Со недели доцни скијачката сезона поради топлото време, туристичките центри низ земјава во була

Скијачкиот центар Пониква без снег за време на божиќните празници, јануари 2023 година; Фото: Мета.мк

„Многу топол ноември“ и „екстремно топол декември“ е главната констатација на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во изработените месечни извештаи за временската состојба во Македонија за последните два месеци од 2022 година. На скијачките центри во земјава снег немаше паднато до 9 јануари, додека почетокот на скијањето доцни со недели и се очекува да започне дури претстојниве денови, односно во втората половина на јануари. Финансиските штети од топлото време и недостигот на снег се огромни, а скијачките центри спас гледаат во сет на мерки со кои владата би ги потпомогнала периодов.

Скијачкиот центар Попова Шапка во текот на една година имал 153 денови со снежна покривка, додека просекот за Маврово бил дури 111 денови со снежна покрива во текот на 12 месеци. Сепак, станува збор за просекот на денови со снежна покривка што бил измерен за периодот 1971-2000 година од Управата за хидрометеоролошки работи во овие два скијачки центра. Од сегашна перспектива, ваквите бројки се чинат нереални, земајќи го предвид фактот дека зимско-рекреативните центри годинава мака мачат да ја отворат сезоната на скијање и други зимски спортови.

Месечниот извештај за декември 2022 година, според мерењата на УХМР, покажува дека месецот бил екстремно топол и просечно врнежлив. Средномесечната температура во Маврово изнесувала дури 3,8 Целзиусови степени, додека просекот за триесетгодишниот период (1991-2020 година) за декември во однос на температурите во земјава во минатиот месец е надминат за дури 3,4 Целзиусови степени на ниво на држава.

И за ноември 2022 година, месечниот извештај на УХМР вели дека месецот бил многу топол и просечната температура во земјава била за 2,9 Целзиусови степени повисока во однос на просечната температура за ноември за триесетгодишниот претходен период. Како резултат на ова, освен тоа што досега не падна снег на пониските места, оваа зима многу задоцнија и врнежите од снег на планините.

Екипите на Мета.мк и Порталб.мк направија обиколка на скијачките центри низ земјава во првата половина од јануари годинава и на терен затекнавме мал број на посетители во зимско-рекреативните центри, полупразни угостителски објекти, нефункционални ски-лифтови во делот од нив поради недостигот на скијачи и затворени продавници за изнајмување на скијачка опрема за посетителите. Ваквата состојба предизвикува финансиски штети на дневна основа, а е директно предизвикана од климатските промени кои годинава се рефлектираа преку екстремно топлото време и недостигот на врнежи од снег.

Огнен Циговски, генерален менаџер на ски-ресортот Бистра од Маврово вели дека годинава никој од нив не го очекувал ова.

„Тоа значи дека немаме снежни врнежи, во исто време и немаме доволно температура за да го вклучиме системот за правење снег, што значи, претпоставувам дека ова ќе биде катастрофална сезона за најголемиот скијачки центар во Македонија, тоа е Маврово. Се надевам дека кон крајот на јануари ќе добиеме некои снежни врнежи и да пробаме да спасиме било што од сезоната која што веќе е во тек“, вели Огнен Циговски.

Додава дека финансиските штети може да се увидат од тоа што капацитетите во Маврово биле резервирани 100 проценти, додека исполнетоста периодов паднала на 10-20 проценти во хотелите.

„Тоа значи дека бројките не се катастрофални само за скијачкиот центар, исто и за хотелите, поточно за целата дестинација Маврово“, појаснува Циговски.

Во ски-центарот Маврово за време на изминативе празници биле ставени во функција водичите за планинарски тури и точаците за рентање, но овие рекреативни активностите за посетителите не може да се споредат со скијачка сезона.

„Може да планинарат 50 или 100 луѓе, можат да возат точаци 50-100 луѓе, додека скијањето не може да се замени со ништо, бидејќи луѓето сакаат да дојдат во Маврово заради скијање, не заради возење точаци или планинарење“, потенцира генералниот менаџер на ски-ресортот Бистра од Маврово.

Тој признава дека проблемот со топлото време и недостигот на снег не е само проблем на Маврово или на Македонија, туку на цела Европа, Но, кај земјите во западниот свет малку е различно и таму владите излегуваат во пресрет, даваат субвенции, додека овдека скијачките центри не се препознаени во тој дел.

„Претпоставувам дека државата ќе треба да искочи со некои мерки, каде што би помогнала да се опстане во бизнисот, бидејќи ова се навистина бројки коишто никој не можеше да ги предвидува. Сепак, имавме ковид, после тоа имавме енергетска криза, нашата работа е да се бориме и претпоставувам дека ќе успееме да опстанеме“, вели Огнен Циговски.

