fbpx

Покојниот Златко од село Драмче бил заборавен од системот

-

Во Делчевско досега не се случило некој да почине од глад. Храна се наоѓало секогаш, дури и во тешките поствоени времиња, ја коментираат постарите делчевци веста за смртта на 43-годишниот Златко Ѓорѓиевски.

Тој во понеделникот во старата семејна куќа во селото Драмче беше пронајден мртов, премрзнат и прегладнет. Лекарите, кои тој ден двапати оделе во неговата куќа, велат дека бил коски и кожа, а на лицето единствено се гледале очите вдлабени во коските.

Како се случило овој човек да биде заборавен од сите, вклучувајќи ги и институциите, кои по својата поставеност треба да се грижат за овие случаи?

Златко поминал околу една година во затвор за кражба во Берово. Пред еден-два месеци се вратил од затвор и целосно се изолирал иако повратниците од затвор треба да се под посебна грижа на институциите.

Жителите на Драмче сведочат дека Златко ги избегнувал луѓето, што не било тешко, со оглед на тоа дека селото е од растурен тип, поделено по маала со две-три куќи во близина. Селаните велат дека Драмче, кое е на четири километри од Делчево, има атар речиси колку Белград, со само стотина жители.

Златко често бил гледан како талка низ шумата или седел со книга в раце. Го знаат како учесник во неколку македонски квизови, каде покажал солидно знаење. Последно, работел како овчар во Беровско. Потоа заминал во затвор.

Во понеделникот, по неколкудневно неизлегување, селаните го нашле стуткан и неконтактибилен, по што повикале лекар. Златко одвај давал знаци на живот кога првпат дошла екипа на итната помош од Делчево. Немал здравствено осигурување, не бил во здравствениот систем. Кога вторпат дошле, лекарите констатирале смрт.

Без никакви приходи, Златко бил препуштен сам на себе. Директорот на Центарот за социјални работи од Делчево, Александар Николов, вели дека се обидувале да му помогнат.
– Како повратник од затвор, лицето има право на еднократна социјална помош, но ние не можевме да го пронајдеме бидејќи немаше адреса, а и постојано беше во движење – изјави Николов.

На крај, државата, сепак, поведе грижа за Златко. Обезбеди пари за погреб.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...