Побрзото патување со воз и воведувањето на заедничките гранични контроли меѓу Македонија и Србија ќе ја чекаат дури 2023 година. За нивното спроведување е неопходно да се изгради нов пограничен објект до железничката станица во Табановце, за чија изведба македонските власти во моментов собираат средства од Европската Унија (ЕУ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Во меѓувреме, железничкиот товарен и патнички превоз останува да минува по две гранични контроли, а со тоа и сериозно да ја губи конкуренцијата со патниот транспорт. Македонскиот премиер Зоран Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ вчера го отворија заедничкиот патен граничен премин Табановце – Прешево, со кој на едно место е воведена гранична контрола на патниците и стоките што се превезуваат со автомобил, автобус и камион.

Заедничките гранични контроли меѓу Македонија и Србија засега функционираат единствено во патниот превоз

Намаленото време за чекање на граница кај патниот превоз, во комбинација со целосно изградениот автопат меѓу Македонија и Србија, ја поставуваат железницата во исклучително тешка положба за привлекување на клиенти и во патничкиот и во товарниот сообраќај.

Недостига објект за гранична контрола

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ потврдуваат дека главна пречка за воспоставување на заедничка гранична контрола во железничкиот сообраќај е потребата од изградба на пограничниот објект, кој ќе чини над 5,1 милиони евра. На последниот Самит за Западен Балкан во Познањ беше обезбеден грант од 2,8 милиони евра за подигање на овој објект, додека останатите средства е договорено да се обезбедат преку ЕБОР.

– Во 2021 година се очекува склучување на договор за инвестициски грант со ЕБОР, по што ќе следи и распишување на тендер за избор на изведувач и тендер за избор на куќа која ќе врши надзор над градбата. Изградбата се планира да биде 18 месеци по склучувањето на договорот – нагласуваат од Министерството за транспорт и врски.

Најдоцна до 2023 година кај железничката станица во Табановце треба да се изгради објект од 2.500 метри квадратни, во кој ќе се сместат граничната полиција, царината, инспекциските служби и железничките работници на двете земји. Во проектот е предвидено да се изгради и нов пристапен пат до станицата Табановце, кој има огромен удел во инвестицијата и самиот чини 1,2 милиони евра, се наведува во документот Програма за економски реформи 2019 – 2021 година на Министерството за финансии.

Времетраењето на патување ќе се намали

Намалувањето на времето за патување со воз е главната предност од воведувањето на заедничките гранични контроли. Штом стартува овој проект, патничките возови ќе чекаат на граница 30 минути помалку, додека товарот ќе ја минува границата побрзо во просек за 90 минути. Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека скратувањето на времето за царински формалности ќе го зголеми протокот на товарните возови. Во иднина, многу полесно ќе биде воведувањето и на прекугранични локални патнички возови, од кои најголема корист би имало населението од Куманово и јужниот дел на Србија, коешто често ја минува границата.

Проблемот со двојните контроли на границата е особено лош за железницата, со која превозот на стоки се врши на долги растојанија и во големи количини. Секое дополнително време за чекање ја прави неконкурентна самата траса по која се движи возот, а во овој случај тоа би значело намален обем на транспорт за македонското железничко претпријатие. Двојната контрола на границата го зголемува и времетраењето на патувањето со воз меѓу Скопје и Белград, при што во моментов на експресните возови им требаат речиси 10 часа за да го минат растојанието меѓу двата града.

ЕУ критикува поради бавната реализација

Од невладиниот сектор во земјава посочуваат дека од ЕУ веќе испраќаат критики околу бавната реализација на проектите за воведување на заеднички гранични контроли со соседните земји.

– Констатирано е дека изградбата на прекуграничните премини оди бавно, што се должи на лошите процедури за набавки и неквалитетните изведувачи“, вели Ангел Мојсовски – истражувач од Институтот за европска политика.

Од Институтот потенцираат дека со воведувањето на заедничките гранични контроли ќе се намалат административните трошоци на двете земји.

– Бидејќи Европската Унија е и економска унија, создавањето на заеднички економски простор нуди слободно движење на стоките и услугите – посочува Мојсовски.

Доцнењето со изведбата на заедничката гранична контрола е само една од критиките што земјава ги добива од Европската Комисија во делот на железничкиот сообраќај и инфраструктура.

Многу ветувања, малку реализација

Во Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 година на Министерството за транспорт и врски се вели дека до 2030 година треба да бидат изградени пет заеднички железнички гранични премини со соседните земји. Но, ниту еден од нив досега не профункционирал. Од ова министерство појаснуваат дека државниот договор со Косово за заеднички гранични контроли во железничкиот сообраќај е потпишан уште во 2011 година, но до денешен ден тој не профункционирал. Идентично како и во случајот со проблемите на македонските власти околу изградбата на пограничната зграда кај Табановце, косовските власти до денешен ден не го имаат подигнато ваквиот објект во Хани и Елезит.

Освен со Србија и со Косово, спогодба за идни заеднички контроли на границата треба да се склучи и со Грција, но прашање е кога и таа ќе се реализира.

– Со Република Грција постапката за склучување билатерални договори за двата премина е во напредна фаза – велат од Министерството за транспорт и врски.

Во случајот со Грција, на преминот Гевгелија – Идомени ќе треба да се гради заедничка гранична зграда во Гевгелија. На преминот Кременица – Неа Кафкасос, Грција треба да го презеде задолжението за подигање на ваков објект во Неа Кафкасос. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во февруари годинава нагласи дека двете земји треба да го финализираат текстот на Спогодбата за утврдување на граничните процедури за двата железнички премина, но ваквиот документ не е потпишан до денешен ден.

Доколку се суди по примерот со потпишувањето на ваквата спогодба меѓу Македонија и Србија, заедничките гранични премини со соседните земји ќе чекаат долги години на реализација. Историјатот со пограничниот објект кај Табановце вели дека најпрво во февруари 2015 година владите на Македонија и Србија потпишале договор за воставување на гранични процедури, во согласност со Директивата 2012/34 за создавање на заеднички Европски железнички простор. Протоколите меѓу релевантните институции на двете земји (полиција, царина, инспекциски служби и друго) биле потпишани во јуни 2016 година, а во текот на оваа година започнала постапката за изработка на инвестиционо – техничката документација за идниот објект кај Табановце.

Во целиот овој лавиринт од административни процедури, оформувањето на финансиската конструкција за проектот дури сега се завршува, а конкретните градежни работи на пограничниот објект кај Табановце треба да започнат за најмалку две години од денес.

Соседите грабат напред

За разлика од бавноста на македонската држава, дел од соседните земји веќе воведоа заеднички гранични контроли и во патниот и во железничкиот сообраќај. Стоењата на едно место веќе се реалност на границите меѓу Албанија и Косово, како и помеѓу Албанија и Црна Гора во делот на патниот сообраќај. Во железницата, вистински позитивен пример е заедничкиот железнички граничен премин меѓу Романија и Бугарија во бугарскиот град Видин.

Објектот за заедничка гранична контрола меѓу Бугарија и Романија на железничката станица во Видин; Фото: Бојан Блажевски.

Пограничниот објект е веднаш до железничката станица во центарот на Видин, каде што се обавува полициска, гранична и други контроли во посебен објект пред патниците да влезат во возот. Откако ќе тргне од станицата во Видин, возот во Романија не застанува на ниту едно друго место за гранична контрола. На тој начин, времетраењето на патувањето меѓу градовите Видин и Крајова е значително намалено, а можностите за воведување на нови возови меѓу двете земји се зголемија.

Автор: Бојан Блажевски