Стевче Јакимовски и Катица Јанева на црната листа на САД

Во соопштението на Американскиот Стејт департмент како причина се наведува дека двајцата биле инволвирани во коруптивни активности

фото: Ivka20, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons и архива на Мета.мк

Градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за претседател, Стевче Јакимовски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се најдоа на црната листа на САД. Во соопштението на Американскиот Стејт департмент како причина се наведува дека двајцата биле инволвирани во коруптивни активности.

„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вмешан во коруптивни дела, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да стекнува корист за себе и за неговите соработници“, се вели во соопштението во однос на Јакимовски.

За поранешната специјална обвинителка Јанева, која е на издржување затворска казна, се вели дека ги користела своите позиции на моќ.

„Во нејзиното службено својство на поранешен специјален главен обвинител на Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Јанева побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност“, се вели во соопштението.

Се огласи и американската амбасадорка Ангела Агелер.

„Денешнoто обележување на поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба да изненади никого. САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, гранка на владата или заедница вклучена во значителна корупција. Луѓето од Северна Македонија заслужуваат правда и одговорност од своите институции, за да се стопира бранот на криминално однесување и да се спречи ракот на корупцијата“, напиша Агелер на Фејсбук.

На таканаречената американска црна листа досега се најдоа експремиерот Никола Груевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко…

Во меѓувреме, во земјава се разви дебатата и започна јавната расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои се предвидува таканаречената американска „црна листа“ да биде основа врз која одредени лица или субјекти може да се најдат на списокот на санкции на земјава.

Со законските измени требаше, покрај резолуциите на ОН и правните акти на ЕУ, и правните акти што ќе ги донесе американската администрација да бидат причина за земјава да воведе рестриктивни мерки кои имаат за цел „одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи“, но и борба против корупција.

Минатиот месец овие законски измени беа повлечени од собраниска процедура. Повлекувањето се случи откако на чело на техничката влада застана поранешниот шеф на Собранието, Талат Џафери, кој јасно кажа дека е против ова законско решение.