитетите, како да се справат со предизвиците, односно со стресните ситуации на начин кој што е здрав,“ вели Котевска Димовска.

Таа смета дека е важно младите луѓе да се насочат кон тоа како чувствата на тагата и страв правилно да ги изразат, бидејќи во спротивно истите може да преминат во трајни негативни расположенија или други ментални нарушувања.

„Затоа, како психотерапевт сум насочена кон превенцијата. Општеството треба да вложува на различни начини, преку медиуми, училишта, наставници, да вложува во развојот на потенцијалите на младите за да бидат флексибилни, односно да развијат отпорност кон стресна ситуација. Нормално е да се чувствуваат тажни, несреќни, незадоволни, немоќни. Непријатно е да се чувствуваат така, но треба да научат како да се носат со тие емоции,“ додава Котевска Димовска.

Нашата соговорничка потенцира дека е природно да се страда во одредени ситуации кога имаме животозагрзувачки фактори. Оттука, во такви моменти системскиот пристап е многу важна работа во третирањето на младите, а тој подразбира едукација на наставниците од страна на психолозите во секое училиште, а наставниците да ги едуцираат родителите.

„Едукацијата не е тешка, имаме многу едуцирани психолози. Во општеството има квалитетни индивидуи, но имаме проблем во колективниот пристап, односно не можеме да работиме тимски. Ова е многу важно од аспект што младите имаат способности, таленти и вештини кои се развиваат само во одредени периоди од нивниот раст и развој. И поради тоа што се случуваше изминатите две години, може неповратно да се изгубат некои од способностите, настани, доживувања. Но, сум оптимист дека кај младиот ништо не е неповратно и со правилен пристап може сè да се надомести,“ објаснува Котевска Димовска.

Според психологот, за овие две години со ковид-кризата, сепак не е сè изгубено. Со физичкото присуство на децата на училиште може да се надоместат процесите.

„Кај голем дел од луѓето и возрасни и млади, некогаш кризата е и поттик за развој. Кризата може да те натера да се развиеш, да постигнеш повисоки состојби. Не секогаш, но често и тоа се случува,“ додава Котевска Димовска.

Овој став на психотерапевтот го потврдува и ученикот Дејан Богоевски кој е втора година средно во училиштето „Таки Даскалот“.

Тој за „Мета“ изјави дека оваа состојба придонела подобро да разбере одредени вредности, како што е комуникацијата со врсниицте.

„Ковид-19 ми ја разбуди свеста за одредени вредности, кои претходно не сме ги ценеле. Никогаш немаше да бидеме свесни за потребата за комуникација и дружење ако не беше ковид-19. Секој на свој начин почувствува како е кога не можевме да излеземе, па потоа како тоа се одвиваше со маски и на социјална дистанца. Сето тоа нè научи како одредени работи да ги видиме и да ги толкуваме подобро и разви многу потреби кај нас,“ вели Богоевски кој упати апел што е можно поголем број на училишта да се фокусираат на разговори за менталното здравје на децата.

Тој додава дека СОУ „Таки Даскало“ е одличен пример за тоа дека секој што има некаков проблем може слободно да се обрати до класниот раководител или психологот.

„Потребно е како на млади луѓе да ни се насочат мислите. Тоа влијае врз нас и нашето здравје, како и многу други сфери во животот,“ заклучува Богоевски.

Нови 454 случаи на ковид-19, оздравени 236, а починати 14 лица

Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 3.019 тестирање, а регистрирани се 454 нови случаи на ковид-19: Скопје – 187, Битола – 37, Прилеп – 32, Куманово – 30, Штип – 29, Кавадарци – 25, Велес и Тетово – по 17, Охрид – 12, Кочани и Пробиштип – по 9, Крива Паланка и Ресен – по 7, Неготино – 5, Свети Николе – 4, Богданци, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Струга и Струмица – по 3, Берово и Кичево – по 2, Виница, Гостивар, Дојран, Македонски Брод и Пехчево – по 1.

