fbpx

Пендаровски: Барам доверба оти зад мене немам афера, случај на корупција, провизии или наместени тендери

Стево Пендаровски, на изборната конвенција во Скопје вчера ја побара поддршката од граѓаните и најави дека очекува победа пред присутните во салата „Борис Трајковски“

-

Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе на еднаков начин независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе продолжам да соработувам и да ги почитувам младите луѓе чиј професионален успех не се должи на партиски или фамилијарни врски, ќе продолжам да им помагам на понижените да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат и ќе продолжам да го критикувам криминалот и високата корупција на кој било во државата, вклучувајќи ги и оние кои ме поддржале и гласале за мене.

Вака кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, на изборната конвенција во Скопје вчера ја побара поддршката од граѓаните и најави дека очекува победа пред присутните во салата „Борис Трајковски“.

Фото: Тим за комуникации
„Претседател за сите – Стево Пендаровски!“

Во своето обраќање пред присутните Пендаровски истакна дека повторно ја бара довербата од граѓаните, затоа што зад неговото име нема ни една афера, ни еден случај на корупција, на провизии или наместени тендери. Toj се осврна на сработеното во петгодишниот мандат, жестоко ја критикуваше опозицијата и ги нагласи успесите но и грешките на неговата матична партија СДСМ. Најави дека ќе бара ветинг за судиите обвинителите и политичарите како што предложи опозицијата но со разлика што би се проверувало уште од осамостојувањето на државата.

„Кога станува збор за нашите грешки околу стратешките прашања немавме. Но за политики и за кадровски одлуки имавме. Застанавме на половина пат во нашиот слоган „Нема правда, нема мир“. Во оваа смисла не може да го вратиме времето но мора да се обврземе на ветинг на политичари, судии и обвинители. Сите кои намерно држат предмети во фиоки или не може да докажат од каде им се милионите треба да лежат во затвор. Го поддржувам ветингот на политичарите кој го предложи опозицијата и додавам една ставка – да се испитува од деведесеттите до денес да се види кои ги кршеа ембаргата и зедоа национализиран имот за себе“, рече Пендаровски пред присутните.

На конвенцијата, покрај претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Димитар Ковачевски и сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска се обратија и актерката од турскиот театар Несрин Таир, писателот и активист Рамадан Рамадани и музичарот Ристо Вртев, кои дадоа поддршка за кандидатурата на Пендаровски за втор мандат.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на конвенцијата ги повика граѓаните да го поддржат кандидатот за претседател Пендаровски во првиот круг на 24 април и да покажат дека Македонија сака лидер кој верува во европските вредности и во прогресивната иднина и, како што истакна Ковачевски на 8-ми мај да победи европска Македонија.

Фото: Тим за комуникации
„Претседател за сите – Стево Пендаровски!“

Сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска на конвенцијата истакна дека и покрај одговорната функција којашто ја извршува, Пендаровски како човек не се сменил бидејќи како што рече Ѓоргиевска, вистинскиот претседател е тоа, пред сѐ, човек: оној кој е заштитник на послабите, оние со помалку можности, маргинализираните и додаде дека во изминативе пет години Пендаровски бил морална вертикала и глас на разумот и во најтешките моменти, верувајќи дека само вистината е важна, независно од рејтингот.

Актерката Таир истакна дека благодарение на досегашната работа на Пендаровски, највисоки државни награди добиле нејзини колеги, актери и режисери, кои, преку беспрекорно одиграни улоги, зад себе оставиле непроценливо богатство. Таир додаде дека нејзината поддршка за Пендаровски се темели на стандардите кои ги постави, на неговата посветеност, хуманост, демократскиот дух, како и волја да не запреме со осовременување и унапредување на системските вредности на нашата земја.

Според писателот и активист Рамадан Рамадани, Претседателот ја претставува Републиката и е симбол на заедништво на нацијата. Во оваа насока Рамадани рече дека е уверен дека мнозинството граѓани ќе го препознаат вистинскиот претседател.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април а покрај Пендаровски кабинетот во „Вила Водно“ ќе се борат и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО – ДПМНЕ, Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Арбен Таравари од Вреди, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од партијата ГРОМ.

Вториот круг на претседателските избори е закажан на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...