„Еко свест“: Изградба на обновливи извори на енергија на деградирано земјиште за излез од енергетската криза

Фотонапонската електрана Осломеј 1 има капацитет од 10 мегавати. Фото: АД ЕСМ, април 2022

Пет локации во земјава со деградираното земјиште може да се искористат за изградба на капацитети за производство на енергија од обновливи извори, кои ќе имаат потенцијал да заменат голем дел од електраните на фосилни горива. Ова е едно од решенијата на еколошката организација „Еко свест“, како одговор на прашањето за надминување на енергетската криза во земјата.

Екологистите сметаат дека решението на властите да го реактивираат ТЕЦ Неготино, кое користи мазут, како одговор на кризата, е направено без да се води сметка за цената што ја плаќаат граѓаните со своето здравје и животната средина, бидејќи само РЕК Битола и РЕК Осломеј прават штета на јавното здравје од 20 милиони евра годишно.

„Енергетската криза кај нас удри силно затоа што не инвестиравме навремено во обновливи извори, енергетска ефикасност и циркуларна економија на домаќинствата и индустриите. Сепак, енергетската криза отвора и можности преку пристапи до грантови и евтини кредити наменети за енергетска трансформација и префрлање од фосилни горива во енергетски ефикасни системи базирани на обновливи извори на енергија“, истакна Давор Пехчевски, програмски координатор на „Еко-свест“, на осмата конференција за циркуларна економија која се одржа на Економскиот факултет во Скопје.

Искористувањето на деградираното земјиште за производство на електрична енергија, смета тој, причинува минимална штета врз животната средина, а потенцијалот на локациите е огромен и може да заменат голем дел од електраните на фосилни горива, со изградба на различни капацитети и користење на повеќе технологии.

„Ни треба и праведна транзиција, бидејќи повеќе од 10.000 луѓе се директно или индиректно зависни и работата на ТЕЦ Неготино, РЕК Битола и РЕК Осломеј. При исфрлање на фосилните горива од употреба, ова се работни места коишто треба да се заменат со нови, а со правилно планирање и енергетска трансформација, овие места може и да се зголемат“, смета Пехчевски.