Регистрирани сe 236 оздравени пациент од: Скопје – 98, Куманово – 23, Штип – 17, Велес – 16, Кавадарци – 14, Битола – 12, Прилеп – 10, Радовиш – 7, Кочани и Пробиштип – по 6 , Ресен и Берово – по 4, Свети Николе, Струмица, Делчево, Демир Хисар, Виница, Пехчево и Кратово – по 2, Гевгелија, Богданци, Кичево, Гостивар и Крушево – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 14 починати лица: 6 починати лица од Скопје (52г, 53г, 66г, 77г , 80г и 87г), 2 починати лица од Велес (57г и 85г), и по едно починато лице од Кочани (62г), Битола (71г), Куманово (73г), Струмица (73г), Кратово (77г), и Кавадарци (79г). Од пријавените лица сите се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавено е едно починато лица со датум на смрт од 31.10.2021. Регистрираното починато лице е од Скопје, на возраст од 76 години, во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 206.077, бројот на оздравени пациенти е 190.806, на починати е 7.232, а бројот на активни случаи изнесува 8.039.

Претреси во Скопје, приведени лица за кражба на електрична енергија

Денеска полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Кисела Вода, по добиена судска наредба, извршија претреси во дом и други простории на неколку локации во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.

„Претрес е извршен на ул.„Рилски Конгрес“ во домот на С.Т.(67), и на ул.„Александар Бујунов“ во две куќи сопственост на М.З.(63). При претресот е најден пиштол и разновидна опрема за копање на криптовалути (16 ригови со 99 графички картички, 1 мајнер) со кои се вршела кражба на електрична енергија, што било потврдено и од претставници на ЕВН,“ информираат од МВР.

Во консултација со Јавен обвинител предметите ќе бидат одземени, а лицата се приведени и по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Во услови на пандемија да не се дозволи да страда дијагностиката на ретките болести, велат од Лекарска комора

„Хередитарен ангиоедем: Современи тераписки и дијагностички протоколи во ерата на Ковид-19“, беше тема на неделната онлајн дискусија која со редовна динамика ја организира Лекарската комора со цел подобрување на комуникацијата и размена на стручни и релевантни информации меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем во услови на пандемија.

Хередитарен ангиоедем се јавува поради мутација во генот кој го контролира создавањето на Ц1 инхибитор компонентата на комплемент, кој е мошне важен и учествува во регулација на комплексни биохемиски процеси кои се активираат при борбата со различни болести, воспаленија и при коагулацијата.

„Болеста се манифестира со појава на едем (оток) на екстремитетите, абдоменот, грлото, гениталиите или други органи. Едемот на дишните патишта може да биде фатален. Абдоминалниот едем најчесто вклучува болка, повраќање и дијареа. Симптомите најчесто се јавуваат во рана возраст, вообичаено до 13 година и може да се засилат за време на пубертет. Епизодите на напади може да бидат спонтани или предизвикани од физичка повреда или емоционален стрес. Најчесто постои семејна историја на ангиоедем, но голем број на случаи се јавуваат и поради спонтана мутација на ген. Болеста не реагира на антихистаминици и на кортикостероиди“, појасни проф. д-р Весна Гривчева Пановска од Универзитетската Клиника за дерматологија.

Таа даде детално појаснување за симптомите поради кои пациентите бараат лекарска помош, точно ги наведе сите аспекти на кои треба да се внимава при земање на анамнеза, дијагностичките процедури кои треба да се направат за да се постави дијагноза, како и различните форми на болеста кои може да се појават.

„Во услови на пандемија многу е важно да не се дозволи да страда дијагностиката, односно не треба да се избегнува упатување на пациентите затоа што се тешки времиња. Секогаш ќе има “тешки времиња”, a пациентот не мора да биде секогаш присутен. Може да се испрати само епрувета со крв за анализа и на тој начин пациентот воопшто нема да има контакт со лабораторија во која доаѓаат потенцијално ковид-позитивни пациенти“, истакна проф. д-р Гривчева Пановска.

Терапијата која за ова заболување се дава во случај на напад е обезбедена преку Програмата за ретки болести и е достапна за сите на кои им е потребна.

