Руски студент заврши во затвор поради про-украинско име на „Wi-Fi“ мрежа во студентски дом

Студентот бил уапсен во средата наутро, откако полицаец го пријавил името на мрежата. Според судските документи, полицајците упаднале во неговата соба во студентскиот дом и го пронашле неговиот компјутер и „Wi-Fi“ рутерот

Фото: Michael Parulava on Unsplash

Студент е осуден на 10-дневен затвор во Москва, откако ја именувал својата „Wi-Fi“ мрежа со про-украински слоган, пренесе Би-би-си.

Студентот на Московскиот државен универзитет ја преименувал својата интернет мрежа во „Slava Ukraini!“ (Слава на Украина!).

Московскиот суд во четвртокот го прогласи за виновен за прикажување „симболи на екстремистички организации“.

Студентот бил уапсен во средата наутро, откако полицаец го пријавил името на мрежата до властите. Според судските документи, полицајците ја прегледале неговата соба во студентскиот дом и го пронашле неговиот компјутер и „Wi-Fi“ рутерот.

Судот рече дека студентот ја користел мрежата за да го промовира про-украинскиот слоган пред неограничен број корисници во опсегот на рутерот, кој сега е одземен.

Од почетокот на руската агресија врз Украина, илјадници лица се осудени на затворски или парични казни за критикување на инвазијата или заради поддршка на Украина.

„Слава на Украина“ стана собирен повик за поддржувачите на Украина и редовно се слуша како се скандира за време на протестите против руската агресија.

Минатиот месец стотици луѓе беа приведени заради положување цвеќе во спомен на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина под сомнителни околности во затвор во Арктичкиот круг.

Украинскиот конфликт во Русија не смее да се нарекува „војна“, туку „специјална воена операција“.