fbpx

Дезинформациите се значително засилени во предизборните кампањи

Интересен пример сподели Јан Цингел од Словачка, кој кажа дека пред изборите во оваа земја, се појавил аудио запис генериран од АИ, на кој се слушал гласот на многу позната истражувачка новинарка од Словачка, како да зборува со лидерот на прогресивната партија

-

„Демократијата во ризик: Избори во ерата на дезинформации“, е насловена втората сесија од регионалната конференцијата, со која Антидезинформациската мрежа на Балканот го одбележува Меѓународниот ден на проверката на факти. Активисти и новинари од земјите во регионот споделија искуства кои се однесуваат на дезинформациите, посебно во периодот на предизборија.

Владимир Ерцег од Центарот за истражување, транспаренстност и отчетност (ЦРТА) во Србија, зборуваше за изборите кои се одржаа во јануари во оваа земја.

„Имавме избори во јануари, ќе имаме избори во јуни, постојано сме на штрек кога станува збор за употребата на дезинформации во изборните кампањи. Од 2016 година ЦРТА ја следеше регуларноста на изборниот процес. За предвремените парламентарни избори, ЦРТА дозна дека овие избори не беа слободни и фер и дека не ја одразуваат волјата на граѓаните. Најдовме 13 отсто нерегуларности во Белград. Функционерите на владејачката партија покажаа нечиста игра“, рече Ерцег.

Исмар Милак од босанската организацијата „Зашто не?“, кажа дека во период на предизборие во земјата никнуваат нови портали кои веднаш по изборите згаснуваат.

„Има ужасни дезинформации секој ден во Босна и Херцеговина. Имаме избори на секои две години. На социјалните мрежи имаме партиски ботови кои сакаат да претстават слика дека оредена партија е одлична. Имаме примери кога на новинарско шоу се презентира изборен кандидат, а притоа му овозможува да зборува без никаква критика и тоа повеќе личи на негова промоција. Имаме само 200 регистрирани портали. Пред избори се отвораат и после избори се затвораат. Тие портали критикуваат, шпекулираат, дезинформираат. Се прават измени на Законот за да може да се регулира ова“, потенцира тој.

Интересен пример сподели Јан Цингел од Словачка, кој кажа дека пред изборите во оваа земја се појавил аудио запис генериран од АИ, на кој се слушал гласот на многу позната истражувачка новинарка од Словачка, како да зборува со лидерот на прогресивната партија.

„Разговорот беше за тоа како да се купат гласовите на Ромите во Словачка. Тоа беше прилично сериозно. Овој наратив одеше низ целата изборна кампања и тоа беше нивниот адут, но за среќа се докажа дека видеото е генерирано од АИ“, рече Цингел.

Дека има портали кои шират дезинформации, кажа и Марко Вукајловиќ од црногорскиот Центар за демократска транзиција (ЦДТ), кој рече дека сепак најголем проблем се социјалните мрежи, со оглед на тоа дека таму секој може да каже што сака, а притоа да го следат многу луѓе.

„Тоа е битката која секој ден ја водиме“, рече тој.

За дезинформациските кампањи и за успешноста на руските дезинформации, во видео-обраќање зборуваше Јакуб Каленски од финскиот Eвропски центар за спротивставување на хибридни закани. Добрите вести според него, се што за среќа, конечно подобро се детектира проблемот и што во изминативе години, новинари и истражувачи од граѓанското општество откриваат дезинформации.

„Но, лошите вести се дека не правиме доволно за да го спречиме Кремљ и тоа го гледаме на терен. Иако имаме бавен напредок, тоа не е доволно, не ги спречуваме од воена и информациска гледна точка. Исто и во информацискиот домен, со моменталната траекторија, Русија победува. Гледаме дека има дезинформациски кампањи, а и победуваат на избори оние кои ги поддржуваат руските кампањи. Не ни е од корист да зборуваме за изборни дезинформации. Илон Маск, папата Франциск ѝ овозможуваат на руската пропаганда да се шири, а анкетите велат дека голем процент луѓето им веруваат. Руските дезинформации се успешни, без оглед на тоа што се зголеми бројот на луѓе кои ги детектираат дезинформациите“, рече Каленски, потенцирајќи дека недостасува долготрајна и јасна стратегија во борбата од информациска гледна точка.

Свое обраќање на конференцијата имаше и Светлана Силјановска од Владата на РСМ, која истакна дека Владата, граѓанските организации и медиумите потребно е заеднички да се вклучат и заедно да се спротивстават на организираната структура која ја има на другата страна.

„Она што е кај нас воочливо во секој изборен процес досега, е предизборната тензија, која најчесто е меѓуетничка. И тоа е дел од тие хибридни активности кои влијаат на целата атмосфера. Сите дезинформации кај граѓанинот може да предизвикаат збунетост, па затоа заедничкиот пристап и делување се најважни“, рече таа.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...