fbpx

Истражување на Метаморфозис: Загрижувачки тренд на дезинформации, граѓаните бараат да се преземат мерки

Голем процент од граѓаните (речиси 40 отсто) сметаат дека државата нема капацитет да се справи со заканите од дезинформации и други форми на специјална војна

-

Ширењето дезинформациите од година в година достигнува загрижувачки трендови. Граѓаните ги детектираат дезинформирациите, воедно ја губат довербата во медиумите и бараат од властите да се преземат мерки за нивно спречување.

Ова се само дел од заклучоците од последното истражување на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, насловено како „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“.

Она што е интересен тренд е фактот дека информирањето преку личните контакти и комуникации бележи енормен пораст во текот на последнава година. Ако во минатата година само 36 отсто од граѓаните за случувањата и за настаните секојдневно се информирале преку непосредна комуникација во своите лични односи, оваа година тој процент е зголемен на 64 отсто и го надминува дури и процентот на граѓани што се информираат од домашните ТВ-станици.

Фото: Принтскрин од извештајот „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија
врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“

Наодите покажуваат значителна промена во навиките на информирање на граѓаните во споредба со минатата 2022 година. Од медиумските канали на информирање, најзастапени се домашните ТВ-станици (61 отсто), а веднаш по нив социјалните медиуми (58 отсто). Значителна промена во однос на минатата година има кај интернет-порталите. Минатата година од интернет-порталите се информирале 37 отсто, додека, пак, оваа година овој процент изнесува дури 51 отсто.

„Најголем процент од граѓаните имаат целосна доверба во информациите што ги добиваат од личните контакти (24 отсто), а, пак, во домашните ТВ-станици, како најчесто користен медиумски канал, целосна доверба имаат само 4 отсто. На информациите добиени од интернет-порталите и од социјалните медиуми целосно им веруваат помалку од 2 отсто, што покажува дека, иако граѓаните секојдневно се информираат од овие медиуми, имаат многу мала доверба во нив“, пишува во наодите од истражувањето.

Филип Стојановски, директорот за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, истакна дека проблемот со дезинформациите не се смета само како медиумски проблем, туку е проблем кој го тангира целото општество.

„Пред сè, тоа е безбедносен проблем. Тој ги допира сите аспекти од животот на граѓаните. Една од целите на ова истражување беше да се утврди степенот на изложеност на нашите сограѓани на дезинформации. Сакавме да го опфатиме проблемот преку ниво на перцепција на граѓаните преку анкета, но и да направиме споредба со резултати од други анкети, за да ги утврдиме поврзаностите и да понудиме одредени предлози за решенија“, истакна Стојановски.

Резултатите треба да ни послужат како материјал во процесот на креирање на системски решенија кои се неопходни за нашето општество, рече Филип Стојановски

Тој потсети дека „Метаморфозис“ дава голема важност на проверката на факти.

„За новинарската работа овие истражувања се неопходни, за да можат да се демистифицираат широко прифатени предрасуди и ставови кои не се базираат на факти, а посебно, пак, да се утврди ширењето на дезинформациите во популистички наративи. Имавме цел резултатите да ни послужат како материјал во процесот на креирање на системски решенија кои се неопходни за нашето општество. Тие може да ни послужат за Националната стратегија против дезинформации, која е во процес на креирање на ницијатива на граѓанскиот сектор“, додаде Стојановски, потенцирајќи дека дезинформациите ја изветоперуваат слободата на изразување и дека се тие злоупотреба на комуникацискиот потенцијал.

Истражувачот Ѓорги Митревски детално го презентираше истражувањето и спроведената анкета. Тој кажа дека наодите покажале дека информирањето од домашните ТВ-станици е застапено кај повозрасната популација, а останатото, односно социјални мрежи и интернет портали, е застапено кај помладата популација.

„Најинтересен е наодот според кој информирањето се одвива преку личните контакти. Годинава тој процент е двојно поголем. Друга промена во однос на навиките на информирање на граѓаните, е значителниот пораст на информираноста од Интернет порталите. Постои тенденција за промена на навиките на граѓаните“, кажа тој.

Речиси 70 отсто од испитаниците сметат дека дезинформациите се закана за безбедноста

Истражувањето покажа дека граѓаните добро ја разбираат природата на дезинформациите. Дури 75 отсто сметаат дека дезинформациите поттикнуваат говор на омраза и поделби во општеството, а 68 отсто се согласуваат дека дезинформациите се закана за безбедноста. Притоа, голем процент од граѓаните (речиси 40 отсто) сметаат дека државата нема капацитет да се справи со заканите од дезинформации и други форми на специјална војна.

