Фото: Архива на Мета.мк

С. Македонија низ годините успева постепено да ги намали емисиите на стакленички гасови во атмосферата, но остануваат загрижувачки неколку сектори кои можат да имаат натамошно негативно влијание врз климатските промени: палењето на шумите, транспортот и отпадот. Податоците од „Третиот двогодишен извештај за климатски промени“ изготвен лани од Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека емисиите на штетните гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина постепено се намалуваат од 12.478 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти (Gg. CO2-eq) во 1990 година на 10.110,8 Gg. CO2-eq во 2016 година, како период за кој последен пат се сумирани податоците.

Во изработениот документ се нагласува дека нето емисиите на стакленички гасови биле убедливо највисоки во 2000 година, за што најмногу придонеле штетните гасови што биле испуштени во секторот – Шумарство и други употреби на земјиштето. Причина за ова е што таа година имало натпросечен број на пожари и опожарени шумски површини, кои биле главниот причинител за овој сектор да врши емисија. Вообичаено, шумите се главен апсорбирач на стакленичките гасови, односно го ублажуваат придонесот во зголемувањето на просечните температури на воздухот.

Покрај тоа што статистичките податоци покажуваат дека значајно е да се превенира уништувањето на шумите и особено нивното опожарување, евидентно е дека енергетиката како најголем причинител на емисиите на стакленички гасови во С.Македонија низ годините го намалува својот удел. Во 1990 година, енергетиката продуцирала 9.648,9 Gg. CO2-eq, додека во 2016 година емисиите на стакленички гасови опаднале на 7.449,3 Gg. CO2-eq.

Но, ако се погледнат подетално податоците во секторот – Енергетика, се забележува дека транспортот драстично го зголемува својот процентуален удел во производството на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид еквиваленти во периодот од 1990 до 2016 година. Во периодот пред распадот на Југославија, транспортот имал удел од 8,2 отсто, за во 2016 година неговиот процентуален удел да се зголеми на дури 28,1 отсто.

Наспроти ова, енергетските индустрии во секторот – Енергетика постепено ги намалуваат емисиите на јаглерод диоксид низ годините, иако С.Македонија и понатаму е енергетски зависна од производството на струја од јагленот. Имено, податоците од студијата покажуваат дека енергетските индустрии во 1990 година продуцирале 64,3 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови, додека во 2016 година овој процент се намалил на 51 отсто.

Низ годините може да се забележи дека емисиите на стакленички гасови во земјава растат во секторот – Отпад. Иако отпадот не е главниот причинител на ефектот на стаклена градина во меѓународни рамки, сепак неуспешноста во управувањето со отпадот во С.Македонија доведува до тоа низ годините да растат емисиите на стакленички гасови токму во овој сектор.

Инаку, стакленичките гасови е докажано дека се причинител за зголемување на ефектот на стаклена градина, која влијае на загревањето на Земјината топка. С.Македонија го ратификуваше Парискиот договор за климатски промени што беше потпишан пред 5 години, а со тоа ја презеде и обврската да ги намали емисиите на стакленички гасови во наредниот период, односно да ја примени Рамковната конвенција за климатски промени на ООН која што обврзува да се одржи зголемувањето на глобалната просечна температура под 2 целзиусови степени над прединдустриските нивоа.

„Мета.мк“ изминатиов период опширно известува за климатските промени во земјава. Притоа, укажавме дека изминатава деценија се бележат рекордни отстапувања на просечните температури на воздухот во С.Македонија. Најзагрижувачкиот пораст на емисии на стакленички гасови во транспортот е резултат на константното зголемување на патниот сообраќај во комбинација со авиосообраќајот, наспроти намаленото користење на железничкиот транспорт и велосипедите, кои се докажано најмали причинители на емисиите на штетни гасови во атмосферата.