„Пациентите кај себе секогаш имаат терапија за најмалку два напади, а поради пандемијата се погриживме да имаат и поголема резерва, бидејќи еден дел од здравствените установи беа трансформирани во ковид центри. Предизвик за пациентите е давањето на терапијата, бидејќи таа се дава субкутано или интравенски. За да го надминеме тоа сите пациенти и полнолетни членови на нивните семејства ги обучивме како да даваат терапија, а исто така имаме и тим за интервентни ситуации кој доколку пациентот не може сам да аплицира терапија, реагира во рок од петнаесетина минути“, појасни проф. д-р Гривчева Пановска.

Покрај оваа терапија, постои препарат за орална профилакса одобрен од американската е од европската агенција за лекови, ФДА и ЕМА, кој поради добра соработка со производителот е достапен за приближно две третини од регистрираните пациенти со хередитарен ангиоедем.

Пристапот во третманот на ова заболување, истакна таа, треба да биде партнерски, помеѓу пациентите и здравствените работници. На пациентите треба да им се помогне јасно да ги идентификуваат симптомите преку подобрена комуникација со нивните лекари, лекарите треба редовно да го проверуваат статусот на овие пациенти, дури и кога не побарале консултација, да се едуцираат пациентите и брзо да се реагира кога пациентот ќе пријави симптоми кои се нејасни. Третманот на пациентите треба да биде со индивидуализиран режим кој ќе функционира како во стандардни, така и во нестандардни услови.

ДИК: Поднесени се вкупно 23 приговори од партиите за гласањето во вториот круг

Државната изборна комисија (ДИК) информираше дека заклучно со вчерашниот ден, до ДИК поднесени се вкупно 23 приговори за постапката за гласање и постапката за сумирање и утврдување на резултатите, и тоа:

– седум приговори од политичката партија ТМРО, кои се однесуваат на избирачките места 1156, 1178, 1157, 1182, 1183, 1176 и 1181 во општина Старо Нагоричане,

– седум приговори од Коалицијата предводена од СДСМ, кои се однесуваат на избирачките места 2966/1 и 2958/1 во општина Шуто Оризари, избирачкото место број 1612 во општина Конче, избирачките места 835, 874 и 865 во општина Кочани и избирачкото место 882 во општина Чешиново-Облешево,

– еден приговор од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој се однесува на избирачкото место број 1532 во општина Пробиштип,

-пет приговори од политичката партија ДУИ, кои се однесуваат на избирачките места број 2341, 2352 и 2355 во општина Студеничани, и избирачките места број 2107 и 2108/1 во општина Желино и

– три приговори од Група избирачи Енвер Пајазити кои се однесуваат на избирачките места број 2037, 2040/1 и 2038 во општина Брвеница.

 

Селективната правда за 27 април е неправда за граѓаните и новинарите, велат од ЗНМ и ССНМ

Новинарските организации велат дека 27 април 2017 година е симбол на неказнивост на нападите кон новинарите, запаметен како црниот четврток за новинарите во Македонија, кои беа нападнати за време на упадот во Собранието. На овој ден, во моментите пред изборот на нов претседател на Собранието, во организација на високи функционери од сегашната опозиција а тогашна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, насилници упаднаа во зградата на Собранието и ги нападна пратениците на сегашната власт. Покрај пратениците, во налетот на насилниците настрадаа и дел од новинарите.

Тоа е причината заради која денеска, на 2 ноември на „Меѓународниот ден за запирање на неказнивоста против новинарите“, пред Основното јавно обвинителство во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), беше одржана прес конференција на која се обратија Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Павле Беловски, претседател на ССНМ и новинарката Душица Мрѓа во присуство на своите колешки и колеги.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски потсети на насилството врз нoвинарките, новинарите, фоторепортерите и снимателите, врз граѓаните, а воедно и врз уставот кое се случи тој ден.

