fbpx

Русија предновогодишно сака да ја остави Украина без струја, лансираше 120 ракети

-

Над 120 проектили истрела Русија кон Украина утрово, во нов ракетен напад кој ги остави без струја поголемите градови низ земјата.

Речиси 90 отсто од жителите во градот Лвив на западот на Украина и околу 40 отсто од главниот град Кијив се оставени без струја по руските напади врз енергетската мрежа. Пријавени се најмалку три повредени лица во украинскиот главен град, додека две лица се извлечени од под урнатините на куќа која била погодена во ракетирањето, јавува Гардијан.

Јуриј Игнат, портпарол на командата на воздухопловните сили на Украина утрово информираше дека во последниот руски ракетен напад биле вклучени 13 авиони и два брода во Црното Море. Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, изјави дека меѓу повредените три лица е и 14-годишно девојче.

Покрај во Кијив, досега се пријавени експлозии и прекини на електричната енергија во Лвив на западот и Харкив на истокот на земјата. Жителите на украинските градови беа предупредени да останат во засолништата додека траат сирените за воздушен напад, но и да ги наполнат своите уреди со струја и да складираат вода за пиење доколку е тоа возможно.

Украинското Министерство за одбрана издаде пркосно соопштение по серијата ракетни напади од Русија утринава:

„Руските терористи во последните денови од годината го изведоа еден од најмасовните ракетни напади од почетокот на инвазијата. Тие сонуваат дека Украинците ќе ја дочекаат новата година во темнина и студ. Но, тие не можат да го победат украинскиот народ“.

Инаку, противвоздушната одбрана во Кијив соборила 16 руски ракети, додека гувернерот на регионот Одеса информираше дека 21 проектил бил соборен од воздушната одбрана над регионот. И во Одеса на југот на Украина, како последица на ударите има оштетувања на енергетската инфраструктура, поради што има прекини на струја, јавува Укринформ.

Украинските власти информираат дека противвоздушната одбрана успешно дејствувала и во градот Миколаив, каде се соборени пет ракети, додека во Харкив на истокот на земјата биле соборени 11 од лансираните 13 беспилотни летала од иранско производство, кои имале за цел да ја нападнат енергетската инфраструктура во овој украински регион, пишува Укринформ.

Нападите изминатово деноноќие продолжиле и врз регионите Донецк, Луханск, Херсон, Днипропетровск и Харкив. Најмалку две лица се повредени во градот Херсон, додека борбите продолжуваат во Бахмут во Донецкиот регион.

Украинската војска соборила пет непријателски проектили над Црното Море, објави
Виталиј Ким, шефот на регионалната воена управа на Миколаев преку апликацијата за пораки Телеграм, пренесува Гардијан.

Во интервју за Би-би-си, шефот на разузнавачката служба на украинската армија, Кирило Буданов вели дека борбите во Украина моментално се во ќорсокак, бидејќи ниту Украина ниту Русија не можат да постигнат значителен напредок.

„Ситуацијата едноставно е заглавена. Не мрда“, изјави Кирило Буданов.

Откако украинските трупи во ноември го вратија под своја контрола јужниот град Херсон, најголем дел од жестоките битки се префрлија околу градот Бахмут во Донецкиот регион.

На другите места, руските сили се чини дека се во дефанзива, додека зимата го забави темпото на копнените операции во Украина на линијата на фронтот долга 1.000 километри. Буданов вели дека Русија „сега е целосно во ќорсокак“ претрпувајќи многу значителни загуби и верува дека Кремљ одлучил да објави нова мобилизација на регрути. Но, додава тој, на украинските сили сè уште им недостасуваат ресурси за да напредуваат во повеќе области.

„Не можеме сеопфатно да ги победиме во сите правци. Ниту тие можат“, вели Буданов и додава дека многу се задоволни од новите набавки на оружје и на пристигнувањето на пософистицирано оружје во Украина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...