Флашираната вода содржи во просек 250.000 микропластични честички

Нова пионерска студија ја анализирала содржината на три проминентни фирми кои произведуваат вода во пластични шишиња, открила дека има 100 пати повеќе нанопластика од што се сметало претходно

Фото: congerdesign from Pixabay

Нова студија од универзитетите Колумбија и Рутгерс откри дека пластичните шишиња со вода содржат, во просек, 250.000 честички нанопластика на литар, известува Еуроњуз.

Честичките нанопластика се помали од 1000 нанометри, додека пак терминот „микропластика“ се однесува на оние честички пластика кои се помали од 5 милиметри. Нанопластиките се тешки за детектирање и се речиси невидливи за конвенционални микроскопи.

Оваа студија ги детектираше нанопластиките со помош на ласерски микроскоп. Ваквото прецизно лоцирање на нанопластиките доведе до заклучокот дека, во просек, нанопластиките ги има 10 до 100 пати повеќе од микропластиките. Односно, наместо 300 на литар, истражувачите откриле дека вистинскиот број пластични парчиња во три популарни брендови вода што се продаваат во САД е помеѓу 110.000 и 370.000, ако не и поголем.

Авторите на студијата велат оти најверојатно најголем дел од пластиката во водата доаѓа од самото шише. Тие исто така сè уште не откриле од кои брендови била водата која ја анализирале.

Но, сè уште не е јасно колку се штетни нанопластиките за човечкото здравје. Сè уште не се изведени голем број истражувања на темата, но сепак постојат извесни наоди. Имено, тоа што се толку мали значи дека може да продрат преку ткива и да влезат во крвотокот.

„Покажано е дека нанопластиките можат да се интернализираат во клетките. Тие носат секакви хемиски адитиви кои можат да предизвикаат стрес на клетките, оштетување на ДНК и промена на метаболизмот или клеточната функција“, вели професорот Џејсон Сомарели од универзитетот Дјук.