Врховниот суд до новата влада ќе поднесе пакет барања за измени на дел од законите што се однесуваат на судството, рекол денеска новиот претседател на највисокиот суд во земјава, Јово Вангеловски, на брифинг со новинарите, пренесува „Телма“.

Како што најавил Вангеловски, ќе бидат иницирани измени на Законот за судовите, Законот за одмерување на казните, Законот за судски совет, за парична постапка, како и на Законот за советот за утврдување на факти.

Тој навел дека се незадоволни од досегашната примена на законите и дека ваквите барања за измени произлегуваат од забелешките и од препораките од Извештајот на Прибе во делот на реформите во судството.

Новиот претседател на Врховниот суд треба да се сретне и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со која ќе дискутира за отворените прашања, проблемите на СЈО и за понатамошната соработка на Специјалното јаво обвинителство со судовите.

Сепак, Вангеловски на брифингот истакнал дека не поддржува формирање на специјално судско одделение кое би постапувало по предметите на СЈО, бидејќи тоа не било технички изводливо, односно немало доволно судии.

Новиот распоред на работа на судиите во Врховниот суд, Вангеловски рекол дека го подготвил според желбите на судиите во судот и дека токму поради ова не очекува приговори.

Тој рекол дека распоредот на Врховниот суд бил полесен за правење од распоредот во Основниот суд Скопје 1.

Јово Вангеловски беше избран од Судскиот совет за нов претседател на Врховниот на 13 март оваа година.