„Денеска сме овде да го изразиме нашиот протест, среде уште една политичка драма, но време е да ја адресираме вистинската криза која трае и го обележува нашиот тридецениски опстанок. Таа не е политичка, таа е криза на правдата, таа е криза на правосудниот систем, кој секогаш беше инструмент за спречување или поттикнување нови општествени трауми. А што добивме ние од 27 април – ние добивме уште една порака дека сме спречени да ја водиме нашата работа онака како што граѓаните заслужуваат. И не сме овде за да бараме солидарност од граѓаните, туку стоиме освестени дека ова е наш заеднички проблем, на нас новинарите и на јавноста на која треба да ѝ служиме. Не може да се случат суштински општествени промени ако судството и медиумите не се ослободат од политиката, ниту пак можеме да им служиме достоинствено на граѓаните. Затоа е ова должност на сите и затоа инсистираме на правда. Правда за 27 април и заради нас и заради оние кои ги претставуваме и заради кои постоиме – граѓаните“, изјави Чадиковски.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски рече дека од настаните од 27ми април пратениците ја добија правдата, а правдата за новинарите извиси.

„ЗНМ и ССНМ како партнерски организации не се поколебаа и повеќе од 5 години работеа на идеја како преку законско решение да се стави крај на насилството врз новинарите. Но, за да зборуваме за тоа кои би биле нашите придобивки од законските измени во кривичниот законик, да се вратиме малку наназад. Поминаа точно 5 години и една недела, како нашата медиумска екипа и јас бевме нападнати и тоа одекна во јавноста. Една година потоа новинарската екипа на А1 беше нападната на плоштадот Македонија. Бевме во политичка криза и граѓаните на нас гледаа како на мета за да испратат порака, за жал порака со тупаници. Токму затоа ЗНМ и ССНМ не се поколебаа и иницираа промени во кривичниот законик со кои идејата беше да се стави крај на нападите врз новинарите, односно да се санкционираат нападите како напади на службено лице. И денес, после 5 години не можеме да зборуваме дека имаме процесуирано таков случај бидејќи законот е сè уште во Собрание и не е донесен,“ рече Беловски.

Новинарката Душица Мрѓа истакна дека не треба да се заборави 27 април, црниот четврток кога новинарите беа напаѓани од сите страни.

„Пред 4,5 години јас бев првата новинарка која што даде исказ овде во Јавното обвинителство. По 4,5 години мојот напаѓач во Собранието не е ниту идентификуван, а камо ли да има постапка за него. За разлика од тоа, напаѓачите на политичарите се осудени, дел правосилно, дел неправосилно, на дел им се намалија казните, а дел беа амнестирани согласно политичките пазари кои што се направија. Да биде апсурдот уште поголем, ние самоиницијативно, со поддршка на ЗНМ и медиумските здруженија покренавме свои тужби. И видете ја иронијата во Макединија – судиите нè омаловажуваа, нè навредуваа дури на дел од колегите им го оспоруваа правото и прашуваа дали воопшто биле новинари, а сите нè прашаа што сме барале на 27 април во Собранието. Јас само сакам на да им одговорам, се надевам во име на сите колеги кои што на 27 април бевме на крвавиот четврток во Законодавниот дом и во тој злогласен прес центар, ако заборавиле што гледале на телевизија, ние бевме тие што известувавме, нашите екипи праќаа снимки и извештаи. На 27 април во Собранието, новинарите ја спасија државата. Одговорно тврдам дека да не бевме толку гласни колку што бевме, со целокупниот терор со кој се соочивме, 27 април ќе завршеше многу покрававо со жртви. Токму затоа 27 април и крвавиот четврток не смее да се заборави – правда за новинарите мора да има,“ рече Мрѓа.

ЗНМ и ССНМ ги повикуваат институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади на новинарите и одговорните да ги казнат. Без таков одговорен однос на институциите нападите ќе продолжат и ќе станат поагресивни, а ова може да го доведе во прашање и животот на новинарите. Институциите треба да разберат дека напад на новинар, во исто време е напад и врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто.

Овој настан на ЗНМ и ССНМ беше дел од глобалната кампања за борба против неказнивоста на нападите врз медиумските работници организирана од Меѓународната федерација на новинари.

