Учење и вмрежување беа целите на интердисциплинарната студентска конференција во Охрид

Дополнителна цел ни беше после ковид пандемијата студентите да се вмрежат, да се дружат и да се запознаат затоа што може да се дојде до исклучително добри соработки. Со здружување доаѓаме до синергија за општествени промени, кажува Николовски, претседател на  Универзитетско студентско собрание на УКИМ.

Финансиска едукација, аспекти на урбано планирање, музикотерапија, јавно говорење, унапредување на кариерни вештини и градење на свој бренд беа само дел од темите на работилници кои студентите имаа шанса да ги посетат викендов во склоп на интердисциплинарна студентска конференција. Повеќе од 300 млади викендов го посетија Охрид на конференцијата која беше организирани од Универзитетско студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Првиот ден студентите учествуваа на 2 интерактивни работилници кои ги бираат според своите интереси додека на вториот ден се одржаа 2 панел дискусии во центарот за култура Григор Прличев. На првата првата панел дискусија насловена „Потрага по повисоки вредности во современиот свет“ говореа претставици од општествените факултети, додека на втората дискусија насловена „The New AI world“ говореа експерти на темата за вештачка интелигенција.

Официјалното отварање на конференцијата започна со говор на студентката Ивона Тодорова на Правниот факултет „Јустинијан Први“ која повика на обединување и заедничка акција на студентите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)

При воведните обраќања, ректорката на УКИМ Билјана Ангелова, порача дека универзитетот заедно со своите студенти се развива следејќи ги новите развојни текови на високото образование во европскиот простор и пошироко, а ги унапредуваат наставните програми во правец на создавање високобразовни кадри во сите домени во согласност со највисоките меѓународни програми.

„Системот на образование е динамичен и овозможува мобилност на студентите и на наставниот кадар поголема присутност на наставата која се изведува на светските јазици и постојано осовременување на наставните и предметните програми во согласност со пазарот на трудот“, кажа Ангелова.

Кон присутните се обрати и Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центар за Кариера на УКИМ која кажа дека академското знаење претставува основа на клучни компетенции кои ги бара пазарот на трудот, но и дека само по себе тоа денес не е доволно.

„Рамнотежата меѓу академското знаење и практичното „know-how“ како и на меките вештини мора да биде специфично за секоја образовна програма независно од научното поле, од таргетираните компетенции од таргетираните работни места и така натаму“, вели Рибарска.

Раководителката на Центарот за кариера кажа и дека услугите за кариерна поддршка интегрирана во образование се клучни за на младите да им се понуди објективен поглед на можности за работа охрабрувајќи ги проактивно да градат исполнувачки кариери во се побрзо менливиот свет на работата.

Таа ја поздрави иницијативата и жарот со кој студентите во последно време постапуваат кон реализација и учество на сите активности кои водат до нивен личен и кариерен развој.

Александар Николовски, претседателот на Универзитетското студентско собрание за Мета.мк кажува дека овој настан на студентите им пружи можност да учат од квалитетни професори и експерти во бизнис секторот при што се здобиваат со нови знаења и вештини кои може да им помогнат на студентите по завршување на факултетот, но и дека конференцијата беше можност за дружење меѓу студентите.

„Дополнителна цел ни беше по ковид пандемијата студентите да се вмрежат, да се дружат и да се запознаат бидејќи така може да се дојде до исклучително добри соработки. Со здружување доаѓаме до синергија за општествени промени“, Кажува Николовски.

Додава и дека недостатокот на вакви настани е мотивација за студентското собрание повторно да работи на слични случувања и дека е ставен акцент на забавни и спортски настани.

На конференцијата учествуваа и неколку странски студенти кои студираат во Македонија преку програми за размена на студенти. Целите на ова академско собирање беа преплетување на знаења и идеи како и сполтување на студентите, а воедно претставува и една од најголемите студентски конференција во Македонија досега.