СДСМ се обидува да зборува на тема образование, само да не спомене ни збор за прифаќањето на тиранската платформа, а кога имаше можност да направи нешто за образованието, зад себе остави хаос и една голема катастрофа, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на Петар Атанасов од СДСМ.
„Во време кога земјите во светот се натпреваруваат кој повеќе и побргу ќе направи некаква иновација, СДСМ има брилијантна идеја – натпреварот кај нас да биде кој со помалку учење, предмети и часови ќе заврши училиште, што всушност подразбира бркање на илјадници наставници и професори од своите работни места. Дополнително, на СДСМ му пречи објективното оценување во училиштата. Екстерното тестирање го наруши комодитетот на нивните олигарси, кои во минатото, преку притисоци и закани кон наставниците им го завршуваа образованието на своите деца, без минимални знаења и познавања на областите кои ги изучуваа. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивстави на тие лоши вредности од транзицијата. Токму затоа ја променивме таквата состојба и нема да дозволиме земјата да се врати стотици чекори назад“, се вели во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ нема право, ниту ќе има можност да укинува, намалува или урива веќе реализирани проекти кои, како што велат од партијата, обезбедиле бенефиции за граѓаните.