Инаку, организаторите на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, Кривичниот суд ги осуди на вкупно 25 години затвор. Меѓу нив поранешниот градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристевски, претседателот на Собранието од истата партија, Трајко Вељановски, поранешниот министер за транспорт и врски од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасов

Шахпаска – Галовеј: Ја интензивираме соработката со Велика Британија, положбата на Ромите е приоритет

Министерката за труд и социјална работа, Јагода Шахпаска, денеска одржа средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја, Рејчел Галовеј. На средбата министерката и амбасадорката разговараа за тековните проекти на Министерството, со посебен акцент на проектите кои се однесуваат за помош и реинтеграција на Ромите во време на ковид-криза.

„Успешно ја реализираме втората фаза на Програмата РОМАКТЕД, 2021-2024 година. Зајакнување на ромската заедница на индивидуално ниво, како и на ниво на заедница, подобрување на капацитетите и на знаењето, како и подобрување на квалитетот на живеењето и ублажување на ефектите од пандемијата со КОВИД-19 се нашите приоритети“, изјави министерката Шахпаска.

Таа исто така потенцираше дека преку проектот „ЕУ за вклучување“ се обезбеди грант во износ од 3,2 милиони евра, за легализација и реконструкција на домовите на Ромите во општините Прилеп, Битола, Кичево, Берово и Штип.

Британската амбасадорка Галовеј уште еднаш ја потврди поддршката на Британската Амбасада во политиките на Министерството за труд и социјална политика. Таа изрази подготвеност да помогне во процесот на реализирање на проектите и од истите очекува позитивни ефекти.

„Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени е пример за решеноста на Владата на Република Северна Македонија да им помогне на лицата кои не можат да ги остварат човековите права поради непоседување на документи“, рече министерката, притоа нагласувајќи дека на терен биле идентификувани околу 700 лица без документи, а барање за привремен извод поднеле околу 200 лица.

Министерството за труд и социјална политика и Британската амбасада ја продолжуваат својата соработка за поддршка на најранливите категории на граѓани и создавање на едно општество за сите.

По објавите на Порталб, Агенцијата за млади и спорт ја пушти во употреба привремената веб-страница на албански јазик

По неколку написи на Порталб.мк поврзани со преводот на албански јазик на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт (АРС), од таму потврдија дека работите се при крај и гарантираат дека се очекува веб-страницата да биде пуштена во употреба во рок од две-три недели. Заменик – директорот Авни Рустеми синоќа соопшти дека во моментов е пуштена во употреба привремената верзија на веб-страницата на албански јазик, пишува Порталб.мк.

Новата веб-страница на Агенцијата за млади и спорт, која ќе биде на три јазици: албански, македонски и англиски, е донација на ОБСЕ, и истата пристигна во август. Според Агенцијата, тогаш почнало одбројувањето и до средината на септември се очекувало веб-страницата да биде готова, но тоа не се случи. Овој пат Агенцијата даде нов рок, се очекува веб-страницата да биде пуштена во употреба во рок од две-три недели.

Од друга страна, синоќа, заменик – директорот Авни Рустеми соопшти дека во употреба привремено е пуштена веб-страницата на Агенцијата на албански јазик, која ќе биде на располагање на јавноста.

„Во рамките на оваа соработка, ОБСЕ ја реализира и новата веб-страница на Агенцијата за млади и спорт, која освен на македонски јазик, ќе биде и на албански и англиски јазик. Во фаза на изработка е и новата верзија на веб-страницата, која наскоро ќе биде пуштена во употреба, по заедничка координација со нашите партнери“, изјави Авни Рустеми.

Ова е линкот до привремената веб-страница на албански јазик на Агенцијата за млади и спорт: http://ams.gov.mk/sq/

Од Агенцијата за млади и спорт велат дека ги завршиле сите финални работи што ги имаат со ОБСЕ за новата верзија на веб-страницата која ќе биде на три јазици, бидејќи истата е донација на ОБСЕ.

„Ви кажуваме од наша гледна точка до каде и како е, имаме две лица кои завршија обука за страницата, доменот е поврзан, преводите се скоро деведесет проценти завршени, односно сите стандардни документи што ги имаме, Законот за спорт, прописи и други работи. Имаме и лице кое ќе ги преведува од македонски, албански и англиски“, рекоа од Агенцијата за млади и спорт.