„Граѓаните, во голема мера, се подложни на дезинформации и на теории на заговор. Тоа го потврдуваат и наодите од истражувањето, кое евидентираше висок процент на граѓани што веруваат во дезинформациски наративи. Така, дури 62 отсто од граѓаните веруваат дека „глобалисти или елитисти ги контролираат случувањата во светот“, додека, пак, 66 отсто од граѓаните веруваат дека „ковид-19 беше создаден намерно“. Застапени беа и антивакциналните дезинформации – 28 отсто од граѓаните веруваат дека „болестите за кои се вакцинира, можат да се надминат и со природен имунитет“, наведено е во истражувањето.

„Левица“ највисоко на листата како промотор на руски интереси

Во однос на проруските наративи, резултатите покажаале дека тие имаат голема дисеминација во медиумскиот простор. Околу 30 отсто од граѓаните сметаат дека во земјава нема ентитети што ги промовираат руските интереси. Уште позначајно е да се спомене дека дури 50 отсто од граѓаните немаат свое мислење за ова прашање.

Во однос на тоа кои извори/ентитети ги промовираат руските интереси и ставови во земјава, за разлика од минатата година, кога во најголем процент биле наведени тајните служби на други држави (11 %), медиумите (10 %) и политичките партии (9 %), оваа година во најголем процент била наведена политичката партија Левица (15%). Ова означува значителна промена на мислењата во однос на претходната година, кога само 4 % од граѓаните што веруваа дека во земјава активно се промовираат руските интереси ја навеле Левица како извор на тие интереси.

Ставовите на граѓаните во однос на евроинтегративните процеси не се значително променети во однос на минатата година. Највисок процент граѓани (48 отсто) сметаат дека земјава треба да стане членка на ЕУ, но без отстапки со Бугарија. Уште повисоки 50 отсто не се согласуваат со идејата за промена на Уставот, со цел влез на земјава во ЕУ.

„Со исклучок на Србија, сите соседни земји, според мислењето на граѓаните, имаат доминантно негативно влијание врз нашата земја. Србија, пак, се смета за земја со најголемо позитивно влијание врз нашата земја. Анкетираните граѓани сметаат дека најнегативно влијание врз нашата земја има Бугарија – 77 отсто проценти од нив стојат на овој став“, се додава во истражувањето.

Во делот за препораки, стои дека е неопходен системски пристап за градење култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа, почнувајќи од проактивна улога на државните институции на ниво на градење јавни политики, зголемување на квалитетот на медиумското покривање на жешките теми. Медиумската и дигиталната писменост треба да се зајакнат и преку образовниот систем и преку едукативни програми во медиумите, како и преку реформирање на односот на институциите и на засегнатите страни од сите сектори, како и на сите нивоа.

„Медиумите да се заложат за пренесување проверени содржини од сервиси за проверка на факти или други медиуми, како и од граѓански организации што редовно разоткриваат дезинформации и дезинформациски наративи во рамките на своето работење. Зголемувањето на употребата на онлајн медиумите, од интернет-портали до социјални мрежи, кои граѓаните ги вбројуваат и меѓу главните извори на дезинформации, ја наметнува потребата за решавање на напластените проблеми поврзани со недостаток на регулација во оваа област, преку измена и дополнување на законите и на прописите, со цел зачувување и унапредување на слободата на изразување, во согласност со стандардите на ЕУ“, наведено е во препораките.

Исто така, меѓу препораките се наведени и оние за државните и јавните институции, приватните компании и граѓанските организации, кои треба да ги надградат етичките кодекси, за да ја инкорпорираат борбата против дезинформации како основна вредност и понатамошен развој на соодветни работни процедури и критериуми за постапување при процесите на набавки на медиумски услуги.

Целосното истражување е веќе објавено на веб-страницата на „Метаморфозис“ и е достапно на македонски, албански и на англиски јазик.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации, медиуми и новинари преку обукa, кој го спроведува „Метаморфозис“ со поддршка од ИФЕКС – Глобалната мрежа за промоција и заштита на слободата на изразување (IFEX – The Global Network Promoting and Defending Free Expression).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...