fbpx

Пендаровски бил разочаран од тоа што го слушнал, повикува на брза и темелна истрага

-

Лично, како човек, разочаран сум, одговори претседателот Стево Пендаровски на новинарско прашање дали е разочаран од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Шефот на државата денеска напладне одржа прес-конференција за случајот „Рекет“, на која повика на брза и темелна истрага, обвиненија против сите инволвирани и политичка одговорност на сите кои било како се поврзани со случајот.

– Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор, како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет. А, не е така – рече Пендаровски.

Тој нагласи дека „Рекет“ е огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава.

– Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања, и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава – истакна Пендаровски.

Претседателот побара од надлежните институции ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумпција на невиност, обвиненија против сите инволвирани за кои има докази, без разлика дали се носители на јавни функции, и политичка одговорност од сите политичари, независно дали се од власта или од опозицијата, кои имаат друга, било каква поврзност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага

– Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери – рече македонскиот претседател.

Пендаровски нагласи дека како претседател им дава целосна поддршка на надлежните институции, особено на обвинителството и судот, и ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да ги заштити од притисоци.

– Исто така, ќе ги употребам сите законски овластувања да ја заштитам националната безбедност од обиди за нејзино нарушување било од надвор, било од внатре – рече претседателот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...