Од Агенцијата додаваат дека денеска ќе имаат уште една средба и се надеваат дека во следните две-три недели ќе биде пуштена во употреба новата веб-страница на три јазици.

„Не е проблем што се уште не е пуштена во употреба новата веб-страница, проблемот е што сегашната веб-страница е многу стара, околу 12-13 години. Цело време инсистираме да се среди, не се работи за немање волја да се среди, туку тоа оди преку ОБСЕ, тоа е донација. Ние само бараме како да биде пофункционална, некои детали кои сега се решаваат и за две-три недели ќе бидат ставени во употреба, тоа го гарантираме“, рекоа од Агенцијата за млади и спорт.

Порталб.мк испрати и прашања до мисијата на ОБСЕ во Скопје за тоа до каде се работите за новата веб-страница на Агенцијата за млади и спорт и зошто се доцни толку, од таму потврдија дека ќе одговорат, ние уште го чекаме нивниот одговор.

Инаку, иако поминаа две години од стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците во Северна Македонија, неговата имплементација во пракса е многу бавна. Во членот 23 од овој закон се вели дека „Во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, сите надлежни институции се должни да донесат подзаконски акти за спроведување на законот“. Сепак, пропусти во спроведувањето на законот се  забележуваат во институциите, како на централно, така и на локално ниво.

Нови 153 случаи на ковид-19, оздравени 309, а починати 11 лица

Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 1.549 тестирања, а регистрирани се 153 нови случаи на ковид-19: Скопје – 108, Куманово – 12, Прилеп – 9, Кавадарци – 6, Битола – 5, Крива Паланка – 4, Виница – 2, Струмица, Кичево, Неготино, Свети Николе, Берово, Делчево и Пробиштип – по 1.

Регистрирани сe 309 оздравени пациент од: Скопје – 120, Куманово и Велес – по 26, Кочани – 20, Штип – 18, Кавадарци – 16, Прилеп – 13, Битола – 11, Тетово – 9, Македонска Каменица – 7, Крива Паланка и Свети Николе – по 6, Гостивар – 4,Струмица, Кичево и Берово – по 3,Виница, Неготино,Делчево, Пробиштип, Гевгелија, Валандово и Кратово – по 2, Ресен,Крушево, Демир Хисар и Пехчево – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 11 починати лица: по 2 починати лица од Прилеп (54г и 63г), Кавадарци (49г и 70г), и Демир Хисар (74г и 77г), по едно починато лице од Скопје (69г), Кичево (58г), Битола (61г), Гевгелија (69г) и Велес (79г). Од пријавените лица сите се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, се пријавени две починати лица со датум на смрт од 22.10.2021 до 30.10.2021.Регистрирани се по едно починато лице од Скопје и Крива Паланка на возраст од 61 до 80 години,од кои еден е починат во болнички услови, а еден е починат во домашни услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 202.705, бројот на оздравени пациенти е 188.849, на починати е 7.145, а бројот на активни случаи изнесува 6.711.

МЗ: Ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани во државата

Во петокот и во саботата аплицирани се вкупно 5.556 дози вакцини, од кои 950 се аплицирани како прва доза, 1.124 се ревакцинирани, а 3.482 граѓани примиле трета доза вакцина, информираат од Министерство за здравство.

„Заклучно со 31 октомври вкупно се вакцинирани 805.008 граѓани, ревакцинирани се 775.825, а трета доза примиле 30.852 граѓани. 54 проценти од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 проценти од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина,“ се вели во соопштението.

„Другата страна на реката“ на Антониа Килијан-најдобар филм на „Киненова“

На филмскиот фестивал „Киненова“, Стефан Арсенијевиќ за филмот „Страхиња Бановиќ“ ја доби наградата за најдобар режисер, Давид Боневил и Диего Роша за најдобро сценарио за филмот „Последното капење“, специјална награда од жирито ѝ беше доделена на Ивона Синежинска за „Аматери“, а нововостановената награда „Упа“ за најдобро актерско остварување и припадна на Мелика Форотуан од филмот „Пари“.

