Играта „WoW SoD“ доби огромна популарност поради својата иновативност

За „WoW SoD“ мора да се плати околу 14 евра месечно за да се игра

Играта „World of Warcraft Classic Season of Discovery“ (WoW SoD) добива на популарност. Класичните сервери сè уште постојат посебно, а во експанзија е играта „Драгонфлајт“. Оваа трета опција за играње на „WoW“ овозможува добивање на вештини од целиот распон и избори откако постои играта.

Така, вештерот може да биде и тенк, а волшебникот може да биде и лекувач, и тоа претставува две впечатливи комбинации од дијапазонот на „нови улоги” за „старите класи”. Ова за играчите е мошне интересно, посебно поради тоа што се игра во сетинг на класичната WoW, така што, ова е еден вид нов развој на играта и сè уште е во експериментална фаза. Играчите многу добро реагираат на иновации што нудат повеќе опции, така што не е чудно што интересот за играта е огромен.

Ова е најновото официјално видео што го објаснува целиот концепт: 

Системот функционира така што се отклучуваат „руни”, кои се ставаат на оклопот и може да се менуваат од веќе откриените и нови руни што сте ги нашле во светот. Токму тоа е според приказната Откривањето.

За одредени руни треба да се заврши ланец од задачи (quest chain) за да на крај се добие руната како можност. Најскорешен пример за тоа е руната за способноста Metamorphosis кај Warlock, што на почетокот беше достапна само на потежок начин и не можеше да се открие. Сега има и полесен начин, со мисии, токму поради фидбекот на играчите.

Оваа руна и способност, привремено го претвара вашиот вештер во демонска форма, за да се справите со уште поголеми демони и секакви други фантазиски чудовишта во играта. Во ритејл верзијата на нормалната WoW Драгонфлајт оваа способност ја има ловецот на демони, што е херојска класа во играта специјализирана за таа цел. Има различни трансформации за тенк (кој личи на ѓавол) и т.н. „дпс“, кога се користи вештината/магијата Metamorphosis

Според наративите на играта оваа вештина е вид на „борење против оган со оган” и секогаш е на страната „на доброто”. Ловците на демони, а и вештерите „страдаат” од тоа што со користење на демонски енергии нивниот изглед се извитоперува во подемонолики ликови, но сепак се херои кои само изгледаат како антихерои.

Околу техничките специфики, максимално ниво во играта моментално е 25. Понатаму ќе се зголеми до 40, па 50 и ќе сопре на ниво 60. За потсетување, ова е сезона, што значи има почеток и крај, како и секоја сезона во „РПГ“ игри. 

Тоа што најмногу ги нервираше играчите на WoW Classic, е што нема WoW Armory за нивните ликови, односно детално да се видат онлајн. За „Драгонфлајт“, пак, во нормалната WoW игра тоа е дел од услугата. Сепак, има и екстерни сајтови што мерат напредок и статистика. 

За „WoW SoD“ мора да се плати околу 14 евра месечно за да се игра. За нормалната „WoW“ и претходната класична верзија на „WoW“, е овозможена опцијата за „WoW Token“, што овозможува да се игра бесплатно за ветерани што златото го претвараат во токен со кој си додаваат време за играње. Истата претплата важи за сите верзии на играта. Ако имате време за играње, можете да ги играте сите три игри, но треба посебно да ја симнете секоја од нив. 

 

Ако имавте потешкотии да ја разберете терминологијата во овој текст, ви го препорачуваме нашиот претходен напис каде што се објаснети фразите за оваа и многу други игри од RPG и ММОРПГ жанровите.