Македонскиот пасош на 36. место на листата најмоќни пасоши

Според индексот на македонскиот пасош, со него без виза може да се патува во 81 држава, виза е потребна за во 68 држави, а во 49 визата се добива на граничен премин

Принтскрин, passportindex.org

Македонскиот пасош се најде на 36. место на листата најмоќни пасоши објавени од страна на платформата „Паспорт индекс“. Веднаш зад македонскиот пасош се црногорскиот и турскиот. Од државите во регионот, бугарскиот пасош е на 9. место, српскиот на 32, додека хрватскиот е на осмо место.

Принтскрин, passportindex.org

Првото место го зазема пасошот на Обединетите Арапски Емирати, второто место припаѓа на Германија, Шпанија, Франција, Италија и Холандија (држави со чии патни исправи може да се патува во над 170 држави без виза или со виза на гранични премини), а третото на Шведска, Финска, Луксембург, Австрија и Швајцарија.

Според индексот на македонскиот пасош, со него без виза може да се патува во 81 држава, виза е потребна за во 68 држави, а во 49 визата се добива на граничен премин.

Со прворангираниот, најмоќен пасош, без виза може да се патува во 130 држави, виза е потребна во 18 држави, додека во 50 визата се издава при влез во државата.

Најдолу на листата, на 98 место е сирискиот пасош, со кој може да се патува без виза во само 8 држави, а слично се рангирани и патните исправи на Авганистан, Ирак, Сомалија и Пакистан.