fbpx

Сообраќајни знаци на автопатот Миладиновци-Штип исчкртани со руски пропагандни симболи, одговорност нема

Од Јавното претпријатие за државни патишта упатуваат апел за разбирање за опасноста од нанесување графити на сообраќајната сигнализација и опремата на патот. Објаснуваат дека со ваквиот чин се менува содржината на сигнализацијата, со што возачите остануваат неинформирани за условите на патот, што пак може да доведе до сообраќајни незгоди со тешки последици и жртви

-

Десетина сообраќајни знаци и опрема на автопатот Миладиновци-Штип се исчкртани со проруски пропагандни симболи. Симболот „Z“, со кој се глорифицира руската воена инвазија врз Украина и кој се најде испишан на воените возила со кои Русија ја нападна Украина, заедно со пароли од типот „Братска Русија“, од неодамна се испишани со спреј на сообраќајни знаци на автопатот, на потегот од патарината „Преод“ кај Свети Николе до влезот на Штип.

Мета.мк пред неколку дена го забележа вандалскиот чин, кој покрај тоа што шири туѓа пропаганда во земјава на многу евтин начин, претставува вистинска опасност за безбедноста во сообраќајот, бидејќи сообраќајните знаци треба да служат за информирање на возачите кои управуваат со своите возила.

Од Јавното претпријатие за државни патишта во изјава за Мета.мк упатуваат апел за разбирање на опасноста од нанесување графити на сообраќајната сигнализација и опремата на патот. Објаснуваат дека со ваквиот чин се менува содржината на сигнализацијата, со што возачите остануваат неинформирани за условите на патот, што пак може да доведе до сообраќајни незгоди со тешки последици и жртви.

Сепак, иако наплаќаат патарина од возачите за користење на автопатот Миладиновци-Штип, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека одговорноста за одржување на сообраќајните знаци не е во нивна надлежност.

„Јавното претпријатие за државни патишта одржувањето на државните патишта со договор го препушта на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија-пат)“, велат од ЈП за државни патишта.

Симболот на руската окупација врз Украина испишан на знаци на автопатот Миладиновци-Штип; Фото: Мета.мк

Тие објаснуваат дека во Програмата за одржување и заштита на државните патишта за 2023 година, како дел од Договорот помеѓу двете јавни претпријатија, предвидена е прегледувачка и дежурна слжба која ги детектира неправилностите на патот и потоа преку предвидените средства за одредена позиција, ги санира, како што треба да биде во случајов, отстранувањето на графитите од сообраќајните знаци.

„Нанесувањето на графити, независно од содржината, или оштетувањето на сигнализацијата на патот е незаконско согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Јавното претпријатие за државни патишта нема надлежност ниту можност да ги открие сторителите на ваквите незаконски дејствија“, ни одговорија од ЈП за државни патишта.

Мета.мк вчера испрати прашања и до Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта – Македонија-пат, но до објавувањето на текстот не добивме одговори на прашањата за тоа дали го имаат забележано направениот вандализам со сообраќајните знаци, што ќе преземат за да ги отстранат ваквите графити од сообраќајните знаци и дали го имаат откриено сторителот на вандалскиот чин.

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За една година, бројот на случаи на морбили во светот речиси се удвоил

Бројот на случаи на мали сипаници ширум светот речиси се удвоил од 2022 до 2023 година, покажува ново истражување, што претставува предизвик за напорите за елиминација во многу земји,...