
Инфлацијата, односно индексот на трошоците на живот во Македонија во 2023 година, во однос на 2022 година, забележала пораст од 9,4 отсто, додека индексот на цените на мало изнесувал 7 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
За период од една година, пораст на индексите на трошоците за живот е забележан во групите: Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 13,6 отсто, Ресторани и хотели за 12,7 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци за 11,7 отсто, Разновидни стоки и услуги за 11,6 отсто, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 10,4 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 8 отсто, Рекреација и култура за 6,7 отсто, Здравје за 4,6 отсто, Облека и обувки за 4,4 отсто, Образование за 2,9 отсто, Комуникации за 1,1 отсто и Транспорт за 0,5 отсто.
Пораст на индексите е забележан во сите групи: Индустриско прехранбени производи за 12,5 отсто, Пијалоци за 9,7 отсто, Земјоделски производи за 8,5 отсто, Услуги за 6 отсто и Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 5,3 отсто.
Индексот на трошоците на животот во декември 2023 година, во споредба со декември 2022 година, забележал пораст од 3,6 отсто, а индексот на цените на мало забележал пораст од 3,7 отсто.
Индексот на трошоците на животот во декември 2023 година, во однос на претходниот месец пораснал за 0,2 отсто, а индексот на цените на мало се зголемени за 1 процентен поен.
Зголемувањето на индексот на трошоците на животот во декември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на виното за 1,3 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,7 отсто, пивото за 0,6 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 0,3 отсто, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,2 отсто.
Намалувањето на индексот на трошоците на животот во декември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на свежото и разладеното овошје за 4,9 отсто и рибата и морските плодови за 0,6 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 6 отсто, услугите за сместување за 5,5 отсто, парамедицинските услуги за 4,7 отсто и горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 3,7 отсто.