Новинарство за новата генерација – обука и можност за посета на САД

Еден од обучувачите на оваа работилница ќе биде Дерек Вилис, предавач на Факултетот по новинарство „Филип Мерил“ при Универзитетот во Мериленд, САД

Илустрација генерирана преку Microsoft Designer, со помош на DALL-E

Сите млади студенти, новинари, членови на граѓанскиот сектор, активисти или ентузијасти ги повикуваме да аплицираат на тродневната работилница за Новинарство базирано на податоци и визуелизации на податоци.

Обучувачи на оваа работилница ќе бидат Дерек Вилис, предавач на Факултетот по новинарство „Филип Мерил“ при Универзитетот во Мериленд, како и Горан Ризаов, раководител на програмата Медиуми за демократија во Метаморфозис и Бојан Блажевски, главен уредник на новинската агенција Мета.

Работилницата ќе се одржи во Скопје од 14 до 16 декември 2023 година. Дел од учесниците ќе имаат можност да бидат практиканти во медиумите на Фондацијата Метаморфозис, Порталб, Мета и Вистиномер. Дел од практикантите, пак, ќе имаат можност да бидат дел од студиска посета на САД во јули 2024 година.

Ова е првата од серија на три работилници кои ќе се одржат од декември годинава до мај следната година. На сите три работилници обучувачи ќе бидат еминентни новинари од САД, заедно со новинари од медиумите на Фондацијата Метаморфозис.

Настанот е дел од проектот „Новинарство за новата генерацијa“ кој Фондацијата Метаморфозис го спроведува во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, во периодот од септември 2023 година до јули 2024.

Апликацијата за првата тродневна работилница веќе е отворена, а рокот за аплицирање е 30 ноември. Работилницата ќе се одржи во периодот од 14 до 16 декември во Скопје, а може да аплицираат сите млади лица на возраст од 18 до 29 години.

Бидејќи ова е продолжение на претходниот сличен проект, приоритет ќе им се даде на оние кои не учествувале на претходните обуки минатата година.

Инаку, во рамки на проектот, ICFJ и Фондацијата Метаморфозис ќе организираат уште две тродневни работилници – „Проверка на факти и и борба против дезинформации“ (во март, 2024), како и „При-банкинг – превентивно разоткривање на дезинформациите“ (мај, 2024).

Најдобрите шестмина учесници на работилниците, ќе имаат можност за едномесечно практиканство во една од трите медиумски организации на Фондацијата Метаморфозис, во текот на следното лето. Тројцата најдобри, пак, ќе заминат на еднонеделна студиска посета во САД со ICFJ во Вашингтон, во придружба на претставник на Фондација Метаморфозис.