Двојно е поголем бројот на домаќинствата што поседуваат автомобил наспроти велосипед [инфографик]

Фото: Бојан Блажевски

Статистиката вели дека бројот на домаќинства кои имаат автомобил е повеќе од двојно поголем од оние домови во кои има барем еден велосипед. Според податоците на Државниот завод за статистика, само 30,7 отсто од македонските домаќинства поседувале велосипед во 2020 година. Оваа бројка е за 2,8 отсто помала во однос на 2019 година, а поседувањето на ова превозно средство во домовите во континуитет опаѓа од 2014 година до денес.

Наспроти ова, во изминативе години растеше во континуитет бројот на домаќинства кои поседуваат автомобил. Сепак, минатата година за првпат е забележано намалување од 1,5 отсто и кај бројот на семејства кои имаат автомобил, односно тој процент изнесувал 64,2 отсто. И покрај ова, податоците за изминатата деценија покажуваат општ тренд на намалување на интересот за користење на велосипедите, наспроти порастот на граѓаните кои го употребуваат автомобилот како превозно средство.

Ваквите негативни податоци доаѓаат во период кога во земјава засилено се говори за проблемот со аерозагадувањето, но и климатските промени со кои се соочуваме преку порастот на просечните температури. И покрај тоа што велосипедот е превозно средство коешто воопшто не го загадува воздухот со емисија на издувни гасови, статистичките податоци сепак покажуваат дека свесноста за неговото поголемо користење при патувањата не се зголемува.

Велосипедот е превозно средство кое воопшто не емитува стакленички гасови. Во секторот Енергетика, транспортот е втората категорија која емитува најмногу стакленички гасови. Притоа, патниот сообраќај ги предизвикува речиси сите емисии на стакленички гасови во Северна Македонија, за кои автомобилите се убедливо најголем причинител. Во 2016 година, патниот сообраќај учествувал во дури 99,7 отсто од стакленичките гасови, покажува најновиот Извештај за климатски промени изготвен во 2020 година. За жал, токму транспортот е единствен во секторот Енергетика каде е забележано драстично зголемување на емисиите на стакленички гасови, речиси тројно повеќе во 2016 година во споредба со 1990 година.

Намалувањето на бројот на граѓани кои поседуваат велосипед во земјава е во спротивност со актуелните заложби на поголем дел од македонските општини да доделуваат субвенции за набавка на велосипеди за граѓаните. Исто така, велосипедската инфраструктура, особено во урбаните делови од градовите, постепено се подобрува, а во Скопје годинава бројот на велосипедски патеки надмина должина од 100 километри.

Сепак, статистичките податоци покажуваат дека постои континуирано намалување на процентот на велосипеди кои ги поседуваат неземјоделските домаќинства. Па така, лани само 30,4 отсто од нив поседувале велосипед, додека во 2014 година процентот на овие семејства кои имале вакво превозно средство изнесувал дури 40,8 отсто. Од друга страна, онаму каде што по правило нема воопшто или доволно велосипедски патеки, а тоа се руралните средини каде што вообичаено живеат земјоделските домаќинства, постои пораст на бројот на домаќинства кои поседуваат велосипеди.

Во 2020 година, 45,9 отсто од земјоделските домаќинства пријавиле дека поседуваат велосипед, како и 28,8 отсто од мешовитите домаќинства во земјава. Растечкиот број на земјоделски домаќинства кои имаат велосипеди е особено забележителен во последниве две години – 2019 и 2020 година.

Наспроти ова, константниот пораст на процентот на домаќинства кои поседуваат автомобили не е изненадувачки, ако се земе во предвид фактот дека бројот на регистрирани моторни возила во Македонија се зголемува од година во година.

„Спроведување кампањи/субвенции и системи за користење нови или изнајмени велосипеди, електрични тротинети, промоција на пешачењето и спроведување политики за паркирање со што би се намалило користењето автомобили во градските средини“, е една од можните мерки за ублажување на климатските промени во земјава кои се предложени од експертите во Третиот двогодишен извештај за климатски промени.