Усвоена првата Стратегија за климатска акција, визијата е земјава да биде просперитетна ниско-јаглеродна економија

Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Владата ја усвои првата Долгорочна стратегија за климатска акција на С. Македонија, со која се дефинира придонесот на државата кон глобалните напори, преку патот кон зелен, ниско- јаглероден и климатски отпорен развој, заснован на најдобрите достапни информации и во контекст на пристапувањето на земјата во Европската унија. Донесувањето на документот следува откако земјава годинава го поднесе својот ревидиран национален придонес кон Парискиот договор, а сега С. Македонија, како држава кандидат за членство во Европската унија, ја имплементира и обврската за транспозиција на правната рамка на ЕУ во својот национален правен систем, поточно, рамката за клима и енергија до 2030 година, со перспектива до 2050 година.

„Долгорочната визија на стратегијата е С. Македонија до 2050 година да е просперитетна, ниско-јаглеродна економија, следејќи ги одржливите и климатски отпорни развојни патишта, зајакнувајќи ја конкурентноста и промовирајќи социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нивните негативни влијанија“, вели министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Долгорочната цел на земјава е намалување на националните нето емисии на стакленички гасови, без вклучени емисии од авијација и увоз на електрична енергија за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година или намалување на емисијата на стакленички гасови за 42 отсто до 2050 година во споредба со 1990 година, со исклучок на секторите шумарство, емисии од авијација и увоз на електрична енергија и зголемена отпорност на општеството, економијата и екосистемите кон влијанијата на климатските промени.

Овие инвестиции, според Нуредини, создаваат најголем број на зелени работни места  – 10.000 до 2035 година, што претставува 2,7 пати повеќе работни места од сегашниот број на вработени во термоцентралите на јаглен во државата.

„Долгорочната Стратегија за климатска акција и Акцискиот план се изработени со поддршка на средства од инструментот за пред-пристапна помош со следење на барањата за изработка на ваков документ согласно Анексот IV на Регулативата на ЕУ за управување со Европската Унија и климатската акција, проширено со аспекти на адаптација на најранливи сектори кон климатските промени и останати хоризонтални прашања. Предложените активности во делот на ублажување на климатските промени се во согласност со другите стратешки и плански документи од областа енергетика“ додава Нуредини.