Владата секоја година дели субвенции за одржување на патничкиот железнички сообраќај, а Железници на РСМ – Транспорт не успева да привлече поголем број на патници во возовите. Лани со македонските возови патувале само 549.000 патници, што е еден од најлошите резултати во функционирањето на патничкиот железнички сообраќај во нашата земја. Математичката пресметка покажува дека во 2019 година со еден македонски воз во просек патувале само 47 граѓани, ако се земе во предвид вкупниот број на патници во 12 – те месеци наспроти на годишниот број на возови што допатувале и отпатувале од скопската железничка станица според возниот ред.

Малиот процент на исполнетост на патничките возови води кон поставување на прашањето какви поволности за патниците нуди Железници на РСМ – Транспорт. Во актуелниот Прирачник за патници им се нудат повластици за патување на народните херои, кои имаат попуст од 75 отсто од редовната возна цена за неограничен број на патувања. Попуст од 30 отсто за патување можат да добијат и новинарите – членови на Сојузот на новинари на Македонија.

Главен проблем со ваквите поволности на железницата е прашањето за тоа кој би можел нив да ги користи. Сојузот на новинари не постои како организација. Активно во моментов и со години наназад е Здружението на новинарите на Македонија. Дополнително прашање е и дали воопшто и колку вкупно на број постојат живи народни херои коишто би можеле да патуваат со воз.

Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека за да може некоја категорија на граѓани да добие повластена цена, треба да им се обрати со писмено барање во кое ќе ги наведе потребите и причините поради кои ги бара попуст за патување со воз. Истото важи и за новинарските здруженија, кои треба писмено да се обратат до железничкото претпријатие за да ги добијат повластените цени под исти услови што биле пропишани за Сојузот на новинарите на Македонија.

– После разгледување на тоа барање и консултација со Владата на РС Македонија (за одредени повластени патувања), се донесува одлука за висината на повластицата, условите под кои таа би се користела и терминот за почеток на важење на истата – велат од Железници на РСМ – Транспорт.

Прописите во кои се дадени и повластените категории на патници врз основа на тарифа се со важност од 1 јануари 2008 година. Следна промена кај повластените патувања е воведена на 1 јули 2014 година, кога со владина одлука се овозможени дополнителни попусти и бесплатни возења во одредени денови за студенти, млади и стари лица. За последен пат, нови поволности за патување биле воведени на 17 декември 2015 година и овој пат со владина одлука.

И додека кај нашата железница попустите за патување со воз се менуваат еднаш на неколку години, државните железници во Европа се борат граѓаните да ги убедат да патуваат со воз во секоја можна прилика. Па така, во некои земји картите за музички концерт или спортски натпревар вклучуваат можност за бесплатно користење на воз или јавен превоз до дестинацијата на одржување на настанот. Во Македонија засега немало случај на одржување на еден ваков настан за кој патувањето со воз било бесплатно, со исклучок на неодамнешната посета на папата Франциск во Скопје.

Во Германија, „Дојче бан“ им овозможува на децата и младите до 14 години да патуваат бесплатно со било кој воз, доколку за време на патувањето се придружени од родител и доколку тоа е назначено при купувањето на билетот. За разлика од „Дојче бан“, ако сакате да патувате со вашето дете на возраст од 4 до 12 години во македонски воз, ќе мора да платите 50 отсто од цената на редовниот билет.

И државните железници од Балканот во изминативе години почнаа да го следат трендот на развиените земји, ширејќи го бројот на повластици за патување со воз. Хрватските железници на граѓаните им нудат семеен билет за патување, со кој секој член на семејството може да оствари попуст од 50 отсто од редовната цена на билетот доколку патуваат заедно со воз. Државната железница во Хрватска има потпишано договор со „FlixBus“, со кој воведоа интегриран линиски превоз на патници. Со нивниот заеднички билет, граѓаните од Сисак, Копривница, Бјеловар и други градови можат да патуваат до Загреб со воз, а оттаму со истиот билет да отпатуваат со автобус на „FlixBus“ до било која европска дестинација.