fbpx

Граѓаните сè помалку учествуваат во доброволни акции, црквите и верските организации им се најпривлечни

-

Според анкета спроведена лани на репрезентативен примерок од 1.007 испитаници учеството во доброволни акции бележи значителен пад. Само 7,6 отсто од граѓаните изјавиле дека во последните 12 месеци учествувале во доброволни акции, додека овој процент во 2010 година изнесувал 21,9 отсто. Ниската свест за волонтерски ангажман се гледа и од мислењето на голем дел од испитаниците дека немало волонтерски активности во заедницата во последната година, што упатува на ниска самоиницијативност на граѓаните и зависност од мобилизација. Ова меѓу другото го покажа истражувањето „Општествена одговорност на граѓаните“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Резултатите од анкетата покажуваат и дека се зголемил бројот на граѓаните кои членуваат во било која форма на здружување во однос на 2010 година. Црквите и верските организации се најпривлечни за граѓаните односно 43,6 отсто од нив се нивни активни или неактивни членови. Пред 11 години, црквите и верските заедници биле трети според бројот на граѓани кои членуваат во нив (30,7 отсто), а сега бележат најголемо членство.

По црквите и верските организации, најголем пораст кај членството се забележува кај граѓанските организации. Вкупно 36,8 отсто од граѓаните изјавиле дека членуваат во граѓанска организации од кои, секој петти (20,7 отсто) е активен, а 16,2 отсто се неактивни членови. За споредба, вкупното членство во граѓански организации во 2010 година изнесувало 24,6 отсто, од кои 9,5 отсто биле активни, а 15,1 отсто неактивни членки.

Политичките партии кои сега се второ рангирани според членството (39,1 отсто) биле прво рангирани пред 11 години (37,5 отсто). Бројот на активни членови во политичките партии пораснал за 4,2 процентни поени, додека бројот на неактивни членови се намалил за 2,6 процентни поени.

За мнозинство од граѓаните (57,5 отсто) државата е најодговорна за решавањето на општествените потреби. За 11 години, оваа бројка пораснала за 7 процентни поени.
Од друга страна, во истиот период (2010 – 2021) за околу 10 процентни поени (од 33,4 отсто на 23,2 отсто) паднал бројот на оние кои сметаат дека одговорноста треба да биде заедничка.

Со истражувањето е проверуван и јавниот дух на граѓаните преку оценка на степенот на оправданост на неколку генерално општествено неоправдани активности. За речиси 21 пп се зголемил бројот на граѓани за кои е неоправдано да се плаќа во готово за услуги за да се избегнат даноци и сега изнесува 83,4%, за разлика од 2010 година кога бил 62,6%.

Мамењето за данок доколку постои шанса за тоа е неприфатливо за 93,4% од граѓаните, а во 2010 година оваа активност била неприфатлива за 87,0% од граѓаните. Од друга страна пак за нијанса е намалена одговорноста на граѓаните за самите себе (возење под дејство на алкохол) и околината (фрлање ѓубре на места кои не се определени за тоа).

Граѓаните повеќе се социјализираат. Тие најчесто се дружат со своето потесно и/или пошироко семејство (66,6%) и со своите пријатели (54,9%), а помалку со колегите од
работа (30,4%). Времето поминато со семејството се зголемило за околу 16 процентни поени во однос на 2010 кога изнесувало 49,9%. Пораснал и бројот на оние кои
посетуваат верски храмови од 20,2% на 29,9%. Етничките Албанци и припадници на исламска религија значително повеќе ги посетуваат верските храмови, особено младата популација од оваа група граѓани. На социјализацијата влијаат возраста, финансиските средства и образованието. Помладите, оние со повисоки примања и оние со завршено вишо или високо образование почесто се дружат со пријателите, колегите и повеќе време издвојуваат за спортски или рекреативни активности.

Има значителен пад во учеството на граѓаните во непартиски активности во споредба со истражувањето пред 11 години. Вкупно 15,0% рекле дека се вклучуваат во потпишување петиција во споредба со 25,7% во 2010 година. Околу 14% учествувале на мирен протест за разлика од 36,6% кои го направиле тоа пред 11 години. Најактивни во непартиски активности се граѓаните на возраст од 30 до 49 години, а лицата со повисоко образование се повеќе вклучени во непартиски активности.

Младата популација со повисоко образование која припаѓа на средните класи најмногу членува во граѓанските организации, a можноста за вработување е најголем мотив за членство и вклученост во работата на граѓанските организации.

Се забележува големо опаѓање во дарувањето во добротворни цели во последните 12 месеци споредено со истражувањето спроведено пред 11 години. Во 2021 година 27,0% од граѓаните дарувале (пари или добра) во добротворни цели во последните 12 месеци.

Во 2010 година овој процент изнесувал 65,2 %. Во оваа ситуација единствено охрабрувачки е високиот процент на граѓани (61,3 %) кои иако не дарувале, спремни се тоа да го направат. Граѓаните најмногу даруваат за хуманитарни цели.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...