Наместо да опаѓаат, емисиите на стакленички гасови во Македонија растат [инфографик]

Извор на фотографија: АД ЕСМ

Откако го достигна историски најнискиот рекорд на емисии на стакленички гасови во 2016 година, Македонија повторно го зголеми испуштањето на штетните супстанци во атмосферата кои придонесуваат за негативното влијание на климатските промени. Секторот Енергетика во ваквиот негативен раст предничи.

Според последните податоци за 2019 година објавени во Извештајот за националниот инвентар на стакленички гасови на РСМ, сите сектори на земјава без Шумарството заедно произвеле 11.267,6 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти, при што речиси две третини од ваквите емисии доаѓаат од секторот Енергетика или 8.501,1 Gg. CO2-eq. Наспроти ова, во 2016 година вкупните емисии на стакленички гасови без секторот Шумарство изнесувале 10.024,1 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти, односно за три години има зголемување на испуштањето на штетните гасови во атмосферата од околу 10%.

Негативните тенденции на национално ниво на земјава може да се увидат и во другите сектори. Кај секторот Земјоделство има пораст на емисиите на стакленички гасови, од 1.202,6 во 2016 година на 1.368,3 Gg. CO2-eq три години подоцна. Кај секторот отпад имаме раст од 606,7 во 2016 година на 635,2 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти во 2019 година. Само кај секторот Индустриски процеси и користење на производи емисиите на стакленички гасови се речиси идентични и се движат околу 763 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти и во двата периода.

Емисиите на стакленички гасови во земјава растат кај транспортот и отпадот, опаѓаат во енергетската индустрија [инфографик]

Иако во секторот Шумарство емисиите на стакленички гасови зависат од шумските пожари кои се непредвидлив фактор на подолг рок, сепак најновите податоци за 2019 година бележат драстично зголемување на испуштањето на јаглерод диоксид и од овој сектор. За разлика од 2016 година кога секторот Шумарство успеал да понира 1.320,6 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти, во 2019 година првенствено поради шумските пожари имало емисија на штетни гасови во атмосферата во пресметана вредност од дури 1.634,4 Gg. CO2-eq.

„Значителни варијации во нето емисиите може да се забележат 2000, 2007, 2012, 2017 и 2019 година каде се забележува пораст на CO2 емисиите во секторот шумарство и други употреби на земјиштето (наместо смалување/понирање) како резултат на зголемената појава на шумски пожари“, се наведува во Извештајот за националниот инвентар на стакленички гасови на земјава.

Ова значи дека државните институции, во соработка со локалните самоуправи, невладиниот сектор и граѓаните, треба директно да работат на превенција од појавата на шумски пожари, за да може да се контролира на национално ниво придонесот кон намалување на емисиите на стакленички гасови.

Во обемниот документ се наведува дека негативните варијации кон пораст на испуштањето на стакленички гасови на национално ниво е поради зголеменото производство на електрична енергија.

„Историски гледано, најдоминантно гориво во Македонија е јагленот (главно лигнит), кој изнесува околу 40% од вкупните потреби на енергија. Ситуацијата се менува во 2019 година поради нафтените продукти чие учество е 38,5% и природен гас со учество од 8,7%, додека учеството на јаглен се намалува на 36,4%“, се посочува во Извештајот.

Зголемените емисии на стакленички гасови во секторот Енергетика од 14% во 2019 година, споредено со три години претходно, се одвивале паралелно со минимални промени кај категориите кои се вклучени во овој сектор.

„Најголем дел од емисиите на стакленички гасови во 2019 година доаѓаат од категоријата Енергетски индустрии (54%), потоа од Транспортот (27,7%) и Производствените индустрии и градежништвото (12,6%). Другите две категории заедно заземаат 4% од вкупните емисии во 2019 година, а останатите 2% се Фугитивни емисии“, се вели во Извештајот.

Притоа, од сите штетни материи кои ги испуштаме во атмосферата, над 96% од нив се всушност емисии на јаглерод диоксид кај секторот Енергетика. Во самиот документ, како и во бројни досегашни реакции на екологистите, се посочува дека токму користењето на јагленот и мазутот при производството на електричната енергија, како и користењето на нафтените деривати во транспортот, имаат клучно влијание во однос на тоа колкави ќе бидат емисиите на стакленички гасови.

Да потсетиме, Македонија лани ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција, чија главна цел е намалување на националните нето-емисии на стакленички гасови.

Усвоена првата Стратегија за климатска акција, визијата е земјава да биде просперитетна ниско-јаглеродна економија

Без вклучените емисии од авијацијата и увозот на електрична енергија, емисиите на стакленички гасови земјава треба да ги намали за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година или да постигне намалување на емисијата на стакленички гасови за 42 отсто до 2050 година во споредба со 1990 година, со исклучок на секторите шумарство, емисии од авијација и увоз на електрична енергија и зголемена отпорност на општеството, економијата и екосистемите кон влијанијата на климатските промени.

Притоа, Македонија лани го потпиша и Климатскиот пакт од Глазгов на Конференцијата за климатски промени (КОП 26), којшто треба да го забрза темпото на климатски активности во насока намалување на емисиите на стакленички гасови за одржување во живот на порастот на просечната температура на воздухот на глобално ниво до 1,5 степени (С) и финализирање на извонредните елементи од Парискиот договор за климатски промени.

Напишете коментар