Жаку: Младите треба да се гледаат како лидери на денешнината

„Младите имаат единствена позиција во обликувањето на светот во кој би сакале да живееме“, рече Жаку

Фото: Влада на РСМ

Младите не треба да се гледаат како лидери утре, туку како лидери на денешнината. Ние младите имаме една уникатна позиција да го обликуваме светот во кој живееме, промовирајќи ги вредностите за мир, безбедност, правда и еднаквост на нашиот глас. Oва го истакна специјалниот претставник за млади на претседавачот со ОБСЕ, Мемет Жаку, на првата панел-дискусија на Преспа форумот за дијалог насловена како „Младинско учество во енергетската транзиција кон зелена економија предводена од млади кон постигнување одржлива иднина за сите“.

Жаку нагласи дека младите имаат единствена позиција во обликувањето на светот во кој би сакале да живееме, информираат од владината прес-служба.

„Нашата организација има силен фокус и пристап кон улогата и значењето на младите. Како претседателство, правиме сè од себе да ги вклучиме и интегрираме младинските перспективи во нашата агенда на сите нивоа”, рече Жаку.

Христина Оџаклиеска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, во своето обраќање стави акцент врз зелената транзиција што се случува денес и врз промените.

„Мора да ги поддржиме младите, да ги вклучиме во зелените процеси преку поддршка на иновативни идеи и креирање на одржливи решенија, бидејќи тие се двигатели на промените. Мора да им дадеме шанса да се вклучат во зелените индустрии, истражувачките процеси, и да обезбедиме платформа за регионална соработка и споделување на најдобрите практики, вештини и одржливи промени за обединета транзиција кон зелена енергија и зелена економија на пат кон ЕУ. Денес, сите заедно ја создаваме нашата зелена иднина”, истакна Оџаклиеска.