МОН: Запишувањето вонредни ученици во медицинските училишта се става во мирување

Според статистиките, во вонредно медицинско образование најчесто се запишувале повозрасни граѓани со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.

фото: Marcelo Leal на Unsplash

Сите јавни средни училишта во државата кои имаат добиено верификација за изведување на настава од здравствена струка се известени дека запишувањето на вонредни ученици се става во мирување, почнувајќи од мартовската испитна сесија, информираше денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Претходно запишаните ученици ќе продолжат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици, пак, ќе може да се запишуваат вообичаено во текот на јуни, согласно квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.

Од МОН велат дека одлуката е од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар.

„За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени“, се вели во соопштението на Министерството.

Оваа одлука, додаваат од МОН, е во согласност и со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила која значително недостасува во здравствениот сектор. Според статистиките, во вонредно медицинско образование најчесто се запишувале повозрасни граѓани со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.

„Дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени“, појаснуваат од МОН, од каде потсетуваат дека станува збор за времена одлука, додека во периодот што следи ќе се разгледаат можностите за унапредување на вонредното здравствено образование.