fbpx

Дезинформациите ги поткопуваат темелите на демократијата – проверката на факти е клучна

Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир истакна дека проверувачите на факти мора да работат самостојно и да немаат политички притисоци. Се осврна на фактот дека се ближат избори, а со тоа веќе се гледаат и штетните влијанија што се вршат врз проверувачте на факти, посебно во онлајн светот

-

Неопходно е да станеме посвесни за дезинформациите во нашите физички и дигитални светови. Дезинформациите ја рушат довербата во институциите и затоа е потребна перманентна борба против различните актери кои ги шират, а овде најважна улога имаат токму проверувачите на факти.

Ова беа заклучоците од отворањето на денешната конференција насловена како „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“, со која Антидезинформациска мрежа на Балканот го одбележува Меѓународниот ден на проверка на факти. На конференцијата свои обраќања имаа Владимир Анчев, државниот секретар во Министерството за одбрана, Дејвид Гир, амбасадорот на ЕУ, Дирк Јан Коп, амбасадорот на Кралството Холандија, како и извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Во своето обраќање, Анчев кажа дека потребно е да станеме се посвесни за дезинформациите во нашите дигитални и физички светови.

„Сега сме во фаза кога границата меѓу лагата и вистината често пати е замаглена. Дезинформацијата има моќ да поттикне недоверба и да го подрие ткивото на нашите демократски институции. Последиците се далекусежни и длабоки, влијаат врз јавното мислење, поттикнуваат недоверба во институциите. Ако не се побијат, тие може да поттикнат теории на заговор и да ги поткопаат темелите на нашата демократија“, рече тој.

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, пак, истакна дека проверувачите на факти мора да работат самостојно и да немаат политички притисоци. Се осврна на фактот дека се ближат избори, а со тоа веќе се гледаат и штетните влијанија што се вршат врз проверувачте на факти, посебно во онлајн светот.

„Нашите партнери од меѓународната заедница, ја споделуваат нивната поддршка. За жал, ова не се случуа само во РСМ, туку може да се очекува и во многу делови од Европа, зашто ова е година на избори во повеќе земји. Затоа е наша одговорност и должност на државните нституции јасно да зборуваме кога проверувачите на факти се загрозени. Ако не работиме на ова, тогаш нема да ја браниме демократијата“, рече евроамбасадорот.

Фото: Мета.мк

Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп изрази задоволство што може да даде поддршка за оваа иницијатива и настан, кој спои активисти и новинари кои имаат заедничка цел – вистинити извори на информации.

„Во демократското оштество, има потреба од отворена јавна дебата. Кралството Холандија посебно со нашата стратегија, работи на оваа тема. Луѓето треба да се чувствуваат слободни да го кажат своето мислење, без оглед какво е, дали има предрасуди, а владите не треба да се мешаат во таа слобода. Но, има разлика меѓу мислење и факти, тука улогата на проверувачите на факти е многу важна. Оваа работа не е лесна, секогаш ќе има некој кој свесно ќе шири дезинформаии за да ја поткопа работата на проверувачите на факти“, истакна холандскиот амбасадор.

Директорот на „Метаморфозис“, Бардил Јашари кажа дека овој настан е значителна пресвртна точка со оглед на тоа дека се одбележува Меѓународниот ден за проверка на факти.

„Овој настан ги потврдува нашите заложби за заштита на вистината и интегритетот, ја истакнува незаменливата улога на проверувачите на факти. Силно веруваме во заедничките заложби, во транспарентните процеси и во мрежата на споделување, бидејќи тоа е основа на нашето работење во Метаморфозис, кој годинава слави 20 годишнина. Оваа мрежа на Балканот е како еден нормален напредок во регионот од сите конференции кои се одржаа. Сакаме оваа мрежа да создададе нови партнерства оти само со заедничко работење можеме да направиме значително влијание“, истакна Јашари.

Тој зборуваше за дезинформациите и како тие ја рушат довербата во институциите.

„Борбата бара еден целисходен пристап. Се бориме против различните актери кои шират дезинформации во регионот. Процесот на проверка на факти е за заштитување на самата основа на демократијата. Годинава има избори во САД, ЕУ но и кај нас, па се зголемува ризикот од користење технологија за да се наруши демократијата. Токму овде проверката на факти е од клучно значење. Метаморфозис ги споделува сите заложби во заштита на интегритетот и борбата против дезинформациите. Без вашата поддршка овој настан немаше да биде возможен, благодарам на сите членови од сите земји кои се денеска во Скопје“, додаде Јашари.

Свое кусо излагање имаше и Роберт Хуќи, од Western Balkans Task Force, European External Action Service, кој потсети дека во претходните години, организацијата поддржувала справување со дезинформации во соработка со „Метаморфозис“.

„ЕУ е проактивна и цели да воспостави универзални принципи за употреба на вештачката нтелигенција. Мора да ги штитиме интегритетот на дигиталниот простор, бидејќи дезинформациите се шират и се штетни, па мора да се грижиме да останеме пред нив. Мора да ги поддржуваме организациите, со цел да ги направиме поинформирани нашите граѓани“, истакна Хуќи.

На конференцијата, која се одржува во „Холидеј Ин“, присуствуваат истакнати новинари и експерти од регионот и од Централна Европа, вклучувајќи ги Словачка, Србија, Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и Косово кои се занимаваат со проверка на факти и спротивставување на дезинформации, како и домашни претставници на владини институции и невладини организации и амбасади.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...