Пронајдена микропластика во свежо напаѓан снег на Антарктикот

фото: Torsten Dederichs на Unsplash

Научници за првпат пронајдоа микропластика во свежо паднат снег на Антарктикот, јавува „Би-би-си“.

Истражувачите од Универзитетот во Кентербери во Нов Зеланд собрале примероци од 19 локации на Антарктикот и секој од нив содржел ситни пластични фрагменти.

Микропластиката произлегува од ерозијата на пластичните материјали и е помала од зрно ориз, а некогаш не е видлива со голо око.

Истражувачите откриле во просек 29 вакви честички на еден литар стопен снег и идентификувале 13 различни видови пластика. Меѓу нив најчест бил полиетилен терефралат (ПЕТ) кој најмногу се користи во шишиња за безалкохолни пијалоци и облека. Овој вид пластика бил откриен во 79 отсто од примероците.

Истражувачите велат дека најверојатен извор на овие микропластики во воздухот се локалните научни истражувачки станици, но нивното потекло може да биде и на оддалеченост од 6.000 километри од местото каде што е пронајдена пластиката во снегот.

Претходните студии открија микропластично загадување во морскиот мраз и површинските води на Антарктикот, но ова е прв пријавен случај истото да биде забележано во свеж снег.

Микропластика, за која научниците велат дека спирално се движи низ светот преку прашината, ветрот и океанските струи, во 2020 година беше пронајдена и на врвот на Монт Еверест, како и во длабоките океани.

Оваа форма на загадување е опасна и за животните и за луѓето, кои микропластиката ја вдишуваат и внесуваат преку воздухот, водата и храната. Исто така, микропластиката може да го зголеми влијанието на глобалното затоплување и да го забрза топењето на глечерите.

Неодамнешно истражување откри микропластика во човечка крв.