„Другата страна на реката“ на Антониа Килијан доби Гран при за најдобар филм на Киненова 2021 за силната приказна водена од женски карактер кој се обидува да го промени традиционалното општество, следејќи ги нејзините верувања и покрај противречностите и тешкотиите.

Филмот демонстрира ветувачки силен глас на филмски режисер подготвен да се справи со тешки теми во предизвикувачки услови.

„Последното капење“ на Давид Боневил и Диего Роша ја доби наградата за најдобро сценарио за многу интимното и чувствително прикажување на ликовите кои го пронаоѓаат својот пат во новите околности, кои ги предизвикуваат нивните постоечки погледи на светот.

Филмот „Аматери“ на Ивона Сикежинска ја доби Специјалната награда од жирито за вештиот пристап кон справување со актерската екипа во приказна за луѓе со посебни потреби во креативна средина, а на Мелика Фороутан од филмот „Пари“ ѝ е доделена ново воспоставената награда „УПА“ за најдобро актерско остварување, за силната и незаборавна изведба во улога на мајка која поминува низ трансформативно искуство во потрага по својот изгубен син.

МЗ: Ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани во државата

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 5.532 дози вакцини, од кои 666 се аплицирани како прва доза, 1.050 се ревакцинирани, а 3.816 граѓани примиле трета доза вакцина, информираат од Министерство за здравство.

„Заклучно со 27 октомври вкупно се вакцинирани 803.408 граѓани, ревакцинирани се 773.537 а трета доза примиле 24.021 граѓани. 54 проценти од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 проценти од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина,“ се вели во соопштението.

Отворен Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“

Шестото издание на „Киненова“ беше свечено отворено синоќа во киното „Милениум“ со доделување на наградите за oсобен придонес во филмската уметност и проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ, кој го прогласи фестивалот за отворен.

„Киненова“ и во оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. За овие пет години се промовирале повеќе од 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови кои беа наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.

„Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди,“ рече директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Лауреат е Мето Јовановски актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото. По неговите улоги ги паметиме и „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“…

„Актерот како и секој човек мечтае по се она што ја возвишува и храни човековата душа, со желба секојдневно да се преточи во возвишен филмски живот, да се влезе во светот на креативноста и за миг да се заборави црно-белиот свет. А нашата радост, возбуда и љубов да ја поделиме со оние за кои постоиме, а тоа е публиката,“ рече Јовановски.

„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно и ја додели наградата за Особен придонес во филмската уметност. Наградата ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев. „Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга.

На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека на Северна Македонија, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтираа во една целина и крајниот производ е видео врз музичка подлога на песната „РамПаРам“ од „Суперхикс“. Видеото ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот.

Нови 444 случаи на ковид-19, оздравени 225, починати осум лица

Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа, направени се 3.210 тестирања, а регистрирани се 444 нови случаи на ковид-19: Скопје – 187, Куманово – 37, Kрива Паланка – 22, Штип – 20, Велес и Кавадарци – 19, Битола – 17, Тетово и Кочани – по 16, Прилеп – 15, Охрид, Струмица и Гевгелија – по 9, Неготино и Ресен – по 7, Берово – 5, Свети Николе – 4, Кичево, Радовиш и Пробиштип – по 3, Струга, Делчево, Валандово, Кратово, Богданци, Демир Хисар и Македонска Каменица – по 2, Виница, Пехчево и Дојран – по 1.

Регистрирани сe 225 оздравени пациент од: Скопје – 158, Куманово – 14, Битола – 8, Велес – 7, Гевгелија – 6, Кочани, Струмица, Свети Николе и Демир Хисар – по 4, Штип и Пробиштип – по 3, Кавадарци, Радовиш и Кичево – по 2, Неготино, Кратово, Виница и Македонски Брод – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 8 починати лица: 2 починати лица од Скопје (56г и 46г) и по едно починато лице од Кавадарци (74г), Куманово (88г), Кочани (84г), Струмица (73г), Прилеп (71г) и Тетово (69г). Од пријавените лица сите се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, се пријавени 7 починати лица со датум на смрт од 03.09.2021 година до 24.10.2021 година. Регистрирани се 2 починати лица од Струмица и по едно починато лице од Скопје, Штип, Кочани, Тетово и Радовиш на возраст од 49 до 78 години, од кои 5 се починати во болнички услови а 3 во домашни услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 200.856, бројот на оздравени пациенти е 187.374, на починати е 7.087, а бројот на активни случаи изнесува 6.395.

