Дали треба да се означат сликите генерирани со вештачка интелигенција?

Сликите носат со себе емоција на автентичност, која може да се злоупотреби, вели германскиот министер за правда Марко Бушман

Фото: Peter Steffen/dpa

Германскиот министер за правда Марко Бушман ги поддржува барањата фотографиите и филмовите направени со помош на вештачка интелигенција (ВИ) да бидат означени, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Сликите носат со себе емоција на автентичност, која може да се злоупотреби, изјави Бушман за редакциската мрежа Германија.

Поставувањето на обележје, додаде тој, не е пречка за креативноста.

„Но, би станало полесно да се препознае дали сликата е уметничко дело или претставување на реалноста“.

На прашањето дали гледа потреба од легислатива против пропаганда, говор на омраза и лажни профили на социјалните мрежи како Тикток, Бушман изјави дека владата сигурно не сака да го забрани слободното изразување на мислење.

„Но, има граници: навредите, заканите, поттикнувањето омраза, објавувањето таканаречени списоци на непријатели и антиуставната пропаганда се криминални дела и на интернет“, посочи министерот.