fbpx

Словенија демантира: Немаше дефект на железницата и не сме барале од Македонија да ја затвори границата

-

Словенија денеска ги демантира информациите дека побарала Македонија да ја затвори јужната граница за влез на мигранти поради дефект на железничката мрежа и истакнува дека железничкиот сообраќај во земјата изминатите денови се одвивал непрекинато.

„Република Словенија не побарала од Република Македонија да ја затвори границата со Грција. Индикациите дека сме го направиле тоа поради тешкотии во словенечката железничка мрежа, се погрешни. Железничкиот сообраќај во Словенија се одвива непрекинато, така беше и во претходните денови. На пругите нема, ниту имаше непланирани прекини во изминатите денови, кои би оневозможиле транспорт на возовите, а „Словенске железнице“ и понатаму обезбедуваат непречен транспорт на возовите со мигранти, како што е договорено со Министерството за внатрешни работи на Република Словенија“, стои во демантот од словенечката амбасада во Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера за „Мета“ изјавија дека затворањето на границата со Грција за мигрантите било поради дефект на железничката инфраструктура во Словенија.

– Бевме известени од другите земји од т.н. западно-балканска рута да го редуцираме бројот на мигранти поради дефект на железничката пруга во Словенија. Ние добивме известување од Србија и го проследивме до Грција – ни изјави вчера Дејана Недељковиќ од секторот за односи со јавноста на МВР.

Во дописот од словенечката амбасада се вели и дека „Словенија веќе една година повикува на создавање заедничко европско решение бидејќи отсуството на истото на северот и на југот на Европа, предизвикува донесување на еднострани мерки, кои не го решаваат изворниот проблем, ограничување на миграциите“.

„Миграцискиот тек e сè уште силен – во Словенија секој ден влегуваат и до неколку илјади мигранти – на работ на Европа на влез чекаат повеќе милиони различни мигранти, напролет, пак, се очекува овој миграциски тек да се интензивира. Грција е еден од клучните играчи при справувањето со миграцискиот тек, затоа мораме да ѝ помагаме, според зборовите на словенечкиот премиер, да ги спроведе сите договорени мерки за справување со околностите“, стои во дописот.

Од словенечката амбасада во земјава инфoрмираат дека премиерот Миро Церар пред неколку дена испратил писмо со иницијатива до лидерите на Европската унија, во кое ја истакнал потребата од воведување дополнителна контрола врз миграцискиот тек на македонско-грчката граница. Во таков случај, земјите на ЕУ би ѝ ја нуделе на Македонија сета неопходна помош во спорведувањето на граничната контрола.

„Прашањето за враќање на мигрантите во државите од западно-балканскиот пат, може да ги засили билатералните проблеми и конфликти помеѓу овие држави, затоа е значајно земјите од ЕУ на предизвиците поврзани со миграциите да реагираат заедно. Таквото решение би овозможило нормален прием на тие што ги исполнуваат условите за влез во Унијата, а на другите мигранти би можеле да им помогнеме поблиску до нивните земји на потекло, истакна во писмото словенечкиот премиерот Церар. И министерката за внатрешни работи на Република Словенија, Весна Гјоркос Жнидар вчера ја нагласи потребата за усогласено дејствување во сите држави на миграцискиот пат. Ако една држава ја затвори границата, предупреди дека другата држава ќе има џеб. При ограничувањето на прифаќањето мигранти во Германија и во Австрија, за Словенија е значајна соработката со Хрватска. Таа додаде дека „Не можеме да примиме какви било обврски кон Австрија, без за тоа да се усогласиме со Хрватска“, стои во дописот од словенечката амбасада.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.