Отворен Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“

Фото: Фестивал „Киненова“

Шестото издание на „Киненова“ беше свечено отворено синоќа во киното „Милениум“ со доделување на наградите за oсобен придонес во филмската уметност и проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ, кој го прогласи фестивалот за отворен.

„Киненова“ и во оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. За овие пет години се промовирале повеќе од 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови кои беа наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.

„Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди,“ рече директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Лауреат е Мето Јовановски актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото. По неговите улоги ги паметиме и „Среќна нова ‘49“, „Тетовирање“, „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Македонска сага“…

„Актерот како и секој човек мечтае по се она што ја возвишува и храни човековата душа, со желба секојдневно да се преточи во возвишен филмски живот, да се влезе во светот на креативноста и за миг да се заборави црно-белиот свет. А нашата радост, возбуда и љубов да ја поделиме со оние за кои постоиме, а тоа е публиката,“ рече Јовановски.

„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно и ја додели наградата за Особен придонес во филмската уметност. Наградата ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев. „Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга.

На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека на Северна Македонија, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтираа во една целина и крајниот производ е видео врз музичка подлога на песната „РамПаРам“ од „Суперхикс“. Видеото ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот.