!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Еден загинат и десет повредени при удар на комби во пешаци пред џамија во Лондон


       
Лондон, 19 јуни, 2017 - 10:18 (META) 

Едно лице загинало, додека десет се повредени утрово кога комби ударило во пешаци во близина на џамија во северниот дел на Лондон. Случајот, како што јавуваат светските агенции, го истражуваат припадници на британската антитерористичка единица.

Комбито ударило во муслимански верници, во моментот додека тие излегувале од утринската рамазанска молитва од џамијата во Финсбури парк.

Најголемата британска мулсиманска организација случајот го оцени како чин на исламофобија.

Како што соопшти лондонската Метрополитен полиција, еден маж починал на местото на несреќата. Од полицијата соопштиле дека осуммина повредени биле однесени во три различни болници, додека на две лица им била укажна медицинска помош на самото место.

Четириесет и осумгодишниот маж, кој го управувал комбито и кој бил задржан од минувачите, подоцна бил однесен во болница.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, изјавила дека полицијата го третира случајот како „потенцијален терористички напад“.

„Ќе закажам итен состанок ова утро. Сите мои мисли се со жртвите, нивните семејства и со службите за итна помош кои се на местото на несреќата“, изјави Меј.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека дополнителни полициски сили се распоредени низ Лондон, особено во муслиманските квартови.

„Сè уште не ги знаеме деталите, но јасно е дека станува збор за намерен напад на недолжни жители на Лондон, од кои многумина завршувале со молитвата за светиот месец Рамазан…Иако се чини дека ова е напад на одредена заедница, како што беа застрашувачките напади во Манчестер, Вестминистер и на Лондонскиот мост, тоа воедно е и навреда на нашите заеднички вредности како толеранцијата, слободата и почитувањето“, рекол Кан.