fbpx

Со дезинформации од руска кујна за војните во Украина и Израел, се оцрнува Америка

Проверувачите на факти на Еуроњуз пишуваат дека, според повеќе експерти за оружје, не постои никаков конкретен доказ за да се воспостави линк, односно врска меѓу воениот арсенал на Хамас и Украина

-

Украинските власти го отфрлија тврдењето дека нивната земја го вооружува Хамас. Агенцијата за воено разузнавање на Украина во понеделникот (09.10.2023) постираше на својата официјална Фејсбук страница обвинувања дека Русија лансира дезинформациска кампања околу овие тврдења. САД продолжуваат да ја поддржуваат Украина во нивната контраофанзива, но и во спроведувањето на сите воени дејствија, што може да се види и од овој сумарен аналитички материјал за достава на оружје само во последната недела, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Америка преку Украина го наоружа Хамас.

Добар дел од оружјето кое Џо Сенилни му го испраќаше на Зелениот сепак заврши во рацете на војниците на Хамас.

Американците чиј приоритет сега е Израел, се гневни на Украина и воената помош за неа ја усмеруваат кон Израел.

Директорот на когресот и јавните работи на Стејт Департментот Џош Пол си даде оставка поради ова и за да се спаси од јавна осуда во Конгресот.

Се чини дека корупцијата која САД ја изгради во Украина за да ја контролира и насочи против Русија сепак се сврте против Американците и нивните сојузници. За нашата корупција не мора да се секираат, се е под контрола!

Откако Хамас го нападна Израел, на интернет почнаа да циркулираат непотврдени информации дека оружјето на Хамас било од САД, претходно испратено за Украина. За таа цел се фабрикуваа видеа каде се злоупотребуваа сериозни реномирани медиумски куќи како Би Би Си и Белингкет.
Во изјава за Асошиејтед Прес, експерти тврдат дека нема докази оти Хамас рекле оти Украина им дава оружје и дека нема причина Украина да ја вооружува милитантната група. Овие тврдења почнале да се прошируваат од руски профили на социјалните мрежи.

Украинските власти го отфрлија тврдењето дека нивната земја го вооружува Хамас. Претседателот на Украина Володимир Зеленски го осуди нападот на Хамас врз Израел. Украинскиот претседател вели дека Москва и палестинските вооружени групи кои го нападнаа Израел се терористи, додавајќи дека Иран има улога во двата конфликти.

Агенцијата за воено разузнавање на Украина во понеделникот (09.10.2023) постираше на својата официјална Фејсбук страница обвинувања дека Русија лансира дезинформациска кампања околу овие тврдења.

Руските разузнавачи спроведуваат кампања за дискредитација на Украина на Блискиот Исток.

Државата агресор Русија го користи терористичкиот напад на Хамас врз Израел за голема провокација против Украина.

Главниот оддел за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина информира дека руската страна веќе им предала на терористите од Хамас оружја заробени за време на борбите во Украина, односно трофејно оружје произведено во САД и во земјите од ЕУ.

Следен чекор, според планот на Русите, треба да бидат лажните обвинувања дека украинската војска им продава западно оружје на терористите редовно.

Во рамките на дезинформациската кампања на Кремљ, овие лаги треба да бидат основа на голем број „истраги” во западните медиуми.

За убедување, руските разузнавачки служби имаат намера да ги искористат релевантните коментари на предавникот од украинската гранична служба, постариот поручник Руслан Сировој, кој неодамна избега во Москва.

Уште една непријателска провокација е насочена кон дискредитација на вооружените сили на Украина и целосно суспендирање на воената помош за нашата земја од страна на западните партнери, се вели во објавата на Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, објавена на 9 октомври годинава.

Проверувачите на факти на Еуроњуз пишуваат дека, според повеќе експерти за оружје, не постои никаков конкретен доказ за да се воспостави линк, односно врска меѓу воениот арсенал на Хамас и Украина.

Украинските власти ја отфрлија шпекулацијата дека оружјето од Украина некако завршило во рацете на Хамас, пишува Еуроњуз.

Што се однесува на делот од објавата каде се вели дека Џош Пол, долгогодишен висок владин службеник, директор за конгресни и јавни прашања на одделот за воено-политички работи во Стејт Департментот, си дал оставка зашто воената помош се усмерувала накај Израел наместо накај Украина и сакал да одбегне јавна осуда за ова, станува збор за неточна информација. Тој си даде оставка поради фактот што администрацијата на Бајден испрати оружје за Израел, неповрзано со Украина на ниеден начин, без воопшто да ја спомне Украина во оставката. Во своето писмо Пол прво наведе дека нападот на Хамас врз Израел е злосторство над злосторствата.

Но, од дното на мојата душа верувам дека одговорот на Израел со американска поддршка, ем за тој одговор, ем за статус кво на окупацијата, само ќе води до продлабочено страдање и за Израелците и за Палестинците. Одговорот на администрацијата и на голем дел од Конгресот е импулсивна реакција изградена на стереотипи, политичка удобност, интелектуален банкрот и бирократска инертност, напиша Пол во својата оставка.

Како што може да се види, во оставката нема споменување на Украина туку само на состојбата со Израел и Палестина односно вооружувањето на Израел кое Пол не го поддржува и затоа си дал оставка.

Последниот лажен наратив во објавата што ја рецензираме е дека „САД изградиле корупција во Украина за да ја контролираат и насочат кон Русија“. Русија ја нападна Украина неиспровоцирано во февруари 2022 година. Украина не е поттикната од никого, туку таа самата сака да се самоодбрани. Инаку, САД продолжуваат да ја поддржуваат Украина во контраофанзива, што може да се види и од овој сумарен аналитичен текст за достава на оружје за украинската контраофанзива во последната недела.

СиЕнЕн на 20 октомври годинава објави детали за финансискиот пакет за национална безбедност од 105 милијарди долари, кој го претстави администрацијата на Бајден, а вклучува воена и хуманитарна помош за конфликтите во Украина и Израел.

САД ќе овозможи тренинг, опрема и оружје за да ѝ помогне на Украина да се брани од руската инвазија и да ја освои повторно својата територија, како и да ги заштити Украинците од руската агресија, објави СиЕнЕн за финансискиот пакет.

Поради сите горенаведени факти објавата што е предмет на оваа рецензија ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...