Од македонските патарини годинава се наплатени рекордни 62 милиони евра од страна на Јавното претпријатие за државни патишта. Овој резултат од работењето го спомена директорот на ова претпријатие Ејуп Рустеми во отчетот пред јавноста, во кој ги презентираше резултатите од работењето за годината што изминува.
За период од три години, приходите од наплата на патарина се зголемиле за 100 проценти. Во годината кога започна ковид-19 пандемијата – 2020, од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра, а оваа година ќе заврши со наплата од 62 милиони евра.
„Годинава отпочнавме и со модернизација на наплатните станици на Коридорот 8, Глумово и Желино, каде што ќе биде воведена исто така електронската наплата која се покажа како ефективна и брза за наплата и за побрз проток на сообраќајот. Летово во соработка со земјите од регионот успешно стартуваше и проектот ‘Еден таг’“, изјави директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.
Директорот Рустеми се заблагодари на сите вработени на наплатните станици кои со својата професионална и посветена работа помогнале заедно да ја постигнат целта.
„Особено сум горд што од наплатна служба направивме синоним на модерна, електронска и современа наплата на патарина која нуди професионална и квалитетна услуга, сѐ со цел да овозможимe брз и безбеден проток на сообраќајот“, изјави Рустеми.
Од ЈП за државни патишта посочуваат дека приходите од патарините и другите приходи ги насочуваат кон инвестиции во одржување, рехабилитација и изградба на патишта. Рустеми тврди дека се работи на одржување на автопатските делници, како и на санација на дел од делниците, како што се Петровец-Катланово, Демир Капија-Неготино и Скопје-Тетово.
Истовремено, со сопствени средства ова претпријатие работело на чистење на 270 километри автопати во земјава, при што во изминатиов период биле собрани над 1.300 метри кубни отпад, искосени биле 5.300.000 метри квадратни трева и грмушки и исечени биле 1.700 дрва кои го попречувале видикот при возењето.