Зеленски ги посети војниците на фронтот кај Бахмут

Руските напади се случија еден ден откако кинескиот претседател Си Ѓинпинг ја заврши дводневната посета на Москва, промовирајќи мировен план од 12 точки

-

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги посети војниците на линијата на фронтот во Бахмут, каде што борбите беснеат со месеци. Уништениот град долго време беше фокусна точка на војната, додека руските сили се обидуваат да ја оживеат својата воена кампања на исток, пренесе Би-би-си.

Неговата посета дојде кога руските сили започнаа серија напади врз украинските градови, во кои најмалку осум лица загинаа во регионите Кијив и Запорижја.

Седум лица загинаа во напад на студентски домови во близина на главниот град, односно во населеното место Ржишив. Потоа ракета удри во станбен блок во југоисточниот град Запорижја, оставајќи еден мртов и 25 повредени цивили. Локалните лидери изјавија дека бројот на жртви може да се зголеми.

Додека претседателот Зеленски ги осуди руските „ѕверски“ напади врз цивили, тој ја посети и линијата на источниот фронт, каде што украинските сили ја задржуваат Русија од напредување повеќе од седум месеци. Последен пат, Зеленски ја посети областа околу Бахмут во декември.

На снимката објавена од кабинетот на претседателот се гледа како тој во стар индустриски магацин им дава медали на војниците изморени од битка.

„Почестен сум што сум овде денес“, им рече тој на војниците.

Военото разузнавање на Обединетото Кралство во средата соопшти дека украинскиот контранапад на западниот дел на Бахмут веројатно ќе го намали притисокот врз главната рута за снабдување до градот и дека рускиот напад врз градот би можел да го изгуби „ограничениот моментум“ што го имаше.

„Борбите продолжуваат околу центарот на градот, а украинската одбрана и понатаму е изложена на ризик од опколување од север и југ“, се додава во соопштението.

Во меѓувреме, руските окупациони претставници на полуостровот Крим соопштија дека нападот со дрон врз пристанишниот град Севастопољ бил одбиен, неколку дена откако претседателот Владимир Путин го посетил градот.

Експлозии беа пријавени од жителите, но гувернерот инсталиран од Русија рече дека три „објекти“ чија цел била Црноморската флота биле уништени. Руските воени бродови не биле оштетени.

Нема коментар од украинската војска за овој настан, која претходно оваа недела соопшти дека уништила проектили наменети за Црноморската флота во железничкиот центар во Џанкој на северот на Крим.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...