Порталб.мк: Студентскиот дом во Тетово не е подготвен ниту за овој семестар, се ветува од 2016 година

Студентскиот дом во Тетово сè уште не е готов, иако Министерството за образование и наука претходно најави дека се очекува домот да заврши во мај/јуни годинава, пишува Порталб.мк.

Заменик министерот за образование, Арафат Шабани даде ново ветување и изјави дека останува да се довршат работите околу ентериерот.

„Прво на ред беа градежните работи. Сега следи опремувањето со ентериер. А во меѓувреме се појави трето прашање кое беше надвор од првичниот договор на претходната Влада, а тоа е уредување на дворот. Откако ќе бидат завршени дворот и внатрешноста, домот ќе биде комплетиран и ќе се пушти во употреба“, изјави  Шабани.

Запрашан кога студентскиот дом ќе биде готов, Шабани рече дека процедурите ќе продолжат по изборите.

„Многу скоро, мислам дека пред Нова година треба да се заврши целата работа што е во тек“, рече Шабани.

Изградбата на студентската куќа во Тетово е инвестиција вредна 166,5 милиони денари, зградата ќе има 305 легла. Покрај спалните соби, во студентскиот дом има и технолошка соба, читална, сала каде студентите ќе можат да вежбаат фитнес, простор за ужина итн.

Истиот ден кога Владата го усвои законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“ беше најавена и изградбата на студентски дом во Тетово, и тоа во 2016 година, а истата година беше објавен тендерот за изградба на овој беше студентски дом.

Потсетуваме дека министер за образование и наука во тоа време беше Абдилаќим Адеми.

Но, и покрај фактот што тендерот за изградба беше отворен во септември 2016 година, одлука за почеток на работите немаше, истата беше официјално донесена на крајот на март 2018 година и беше планирано објектот да биде финализиран во април/мај годинава. Но, и во оваа временска рамка тоа не беше направено. Се очекува студентскиот дом да биде готов пред нова година, како што изјави заменик министерот за образование, Арафат Шабани.

Инаку, немањето студентски дом е проблем за многу странски студенти, бидејќи според нив, цените на приватните станови се скапи, а покривањето на трошоците е неиздржливо за еден студент. Од друга страна, наоѓањето на еден или повеќе цимери со кои ќе живеете заедно во стан и ќе ги споделите трошоците не е секогаш лесно. Има студенти кои поради немање студентски дом се принудени да патуваат.

Сојузот на средношколци од кандидатите за градоначалници бара праведен јавен превоз за сите средношколци

Сојузот на средношколци ги контактираше кандидатите за градоначалници на Скопје кои се натпреваруваат во вториот круг од Локалните избори 2021 година, со цел решавање на проблемите со кои се соочуваат средношколците околу јавниот превоз, информираат од таму.

Имено, Сојузот на средношколци бара бесплатен превоз за сите средношколци без разлика од типот на училиштето во кое учат, како и во текот на целата календарска година, а не како досега само во текот на учебната година.

„Сакаме да нагласиме дека средношколците не се образуваат само за време на учебната година, а средношколската возраст трае само 4 години и многу е важно во овој период учениците да ги имаат сите придобивки со цел непречено да се развиваат, созреваат и учат согласно нивната возраст и потреби. За таа цел, на официјалните адреси за контакт на двајцата кандидати на потпис им доставивме Меморандум со 6 точки, а од нив бараме да се заложат истите да ги исполнат доколку ја добијат поддршката да управуваат со Градот Скопје,“ се вели во соопштението.

Оттаму очекуваат во најскоро време и двајцата кандидати да го потпишат ваквиот Меморандум со што средношколците, нивните родители и професори може да бидат сигурни дека многу брзо ќе се реши овој децениски проблем на средношколците и нивното користење на јавниот транспорт.