Харт: Повторно разгорување на спорот за името е опасно и непотребно

„ЕУ мора да им испрати јасен сигнал на претседателката, како и на победничката партија на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, дека патот на Северна Македонија кон благосостојба и слобода, како и во ЕУ, води исклучиво преку почитување на постигнатиот компромис со Грција“, вели Јирген Харт, пратеник на Христијанската демократска унија (ЦДУ)

-

Осуда на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која при давањето заклетва во Собранието не го употреби името „Северна Македонија“, денеска стаса од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија, опозициската Христијанско демократска унија (ЦДУ). Пратеникот Јирген Харт вели дека Брисел мора да им испрати јасна порака на Сиљановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ дека таквата политика нема да се толерира. Според него, како што пренесува „Дојче Веле“, повторното разгорување на спорот за името на Северна Македонија е целосно непотребно и опасно. Новата претседателка на Северна Македонија, Сиљановска Давкова на својата функција е исто толку обврзана да го почитува компромисот меѓу Северна Македонија и Грција, колку што беше и нејзиниот претходник.

„ЕУ мора да им испрати јасен сигнал на претседателката, како и на победничката партија на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, дека патот на Северна Македонија кон благосостојба и слобода, како и во ЕУ, води исклучиво преку почитување на постигнатиот компромис со Грција“, рече Харт.

По бројните реакции во јавноста, од кабинетот на претседателката вчера кажаа дека таа ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Таа ја потпишала официјалната изјава за стапување на должност со уставното име- Република Северна Македонија и кажа дека во иднина ќе го користи тоа име.

Нејзината одлука при давањето заклетва во Собранието, да не го употреби името Северна Македонија, предизвика реакции меѓу пратеници во германскиот Бундестаг.

Министерството за надворешни работи на Германија соопшти дека мора да се почитува Преспанскиот договор, а водечки парламентарци за „Дојче Веле“ велат дека новата претседателка направила опасен преседан.

Според пратеникот на владејачките Либерали (ФДП) задолжен за европски прашања, Томас Хакер потегот на Сиљановска Давкова е „несреќен и за жалење“. Тој додава дека, во тој контекст, има разбирање за одлуката на грчката амбасадорка да ја напушти инаугурацијата.

„Европскиот пат на Северна Македонија и пред изјавите на новата претседателка беше доволно тежок. И вистина е дека и ЕУ сноси дел од вината за бавниот пат на земјата кон ЕУ“, рече Хакер.

При давањето заклетва во неделата, Сиљановска Давкова не го користеше уставното име.

Почна исплатата на продолжените ученички стипендии

Во четвртокот започна етапната исплата на ученичките стипендии на сите корисници кои правото на стипендија го стекнале во некоја од изминатите учебни години, а го продолжиле во тековната, информираа...