Со слична состојба оваа зимска сезона се соочува и скијачкиот центар Попова Шапка. Планинскиот туристички водич од Попова Шапка, Мето Чилиманов вели дека сезонава е најлоша со врнежи од снег во декември и јануари од кога памети и доцнењето на отворањето на скијачката сезона е околу три недели, заклучно со неговите пресметки направени до 12 јануари.

„Бидејќи на Попова Шапка немаме системи за вештачко оснежување, сезоната е целосно зависна од природен снег. Затоа е проблем да се прецизира кога ски-центарот започнува со работа, но вообичаено тоа било кон крајот на декември и почетокот на јануари. Минатите три сезони тоа беше случај“, појаснува Чилиманов.

Од аспект на намалување на бројот на посетители, Чилиманов дополнува дека на тие што работат фрирајд скијање и странски гости, годинава е намален бројот на посетители за 100 проценти. Кај домашните гости, Чилиманов пресметува дека бројот на гости е намален сигурно за над 50 проценти, а дури и викенд населбата на Попова Шапка е полупразна.

 

Овој туристички водич појаснува дека ски-центарот Попова Шапка веќе подолго време се наоѓа во фаза на опаѓање наместо на развој, првенствено поради недостигот на инвестиции. Изминативе две години имало позитивно раздвижување и подобрување на менаџирањето, но Чилиманов потенцира дека без систем за вештачки снег и гарантирана сезона, како и ширење на северните падини, првенствено кон пределот Јелак, ќе биде сè потешко функционирањето на ски-центарот.

Мето Чилиманов додава дека ски-центарот Попова Шапка мора да работи во текот на сите четири сезони, со гарантирано скијање во зима, доколку има топови за снег и ако центарот се развива кон северните падини. Уникатна понуда е фрирајд скијањето со ратраци и ски турингот, вели тој, и додава дека во останатите сезони треба да се развива велосипедизмот, планинарењето, спа и конференцискиот туризам.

Кон крајот на декември лани, италијанската компанија „ТехноАлпин“, која е заинтересирана да инвестира во Попова Шапка, го претстави нивниот план за развој на овој туристички центар, вклучувајќи го и инвестирањето во систем за вештачки снег. Тие планираат да инвестираат 55 милиони евра во периодот од 2023 до 2028 година.

Адем Авзиу, директор на туристичкиот центар Попова Шапка за Порталб.мк објаснува дека досегашните загуби кај овој зимско-рекреативен центар поради оневозможувањето на почетокот на скијачката сезона се околу 500.000 евра. Тој додава дека на Попова Шапка обично скијачката сезона започнува на 15 декември и реално досега има доцнење од над еден месец поради климатските услови – глобалното затоплување.

„Температурите што се однесува на овој временски период во Попова Шапка биле највисоки досега. Сме имале денови кога максималната температура била 15 степени целзиусови што не се памти да се случило во овој временски период во Попова Шапка“, објаснува Авзиу.

Директорот на туристичкиот центар дополнува дека очекува скијачката сезона на Попова Шапка да се отвори претстојниот викенд (21/22 јануари).

„Да ви кажам право, пред новогодишните одмори сите хотелски капацитети што оперираат во туристичкиот центар Попова Шапка беа резервирани, како и капацитетите во приватните вили кои се нудат во овој туристички центар. Меѓутоа, со самиот факт дека немавме скијачка сезона, немавме снег сите тие резервации се пролонгираа за иден период, кога ќе имаме услови за отварање на туристичката сезона. Посетеноста на туристите е многу голема за време на викендите“, вели директорот Авзиу.

Инаку, со негативното влијание на климатските промени се соочуваат и преостанатите скијачки центри во земјава – Пониква, Копанки и Крушево. Овие зимско-рекреативни центри се наоѓаат и на пониска надморска висина, па оттука температурите на воздухот се повисоки на овие локации. За време на Божиќните празници, екипа на Мета.мк беше и во ски-центарот Пониква, каде што исто така забележавме дека поради топлото време не работат ски-лифтовите и топовите за создавање вештачки снег.

Слично на состојбата во македонските скијачки центри е и ситуацијата во земјите од регионот и од Европа. Светските медиуми изминатиов период беа преполни со снимки од скијачки центри без снег и со загрижувачки изјави на европските зимски одморалишта дека стравуваат за својата иднина поради порастот на температурите на воздухот, што го носат растечките емисии на стакленички гасови во глобални рамки.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за негативното влијание на климатските промени во различни сектори во земјава, но и последните достапни податоци за нашиот национален придонес кон ублажувањето на климатските промени покажуваат дека испуштањето на штетните супстанци во атмосферата во Македонија расте, наместо да се намалуваат емисиите на стакленички гасови.

Наместо да опаѓаат, емисиите на стакленички гасови во Македонија растат [инфографик]

Глобалното затоплување присутно во земјава, и лани температурите биле над просекот [инфографик]