fbpx

Отворен форум за антикорупција: Најкорумпирани министрите, пратениците, судиите и лидерите на партиите

На секој трети граѓанин му било побарано мито, додека секој четврти дал, што не одговора на состојата со справување со корупцијата, а од друга страна имаме 98 случаи на пресуди за злоупотреба на служебна должност и само четири за давање или примање поткуп, вели Александар Кржаловски од МЦМС претставувајќи го најновиот извештај за процена на корупцијата

-

Корупцијата останува неказнива во Северна Македонија. Ако се има предвид дека 25,5% од испитаниците во истражувањето потврдиле дека биле вклучени во корупција и ако тој процент се проектира на полнолетното население се доаѓа до заклучок дека се сторени минимум 372 илјади кривични дела од областа на корупцијата. Од друга страна, во 2022 година само 98 лица биле осудени за злоупотреба на службената должност или поткуп, што значи стапка на ефикасност на институциите од 0,026% случаи откриени и завршени со пресуда.

Ова беше соопштено на првиот ден од дводневниот Отворен форум за антикорупција, на кој беше презентиран и извештајот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за процена на корупцијата во Северна Македонија.

Александар Кржаловски, МЦМС

Истражувањето на телефонската анкета е направена на репрезентативен примерок од 1.017 испитаници, спроведена од ИПСОС во периодот помеѓу 3 и 26 јули 2023 година. Во рамките на примерокот, 51% биле жени, а 49% мажи, додека во однос на етничката застапеност, Македонците биле застапени со 68%, Албанците со 22%, а другите етнички групи биле застапени со 10%.

Според анкетата, секој петти граѓанин кому му било побаранa противуслуга, подарок или пари, тој тоа го направил, додека 4,2% од граѓаните дале поткуп, иако немале притисок тоа да го направат.

Анкетата покажува дека две третини од полнолетното население покажува нетолерантност кон корупцијата, односно 62,9% од граѓаните не одобруваат коруптивни практики.

„Проектирано со бројот на населението тоа значи дека над 920 илјади граѓани сметаат дека корупцијата е неприфатлива, што значи дека постои значителен број граѓани кои потенцијално може да учествуваат во сузбивање на оваа појава. Меѓутоа, не би требало да се игнорира и фактот дека проектирано на полнолетното население, тоа значи дека повеќе од 540 илјади граѓани сметаат дека дел од коруптивните пракси кои постојат во општеството се прифатливи“, се вели во истражувањето.

Понатаму, анкетата покажува дека постои широка распространетост на корупцијата. Три четвртини од граѓаните (74,4%) сметаат дека корупцијата е распространета меѓу службените лица и ова е зголемување за пет процентни поени споредбено со 2021 година. Министрите, пратениците, судиите и лидерите на политичките партии и коалиции се перципирани како најкорумпирани.

„Корупцијата е навлезена во сите професии од сите сегменти на власта: судската, извршната и законодавната. Над 80,0% од граѓаните ги сметаат овие функции за најкорумпирани. Покрај нив, големо мнозинство од граѓаните (над 70,0%) смета дека корупцијата е навлезена и кај цариниците, јавните обвинители, локалните политички лидери, бизнисмените и даночните службеници. За наставниците и банкарите од сите наведени 23 професии или групи, помалку од 25,6%, односно 29,1% од граѓаните сметаат дека се корумпирани“, покажува истражувањето.

Извештајот е  изработен во рамките на проектите „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитетите за застапување врз база на докази, влијание врз политиките и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“ и „Граѓаните против корупцијата“.

Пендаровски: Корупцијата ќе биде најголемата пречка во нашиот процес на европските интеграции

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, беше еден од говорниците на првиот панел од Отворениот форум за антикорупција, а неговите предвидувања во однос на борбата со корупцијата и рангирањето на земјава, не беше најоптимистично.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Тој рече дека дури 63% од македонските граѓани ја сметаат корупцијата за наш најголем проблем. Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година ја рангира Македонија на 85-то место во светот.

Само 6 или 7 европски држави, зависно од времето на мерење, се зад нас, од кои ниту една не е земја членка на Европската Унија. Индексот за владеење на правото, пак, нѐ рангира на 67. место од вкупно 142 држави, со забележан пад во повеќе области.

„Дури половина од истрагите што Европската служба за борба против измами – ОЛАФ ги отвори за земјите од Западниот Балкан, се поврзани со злоупотреби на европските фондови во Македонија“, рече Пендаровски.

Причините за оваа состојба, според Пендаровски, најчесто ги бараме во недостатокот на политичка волја, во системски или законски празнини, во долгогодишната блокада на европските интеграции, и пред сè, во културата на неказнивост.

„Кога ќе продолжиме со преговорите за ЕУ, корупцијата беа сомнение ќе биде и најголемата пречка во процесот на европските интеграции. Преговорите за членство се отвораат и затвораат со поглавјето за владеење на право и фундаментални права, а, последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас“, вели претседателот Пендаровски.

Тој, како едно од можните решенија за борба против корупција посочи дека властите мора да ги поддржуваат институциите како што е Државната комисија за спречување на корупцијата, барем нејзиниот постојан состав, во нивната работа. Повика на создавање широк антикоруптивен фронт и подигнување на културата на антикорупција.

„Тоа подразбира, меѓу останатото, расчистување со едно популарно, но, погрешно верување, сумирано во изјавата „овие крадат, ама барем нешто работат или градат“, рече Пендаровски.

Гир: Очекуваме да бидете бескруполозни во борбата против корупцијата

Со анегдота дека веднаш му било побарано мито кога пристигнал во државата, евроамбасадорот Дејвид Гир се обиде да го долови степенот на корупција во земјава. Тој потсети и на последните контроверзни измени во Кривичниот закони, за кои изрази сериозна загриженост со оглед на тоа што беа запрени постапките за голем број кривични предмети и процеси за корупција и се создаде правна дупка кога станува збор за јавните набавки.

„Политиката нема ништо со правдата и правдата нема ништо со политиката, тоа мора да се сфати и примени. Борбата против корупцијата мора да биде силна, и затоа е потребна сорабока и посветеност од институциите и од граѓаните“, рече Гир.

Во однос на изборот на новите членови на Антикорупциската комисија, кој беше критукуван од дел од експертската јавност, евроамбасадорот рече дека нема да го коментира изборот, но дека очекуваат новиот состав да биде на исто ниво или подобар од актуелниот состав на ДКСК.

„Ви ветувам дека ќе ги оценуваме врз основа на нивната работа. Очекувам да бидете бескруполозни во борбата против корупцијата, бидејќи ЕУ го гледа Западен Балкан со итност“, рече Гир.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.