На младите треба да им се помогне на здрав начин да се справат со стресот

Photo by Nik Shuliahin on Unsplash

Ковид-пандемијата која сè уште трае, полека ги истрошува т.н емоционални батерии на младата популација, која е најпогодена и најповеќе ги чувствува последиците од мерките кои во изминативе две години беа наметнати, но и сè уште се на сила, велат психолозите. Секојдневниот живот се врати во одредена нормала, но предизвиците со стресната ситуација останаа.

Психологот и психотерапевт Марија Котевска Димовска, која воедно е и вонреден професор, за Мета објаснува дека стресната ситуација која трае веќе подолго време доведе до исцрпување, непријатни емоции, страв, тага, гнев кај младите. И сето тоа продолжува со секој нареден ковид-бран.

„Ова сето веќе истоштува, и младата популација се наоѓа најпогодена, бидејќи веќе е исцрпена. Како резултата на подолготрајната состојба на стрес се јавува анксиозност, депресивност, агресивност. Но и покрај сè, сметам дека младата популација има една нишка на енергетско духовно здравје. На нас, како стручни лица, ни останува да им помагаме на оние кои покажале анксиозност и агресивност. Но сметам дека она што е важно, што треба да го направиме, е да ги поддржуваме во развојот на капацитетите, како да се справат со предизвиците, односно со стресните ситуации на начин кој што е здрав,“ вели Котевска Димовска.

Таа смета дека е важно младите луѓе да се насочат кон тоа како чувствата на тагата и страв правилно да ги изразат, бидејќи во спротивно истите може да преминат во трајни негативни расположенија или други ментални нарушувања.

„Затоа, како психотерапевт сум насочена кон превенцијата. Општеството треба да вложува на различни начини, преку медиуми, училишта, наставници, да вложува во развојот на потенцијалите на младите за да бидат флексибилни, односно да развијат отпорност кон стресна ситуација. Нормално е да се чувствуваат тажни, несреќни, незадоволни, немоќни. Непријатно е да се чувствуваат така, но треба да научат како да се носат со тие емоции,“ додава Котевска Димовска.

Нашата соговорничка потенцира дека е природно да се страда во одредени ситуации кога имаме животозагрзувачки фактори. Оттука, во такви моменти системскиот пристап е многу важна работа во третирањето на младите, а тој подразбира едукација на наставниците од страна на психолозите во секое училиште, а наставниците да ги едуцираат родителите.

„Едукацијата не е тешка, имаме многу едуцирани психолози. Во општеството има квалитетни индивидуи, но имаме проблем во колективниот пристап, односно не можеме да работиме тимски. Ова е многу важно од аспект што младите имаат способности, таленти и вештини кои се развиваат само во одредени периоди од нивниот раст и развој. И поради тоа што се случуваше изминатите две години, може неповратно да се изгубат некои од способностите, настани, доживувања. Но, сум оптимист дека кај младиот ништо не е неповратно и со правилен пристап може сè да се надомести,“ објаснува Котевска Димовска.

Според психологот, за овие две години со ковид-кризата, сепак не е сè изгубено. Со физичкото присуство на децата на училиште може да се надоместат процесите.

„Кај голем дел од луѓето и возрасни и млади, некогаш кризата е и поттик за развој. Кризата може да те натера да се развиеш, да постигнеш повисоки состојби. Не секогаш, но често и тоа се случува,“ додава Котевска Димовска.

Овој став на психотерапевтот го потврдува и ученикот Дејан Богоевски кој е втора година средно во училиштето „Таки Даскалот“.

Тој за „Мета“ изјави дека оваа состојба придонела подобро да разбере одредени вредности, како што е комуникацијата со врсниицте.

„Ковид-19 ми ја разбуди свеста за одредени вредности, кои претходно не сме ги ценеле. Никогаш немаше да бидеме свесни за потребата за комуникација и дружење ако не беше ковид-19. Секој на свој начин почувствува како е кога не можевме да излеземе, па потоа како тоа се одвиваше со маски и на социјална дистанца. Сето тоа нè научи како одредени работи да ги видиме и да ги толкуваме подобро и разви многу потреби кај нас,“ вели Богоевски кој упати апел што е можно поголем број на училишта да се фокусираат на разговори за менталното здравје на децата.

Тој додава дека СОУ „Таки Даскало“ е одличен пример за тоа дека секој што има некаков проблем може слободно да се обрати до класниот раководител или психологот.

„Потребно е како на млади луѓе да ни се насочат мислите. Тоа влијае врз нас и нашето здравје, како и многу други сфери во животот,“ заклучува Богоевски.